Македонија
Стручна расправа за предложените измени на Законот за рестриктивните мерки во контекст на казненото законодавство
Здружението за кривично право и криминологија одржа јавна дебата по однос на Законот за рестриктивните мерки. На неа учествуваа еминентни професори, а излагања имаа академик Владо Камбовски и проф. д-р Гордан Калајџиев.
Беше констатирано дека поради повеќе аспекти и тоа: меѓународниот аспект (обврските преземени со меѓународните конвенции и членувањето на државата во меѓународни организации), регулативата на САД во однос на мерки за ограничување на лица поради сериозни кршења на човековите права и теторизмот, уставниот аспект (владеењето на правото, поделбата на власта, заштита на сопственоста и на другите права на граѓаните), кривично правниот аспект (опфатот на кривични дела), кривично процесниот аспект (овластувања за постапување на јавниот обвинител, изрекувањето привремени мерки кон имотот, обезбедување имот заради подоцнежна конфискација), како и аспекти на финансиско разузнавање, потребен е комплексен закон со кој ќе бидат опфатени сите аспекти и којшто ќе се вклопи во националниот правен систем и ќе биде во согласност со гаранциите што Уставот им ги гарантира на македонските граѓани.
Учесниците оценија дека само со ваквиот пристап ќе се овозможи импликациите од мерките да добијат национална основа, бидејќи за разлика од директната примена на конвенциите, странското право не може директно да се применува.
Беше нагласено дека сеопфатниот приод е неопходен за да се одбегнат можни негативни импликации коишто би се состоеле во покренување постапки за оцена на уставноста на законските решенија, апликации до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, поради повреда на гаранциите на правично судење и сл.
Предложените измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки содржат погрешен концептуален пристап. Имено, мерките како резултат на правни акти на меѓународните организации директно се применуваат, се однесуваат на тероризам и пролиферација и со оглед на тоа што државата се обврзала при членството во организациите, неспорна е надлежноста на Владата да донесува соодветни одлуки за постапување по таквите меѓународни правни акти. Правните акти донесени од страна на странски држави не може директно да се применуваат, Владата нема надлежност да постапува, Владата не е надлежна да донесува мерки на забрана, финансиски мерки против домашни физички и правни лица. Ова е надлежности на судот и предложените измени и дополнуваат се генератор за активирање на уставните механизами за заштита. Едновремено се појавуваат многу дилеми во однос на механизамите за ефикасна имплементација на правните акти на странската држава, бидејќи доаѓа до допир на јурисдикции на различни држави.
Уставот ги гарантира слободите и правата на граѓаните, пропишува во кои случаи само со судска одлука определени права и слободи може да бидат ограничени, а поделбата на власта ја вбројува во рамките на темелните вредности на кои почива уставниот поредок.
Предложените измени излегуваат и надвор од рамките на правните акти на странските држави, каде што покрај тероризмот, повредата на човековите права и значителната корупција, опфатени се и кривични дела против службената положба, но и т.н. хибридни активности против државата. Се оценува дека е прешироко да бидат опфатени сите кривични дела против службената должност, а од друга страна сосема е нејасен и недефиниран поимот „хибридни активности против државата“ , којшто ниту е познат во домашното казнено законодавство, ниту постои како modus operandi на некои инкриминирано кривично дело, ниту е објаснет и дефиниран во предложените измени.
Мерките што имаат карактер на санкции, согласно толкувањето на Европскиот суд за човековите права, мора да се изрекуваат согласно домашното законодавство и да се обезбеди соодветна судска заштита.
Од расправата беа извлечени заклучоци дека станува збор за три аспекти што треба да се имаат предвид и коишто не може да се комбинираат туку треба да имаат автономно законско уредување:
– Правни акти на меѓународни организации за коишто Владата донесува одлука
– Донесување домашен т.н. Магнитски закон според кој домашните власти би донесувале правни акти за странски државјани
– Имплементирање на правните акти на странска држава во однос на домашни државјани.
Поради неприфатливиот концептуален пристап, не навлегувајќи во коментирање на конкретни одредби, беше укажано дека во предложените измени се забележуваат термини коишто стручно и терминолошки се несоодветни и не се користат во нашето законодавство, што може само дополнително да го отежни нивното правилно толкување и имплементирање.
Беше нагласи недоволната издиференцираност помеѓу мерки и иницијативи, дали иницијативите се посебни мерки или се во рамките на финансиските мерки и дали за нововнесените правни акти може да се определат сите наведени рестриктивни мерки или само иницијативите.
Системот на реакција врз основа на донесените правни акти може да биде ефективен и според постојното законодавство. Во оваа смисла потребно е зајакнување на активностите на Координативното тело, потребно е претставникот од ЈОРСМ да го води Координативното тело и на тој начин да се обезбеди соодветна активност на јавното обвинителство во рамките на неговите пропишани надлежности. Ако отсуството на реакција се должи на недоволна координација, овој аспект треба да се зајакне и ефектите од правните акти да се инкорпорираат во домашната казнено правна рамка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Колку криминални шеми имаат издејствувано Заев, Филипче и Николовски, Обвинителството да отвори постапка
„Заев му помогнал со отпишување на жито за 800.000 евра, Љупчо Николовски возвратил со грант за „Мамас“ од 1,4 милиони евра. По камуфлирањето на кусокот на 2.000 тони жито вреден 800.000 евра на владина седница од страна на Заев и Филипче, Љупчо Николовски веќе следната година му возвраќа за услугата на кланот Заеви со грант од 1,4 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2022 година Компанијата „Тргопродукт“, која е во сопственост на кланот Заеви, добила грант вреден 1,4 милиони евра. Тоа е истата фирма на кланот Зaеви препознатлива под брендот „Мамас“.
Вредноста на грантот е близу 87 милиони денари или 1,4 милиони евра, и овој грант во тој момент бил втор најголем грант во историјата откако се работи со ИПАРД програмата.
Колку вакви криминални шеми имаат издејствувано Заев, Филипче и Николовски за своето владеење и колку народни пари се злоупотребени?
Дали Љупчо Николовски како тогашен министер интервенирал и им ја возвратил услугата на кланот Заеви за да добијат неповратен грант од ИПАРД програмата вреден 1,4 милиони евра?
Дали ова е меѓусебен дил на Заев и Николовски и колку вакви злоупотреби со тендери и грантови во нивната коруптивна шема постојат?
ЈО да отвори постапка и да ги истражи случаите.
Николовски како и Филипче се дел од корумпирана структура и дел од криминалните шеми на Заев и се додека СДС не се ослободи од овие компромитирани кадри не може да биде конструктивна опозиција која ќе биде додадена вредност во демократските процеси во државата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Муцунски ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел
На покана на Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.
Министерскиот состанок претставува уште една можност министрите да разменат ставови во однос на донесените одлуки од Самитот на НАТО во Хаг, кои се важни за иднината на Алијансата, како и да разменат мислења за напредокот во зајакнувањето на индивидуалните способности и капацитети за овозможување ефективна колективна одбрана и безбедност.
Во фокусот на дискусиите се очекува да бидат разменети информации за заедничките напори за продолжување на континуираната поддршка за Украина, како и размена на ставови за одговор на актуелните безбедносни предизвици и закани, вклучително и дестабилизирачките активности на малигните актери и стратешките конкуренти, кои имаат за цел да ја нарушат воспоставената безбедносна архитектура и меѓународниот правен поредок, извести Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
На маргините на министерскиот состанок, предвидено е министерот Муцунски да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со шефот на американската делегација, заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, како и да учествува на тематски состанок посветен на Коридорот 8.
Македонија
Делови од Гази Баба и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, дел од улица Коце Металец и Филип Филиповиќ (од улица Рударска до Трафиките за храна пред паркингот), без струја ќе останат и зградите на два Баќа градители и зградата на Ул.Коце Металец Бр2 (општина Гази Баба)
– во период од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците на ул.Струшка (општина Карпош).

