Македонија
Павле Трајанов: Постапката за хашките предмети да продолжи
На денешната парламентарна расправа, во врска со изборот на двајца министри (за здравство и за информатичко опшество), Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз, меѓу другото го нагласи следното:
„Наместо техничката Влада да работи на создавање услови за организирање фер и демократски избори, подобрување на изборните правила, превентивно да делува за елиминирање на какви било можности за кршење на изборните правила, како и нормално функционирање на системот во целина, премиерот само по неколку дена од преземањето на функцијата предлага реконструкција. Во суштина, ДУИ и СДСМ директно се вклучија во внатрепартиските процеси во Алијансата на Албанците, откако беше објавено дека Алијансата нема да се приклучи на коалиција помеѓу ДУИ и СДСМ, туку на опозициониот сојуз на албанските партии“, вели Трајанов.
Како што додава, СДСМ долго се обидува да направи раскол во ВМРО-ДПМНЕ.
„Се вмеша во изборот на лидер на НСДП, го отстрани од функцијата претседателот на ЛДП и сега, заедно со ДУИ, предизвикаа раскол во Алијансата на Албанците. Во овие тешки состојби за граѓаните овие две партии се самопрогласуваат за проевропски, за влез на Македонија во ЕУ. Без правда, со висока корупција, со колабирани државни институции, ‘точно’ е дека ги отворија вратите на ЕУ, каде од 2001 година во еден правец заминаа над 200.000 Албанци и над 800.000 Македонци. Меѓу другите причини за тоа, се и рефлексиите од конфликтот од 2001 година, конфликт кој во основа беше војна за територии, но подоцна, под силен притисок на меѓународните фактори, стана борба за човекови права. Затоа се залагам да се истражат сите аспекти на овој конфликт, причините за истиот,кој и зошто ја опструираше одбраната, кој и зошто заговараше размена на територии и население, кој изврши злосторства над цивилите, кој профитира од конфликтот, како и други прaшања, за да изгрaдиме механизми да не се повтори, а такви обиди имаше – Диво насеље во Куманово и Смилковско езеро“, посочува Трајанов.
Тој ги повикува сите пратеници да создадат услови да продолжат истражните активности за четирите Хашки предмети („Водство на ОНА“, „Липковско Езеро“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски рабитници“) случаи на воени злосторства над цивили, кои не застаруваат.
„Да постапиме по барањето на Советот на Европа, барање кое се крие од Парламентот и од јавноста. БЕЗ ЦВРСТА ОСУДА НА ЗЛОСТОРСТВАТА ОД МИНАТОТО НЕ МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ МИРНО И ДЕМОКРАТСКО ОПШТЕСТВО.“
Павле Трајанов ја афирмираше определбата за итна седница на Парламентот за ублажување на проблемите и хаосот со личните документи, како и одговорноста за креаторите на ваквите состојби, Димитар Ковачевски, Оливер Спасовски и Бујар Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ: Дебаклот во Давос како слика за урнисана меѓународна позиција на земјава
Демократската унија за интеграција реагира на како што велат, крајно погрешната и штетна патека по која се движи Република Северна Македонија, стратешките отстапувања и честото менување насока, која, според оваа партија, земјата ја доведе во длабока меѓународна изолација, каква што државата не памети во поновата историја.
„Резултат на оваа промашена политика е дебаклот што премиерот и владината делегација го доживеаја на Светскиот економски форум во Давос – дипломатски пораз кој ја маргинализира и ја става во подредена позиција целата земја. На форум на кој практично целиот свет беше присутен, премиерот заедно со владината делегација речиси да немаа ниту една значајна билатерална средба, а нивните настапи на перифериите од форумот, преку нивните видеа на социјалните мрежи, дополнително ја отсликуваа тажната состојба во која е доведена меѓународната позиција на земјата.
Давос покажа и целосно промашување на таканаречената „Периметар дипломатија“. Додека соседните држави беа поканети од претседателот Трамп на т.н. „Board of Peace“, земјава остана меѓу непоканетите. Незрелото менување правци во надворешната политика, но и нејасната позиција на земјата кон сопствената стратешка ориентација, ја доведе државата денес да е игнорирана и од Европската Унија и од Соединетите Американски Држави – двата клучни стратешки партнери на земјата“.
Последиците од оваа изолација, како што посочуваат од ДУИ, веќе се чувствуваат.
Појаснуваат дека европското досие сѐ повеќе се трга настрана, земјата станува ранлива на странски влијанија од алтернативните центри на моќ, со што ѝ се заканува колапс не севкупниот политички систем.
„Два американски инвеститори ја напуштија земјата, нови инвестиции не доаѓаат, буџетот се празни, а економскиот стандард ги прави граѓаните да живеат сѐ посиромашно. Ова не е апстрактна политика, туку состојба која директно ќе ја погоди секоја фамилија, секој работник и секој бизнис“.
ДУИ предупредува дека продолжувањето на оваа состојба на изолација ќе има долгорочни и тешко поправливи последици за економијата, стабилноста и иднината на државата. „Северна Македонија не смее да биде изолирана земја, без сојузници, без перспектива и без доверба“.
Македонија
Петрушевски: Дали Филипче со државни пари сакал поевтино да ја преземе клиниката „Жан Митрев“
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска упати обвинувања до претседателот на СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче, дека во време на владеењето на СДСМ државниот апарат бил користен за остварување приватни интереси, а посебно, како што рече, за притисоци врз доктор Жан Митрев со цел клиниката да му се отуѓи по „багателна цена“.
„Наместо да се грижи за здравјето на граѓаните, Венко гледал како да дојде до приватна болница“, изјави Петрушевски.
Тој посочи дека буџетските трансфери од државата кон Клиничката болница „Жан Митрев“ нагло се зголемиле во периодот кога министерството го водел Филипче. Според податоците што ги изнесе, во 2015 година трансферите изнесувале околу 5,8 милиони евра, а во 2020 – речиси 11 милиони евра.
„Јавно достапните информации говорат дека во време на власт на СДС, особено кога Филипче е министер, се зголемува буџетот кој Клиничката болница од државните институции. Од 361.600.000 денари или околу 5,8 милиони евра, колку што изнесувал буџетот во 2015 година, трансферите до болницата од државната институција се зголемија за скоро дупло со доаѓањето на СДС на власт. Односно, во 2020 година кога Филипче раководеше со македонското здравство, буџетските трансфери кон болницата на којашто Венко и фрлил око, достигнале до 682 милиони денари, сума која во денари изнесува скоро 11 милиони евра“, рече.
„Го прашуваме Филипче: дали овие огромни приливи биле дел од обидот да се изврши притисок за клиниката да се продаде поевтино?“ рече Петрушевски.
Пратеникот апелира до Јавното обвинителство да постапи по, како што рече, сериозните индиции за изнуда и криминал.
Македонија
Алијансата на Таравари со критики за „Безбеден град“: Јазични повреди, селективна примена и непропорционални казни
Алијанса за Албанците (крилото на Арбен Таравари) упати критики за проектот „Безбеден град“ и неговата примена во рамки на Законот за прекршоци, оценувајќи дека истиот отвора сериозни правни, социјални и уставни загрижености.
Од партијата посочуваат три главни проблеми.
Прво, како што велат, не се спроведува Законот за употреба на јазиците, особено во службената комуникација со граѓаните, вклучително и при издавање известувања и санкции поврзани со „Safe City“. Тоа, според нив, претставува директно кршење на јазичните права на албанските граѓани во мултиетничка држава.
Второ, се бара ревизија на висината на казните и дефинирање на толеранција, со цел, како што наведуваат, граѓаните да не бидат неправедно оштетени.
„Безбедноста е важна, но не смее да се гради на сметка на егзистенцијата на граѓаните“, се наведува во соопштението.
Трето, од Алијанса за Албанците посочуваат дека селективната примена на „Safe City“ само во три градови е неправедна и дискриминаторска, иако целта на проектот е зголемување на јавната безбедност.
Партијата бара итно отворање јавна дебата и повикува надлежните институции да ги адресираат забелешките, со цел, како што наведуваат, секој ваков проект да биде во согласност со законот, со еднаквоста и со интересот на сите граѓани.

