Македонија
Одземени влекач и цистерна во вредност од над 3 милиони денари, спречен обид за избегнување увозни давачки при увоз на гас
Царинската управа ќе наплати 2 милиони денари, пари што што ќе се слеат во Буџетот, откако фирма од Скопје се обидела да избегне плаќање на увозни давачки за 12.536 метри кубни гас аргон со вкупна вредност од 1.555.108 денари. Со пресуда на суд фирмата треба да ја плати вредноста на стоката предмет на царинскиот прекршок, избегнатите увозни давачки од 371.670 денари, и глоба за прекршокот во висина од 150.675 денари.
Имено превозникот од Молдавија при влез во државата наместо да ја царини стоката истата ја истоварил директно во фирмата увозник и се обидел да излезе од државата преку Табановце без документ за оцаринета стока. На граничниот премин Табановце царинските службеници по извршениот увид на документацијата, утврдиле дека не се наплатени соодветните увозни царински давачки односно дека не е завршена увозна постапка, по што случајот е предаден на Секторот за контрола и истраги при Царинската управа.
Инспекторите пристапија кон целосно расчистување на случајот по што сите докази се предадени на Основниот суд Куманово, од каде е изречена пресуда за одземање на влекачот и цистерната во вредност од 3.161.084 денари, и фирмата увозник да ја плати вредноста на гасот, избегнатите царински давачки и глобата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман за набавка на еколошки автобуси
Амандманот на државниот буџет за 2025 предложен од пратеници од СДСМ, со кој треба да се обезбедат 50 милиони денари за набавка на еколошки автобуси, кои треба да се поделат на општини со организиран јавен превоз, беше одбиен од заменик министерот за финансии и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на собраниската комисија за финансирање и буџет.
Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи во расправата по амандманот истакна дека во буџетот не се предвидени средства за набавка на еколошки автобуси, што беше образложение на власта за одбивање на амандманот.
„Основната лекција во креирање буџет е да има приходна и расходна страна, ако на приходната страна нема пари, не може да има трошок на расходната страна. Велите гледаме да купиме 120 автобуси, а ги нема ви буџетот, како 35 милиони за Мајка Тереза универзитетот, што ги најдовте, а во буџетот се предвидени одвај 100.000 евра“, рече Битиќи.
Тој истакна дека денеска тие шест еколошки автобуси, не изникнаа, тоа пред 5 години е влезено во програмирање, така се води држава, една партија почнува, друга ќе продолжи, тоа е нормален начин.
„Вашата градоначалничка во Скопје, требаше да купи 250 еколошки автобуси, па БРТ, за да денеска нема ни БРТ, ни еколошки автобуси, гледаме дали Белград ќе ни даде. Не само да кажуваме дека планираме, три години видовме во Скопје како се планира, и како не се купуваат 250 автобуси, порача пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи, на собраниската комисија за финансирање и буџет.
Македонија
Поради сообраќајна незгода, во прекин сообраќајот на патот Велес-Градско
Од 18:40 сообраќајот на регионалниот пат Велес-Градско е во прекин поради случена сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Видео) Лукаревска: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман на СДСМ за прочистување на Дојранското езеро
ВМРО-ДПМНЕ одби уште еден амандман на СДСМ, со кој беше предложено да се обезбедат средства за изградба на колекторскиот систем во општина Дојран. Овој проект е од суштинско значење и за санитарните и за еколошките услови во општината, особено за заштитата на водата во Дојранското езеро, рече пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на комисијата за финансирање на буџет.
– Со овој колекторски систем ќе се овозможи собирање и прочистување на отпадните води, пред нивното испуштање со што ќе се спречи загадувањето на езерото и ќе се подобри квалитетот на водите, придонесувајќи за заштита на природната средина, рече Лукаревска.
Таа објасни дека со реализација на овој проект општина Дојран ќе го зајакне својот туристички потенцијал, ќе има позитивни економски ефекти, а ќе се зголеми и квалитетот на живот на локално население.