Македонија
Грковска: Предизборниот и изборниот период е можност да ја покажеме зрелоста на нашата демократија и нејзините фактори
Со распишувањето на изборите и почетокот на предизборниот период, од огромно значење е секој учесник во овој процес постојано да ги има предвид законите, но и етичките принципи при вршењето на своите активности, вели вицепремиерката Славица Грковска.
„Правичното спроведување на изборите е основа и главен предуслов за вградување на сите останати принципи на доброто владеење, дефинирани од Советот на Европа. А за да осигураме фер и демократска атмосфера, императив е секој чинител во изборите да постапува одговорно и етички и да не го загрозува интегритетот на изборниот процес. Нашата генерација не смее да си дозволи репризи на сцени од не толку далечното минато, случаи на заплашувања и злоупотреби, на компромитирани изборни процеси кои ја уназадуваа државата. Наша споделена должност е да обезбедиме безбедна и демократска атмосфера, во која секој гласач ќе може слободно да го исполнува своето демократско право. Институциите се први на линијата на одговорност, но удел во целата слика има секој од нас“, посочува Грковска.
Без оглед на нашите политички афилијации или припадност, како што вели, приоритет во политичкото дејствување мора да биде добросостојбата на граѓаните и взаемната доверба меѓу заедниците во нашето мултикултурно општество.
„Тоа значи, не само да се придржуваме до одредбите во изборниот и другите закони, туку да поставуваме повисоки етички стандарди пред себе. И така директно придонесуваме државата да оди напред. Секој со својот пример, секој со својот дел од одговорноста, а за сечие добро. Во овие времиња полни со предизвици, особено е важна транспарентноста на изборните кампањи, бидејќи на граѓаните мора да им се овозможи да носат одлуки врз основа на точни информации. Лажните вести, штетните наративи и дезинформациите служат токму за спротивното. И затоа е важно сите политички субјекти да ги презентираат своите програми на отворен и чесен начин, без манипулации. Подеднакво е важно да се води сметка и за елиминирање на дискриминацијата, нетолеранцијата и говорот на омраза од јавниот дискурс, а во насока на унапредување на севкупната политичка култура во земјава“, дополнува Грковска.
Според неа, предизборниот и изборниот период е можност да ја покажеме зрелоста на нашата демократија и нејзините чинители, и затоа е важно секој носител и претендент за функција да води со личен пример, придржувајќи се до етичките стандарди и демократските принципи.
„И во ниту еден момент да не се заборави дека секој што ја бара довербата на избори, треба да делува во најдобар интерес на нашите граѓани и држава“, завршува Грковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Воведуваме „Центарска картичка“ со попусти за културни, спортски настани, локали и продавници
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска најави дека се воведува „Центарска картичка“ со попусти за културни и спортски настани, локали и продавници.
„Секој центарец добива еднаш годишно бесплатна карта за театарска претстава, а за секоја следна купена карта добива 20% попуст. Со картичката, овоможуваме и 20% попуст за натпреварите на нашиот најтрофеен клуб „Работнички“, како и попусти за влез на базен. На нашите центарци, на децата и возрасните им овозможуваме подобри услови и поволности“, рече Герасимовски.
Македонија
Почина Агим Јонуз
Политичкиот анлитичар, Агим Јонуз, почина во Скопје на 63 години по боледување.
Јонуз беше активен во политичкиот живот во Македонија не само како аналитичар и колумнист, туку и како поранешен советник и портпарол на поранешниот претседател на Собранието, Лупчо Јордановски и на поранешниот премиер Бучковски.
Во 2021 година Јонуз беше носител на листа на советници за Град Скопје предложен од „Твоја Партија“.
Јавноста го познаваше како чест гостин во политичките дебатни емисии на телевизиите.
Погребот на Агим Јонуз ќе се одржи утре, 26 октомври 2025 година, на гробиштата во Бутел.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ веќе има 35 градоначалници, рече Мицкоски по повлекувањето на опонентите од Могила и Македонски Брод, очекува 59
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од денешниот митинг во Неготино изрази увереност дека кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ која има предност пред нејзиниот опонент од СДСМ, ќе биде следниот градоначалник на општината.
Мицкоски нагласи дека граѓаните јасно ја изразиле својата волја и доверба кон ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, која во првиот круг освоила 33 градоначалници, наспроти тројца од СДСМ, а во вториот круг влегла во 26 општини.
„Веќе во две општини противниците на нашите кандидати се откажаа – Македонски Брод и Могила – така што во овој момент коалицијата има 35 градоначалници и уште во 24 општини е во втор круг. Тоа се 59 потенцијални градоначалници“, рече Мицкоски, додавајќи дека тоа ќе биде историски најголем триумф на македонската политичка сцена.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие избори, имајќи мнозинство и во 58 општински совети, а го истакна и водството на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, со предност од над три спрема еден во однос на противкандидатот.
Мицкоски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на 2 ноември и да го заокружат бројот 9, за, како што рече, да се потврди „најголемата победа во историјата на Македонија“.

