Македонија
Јанушев: ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе тужба за Спасовски, оваа власт на ДУИ и СДС е жив зијан за граѓаните
„Поради неодговорноста и измеќарскиот однос на СДС, граѓаните се доведени во ситуација да бидат во притвор во сопствената држава. Имено, изминатите години, надлежните институции, пред се МВР предводено од Спасовски, свесно работеле против интересите на државата и граѓаните, за сега да има целосен крах во издавањето на патни исправи поради што граѓаните не можат да ги остварат своите основни слободи и права“, вели Игор Јанушев, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова е директно нарушување на човековите и граѓанските права на секој поединец во Македонија, затоа што некој ја злоупотребил својата должност и несовесно работел во службата. Оливер Спасовски е директно одговорен за ова, бидејќи со години наназад набавувал обрасци за лични и патни исправи и истите ги издавал, иако бил свесен дека тие ќе станат неважечки пред истекот на нивниот рок на важност. Со тоа, Спасовски не само што го оштетил државниот буџет, туку ги оштетил и граѓаните кои денес се соочуваат со ограничување на движењето и материјална штета. За ова ВМРО-ДПМНЕ во име на сите граѓани ќе побара кривична одговорност од Оливер Спасовски, затоа што граѓаните кои извадиле пасош во период од 2018 година па до денес, а на кои државата не им издала соодветна патна исправа, се директно оштетени и доведени во омаловажувачка позиција да не можат да ги уживаат своите права“, вели Јанушев.
Како што додава, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе и тужба со цел обештетување на граѓаните кои свесно од страна на ова влада на ДУИ и СДС беа изложени на непотребни финансиски трошоци.
„Почитувани, ова покажува дека оваа власт на ДУИ и СДС е жив зијан за граѓаните. СДС и Ковачевски треба да се засрамат и да им се извинат на граѓаните за овој хаос. Најмалку што може да направат е да ги прифатат измените на законите за лични документи и за безбедност во сообраќајот во итна постапка во Собранието, како прв чекор, за да ја ублажат катастрофата кои ја предизвикаа“, завршува Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Села: Не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии
Зијадин Села од Алијанса за Албанците во интервју за Трилинг по изборите и изборните резултати и случувања, вели дека се работи за изборен инжинеринг и закрупнување на неколку политички сили. Според Села, не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии.
„Тука се најглавните албански партии. А дали сме подготвени за во опозиција, по демократските правила, тоа не го кажувааат политичките чинители, тоа го кажува народот, кој гласаше на 8 мај за Европскиот фронт да презема одговорности и да биде дел од власта“, вели Села.
Тој смета дека „погрешна е дефиницијата за коалицирање победник со победник, треба да е мандатар со победник. Победникот од македонската страна е дефиниран со Устав. Демографската реалност е за да има стабилност и да одиме напред, треба да се испочитува волјата на втората етничка заедница која е 30%, наспроти 54% кои се Македонците, според последниот попис“.
Додава дека Владата треба „да се изјасни во врска со обидот за изборен инженеринг. Според Пржинскиот договор, на техничкиот премиер е да обезбеди фер и демократски избори. Тие не се надвор од одлуките кои се носат во ДИК и Управен суд. Техничката влада е договор на најголемите политички партии“.
За тоа како Европскиот фронт ќе се однесува како опозиција во Собранието, Села вели „треба да се почитува желбата на граѓаните, не на Мицкоски. Ние ќе се однесуваме сразмерно на тоа како ќе биде решено. Не сакам да коментирам желби. Од ДИК се уште не се објавени мандатите, кој колку има. Се уште Мицкоски не е мандатар“.
Македонија
Денес малку сонце, па облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.