Забава
Сем Мендес режира четири биографски филма за „Битлси“

Познатата четворка од Ливерпул се враќа на големото платно, објави во вторникот „Сони пикчерс“ појаснувајќи дека секој член на легендарниоТ бенд „Битлси“ ќе биде овековечен во биографски филм на големото платно во режија на Сем Мендес.
„Првпат издавачката куќа на ‘Битлси’, Apple Corps Ltd., Пол Макартни, Ринго Стар и семејствата на Џон Ленон и Џорџ Харисон ги доделија правата да ги користат нивните животни приказни и музика за сценарио и снимање филмови“, стои во објавата на студиото.
„Планиравме ова да биде уникатно, возбудливо, епско кинематско искуство: четири филма, раскажани од четири перспективи раскажувајќи ја истата приказна за најпознатиот бенд на сите времиња“, рече Пипа Харис, која ќе го режира филмот заедно со Мендес. Филмовите се очекува да бидат прикажани во 2027 година.
Во април 1970 година, шест месеци по објавувањето на албумот Abbey Road и еден месец пред Let It Be, членовите на познатиот британски бенд објавија дека се разделуваат. Десетгодишната соработка меѓу Мекартни, Ленон, Харисон и Стар резултира со 14 најпродавани албуми, речиси милијарда продадени плочи и неколку филмови. Но, по распадот, семејствата на членовите на бендот не дадоа дозвола приказната за „Битлси“ да се прикажува на екранот.
Минатата есен новата песна Now and then, првично снимена пред четири децении како демо, беше произведена и објавена со помош на вештачка интелигенција. Таа беше на врвот на британските топ-листи.
„Битлсите“ беа тема на многубројни документарни филмови, како што е серијата The Beatles: Get Back, во режија на Питер Џексон.
Мендес, режисерот познат по блокбастерите како American Beauty, филмовите за Џејмс Бонд, Skyfall и Spectre, вели дека му е „чест што му се дава можност да ја раскаже приказната за најголемиот рок-бенд на сите времиња“.
Во последните години е забележан бум на стриминг-платформите и во кината, што подразбира снимање документарни и биографски филмови за познати личности од светот на музиката. Bohemian Rhapsody е приказна за групата Queen, „Елвис“ го опиша бурниот живот на Елвис Присли, „Тина“ ја овековечи Тина Тарнер, а Rocketman откри како Елтон Џон го освои светот на поп-музиката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
„Фрла искористени марамчиња на подот, па им наредува на слугинките да ги соберат“: скандалозно однесување на член на кралското семејство

Принцот Ендрју наводно ги малтретира своите вработени, дури и фрлајќи искористени марамчиња на подот пред да им нареди на слугинките да ги соберат, открива нова контроверзна книга. Во делото „Успон и пад на Јорк“ од авторот Ендрју Лауни, војводата од Јорк е опишан како „страшен“ кон сите кои работат за него, додека новата документарна серија на Channel 5, „Ендрју и Ферги: Војводата и војвотката во изобилство“, открива уште шокантни детали од животот на контроверзниот член на кралското семејство.
„Ендрју е особено ужасен кон персоналот; изгледа дека не ги гледа како обични луѓе“, вели писателот.
„Се однесува со нив како со подредени на кои може да им командува. Мислам дека е многу нарцисоиден и сè се врти околу него“, додава тој.
„Ќе го повика својот чувар да му ги собере топчињата за голф откако ќе ги удри, ќе повика слугинки од четири ката пониско за да му ги отворат завесите. Ќе фрли искористени марамчиња на под и ќе очекува луѓето да ги соберат“, објаснува тој, пренесува „Мирор“.
Документарецот во траење од 90 минути, емитуван во саботата, ги истражува животите на Ендрју и неговата поранешна сопруга Сара Ферган, со посебен осврт на нивниот однос, контроверзните врски со Џефри Епстајн и луксузниот животен стил.
Во него се додава: „Ендрју не се огласи по повод новите тврдења за неговото однесување кон персоналот“.
Ендрју се повлече од јавните должности во 2019 година поради аферата со неговото пријателство со Епстајн. Иако повеќе не е активен член на кралското семејство, повремено се појавува на семејни настани, а годинава присуствуваше на традиционалната велигденска служба со кралот и другите членови на семејството во капелата „Свети Ѓорѓи“ во Виндзор.
Претходно имаше тврдење дека побарал преместување на еден вработен бидејќи „не му се допаѓал младежот на неговото лице“. Кралскиот автор Том Квин за Times изјавил: „Точно е дека некои членови на кралското семејство знаат да покажат лош темперамент. Еден поранешен службеник се присети дека принцот Ендрју инсистирал еден член на персоналот да биде преместен бидејќи не му се допаѓал младежот на неговото лице“.
Авторот додал: „Еден поранешен службеник дури побарал еден маж да биде префрлен на други должности поради вратоврската“.
Принцот Ендрју претходно бил опишуван како „многу тежок“ за работа, а персоналот дури се обидувал да го избегне. Пол Барел, поранешен батлер на кралското семејство, изјавил во документарецот: „Луѓето се обидуваа да го избегнуваат принцот Ендрју бидејќи беше многу тежок. Секогаш беше бомбастичен, викаше и пцуеше, што не се очекува од член на кралското семејство“.
Забава
Поранешниот фудбалер се смири со девојката откако пијан ѝ викал и ја навредувал во хотел

Енди Керол откри дека се вратил кај својата девојка Лу Тисдејл по неодамнешното кратко раскинување. Двојката се разделила поради низа караници. Најпрво беше објавено дека фудбалерот (36) ја оставил шминкерката (41) бидејќи му здосадило нејзиното однесување. Сепак, Daily Mail дозна дека всушност Лу ја прекинала врската.
Сега Енди ветува дека ќе намали со алкохол за да ја спаси нивната врска.
„Ја сакам Лу и нејзиното семејство. Се караме како и секој пар. Некои од нашите кавги беа околу алкохолот, бидејќи Лу не пие веќе 14 години, а јас знам да испијам пиво или вино за вечера и пијалок после натпревар. Не ми е проблем да престанам. Подобро ни е заедно и се обидуваме да ги надминеме нашите тешкотии,“ изјави Енди.
Извор рече дека Лу го оставила Енди, а потоа тој ја блокирал на социјалните мрежи и ги избришал заедничките фотографии. „Лу беше многу вознемирена од тоа како се одвиваше сè, а кавгите меѓу нив ѝ беа особено тешки. Сепак, Енди сакаше да ја врати назад и дури отпатува на Ибица за да ја пронајде,“ изјавил извор оваа недела.
Енди и Лу имале жестока караница на Миконос кон крајот на минатиот месец. Полицијата прво интервенирала поради бурна расправија во ресторан, а неколку часа подоцна и поради штета во хотелска соба.
Инцидентот во хотелот го потврдил вработен кој за The Sun on Sunday изјавил: „Да, беа сместени кај нас. Тој ги скрши вратите.“ Истата вечер Лу го напуштила хотелот и преспала во ексклузивниот приватен клуб Soho Roc House. Британски турист кој ги видел парот раскажал дека ги сретнал додека жестоко се расправале на улица.
„Мажот, за кого подоцна дознавме дека е Енди Керол, викал: ‘Со нас е готово!’ и делувал многу пијан,“ рекол сведок. Тој додал дека подоцна ги сретнал во истиот ресторан, каде што Керол изгледал бесен, а Лу седела со главата во рацете, како да плаче. „Полицијата пристигна, Енди излезе да разговара со нив, додека жената остана да седи на масата.“
„Ситуацијата е пренадувана“
Во заедничка изјава за The Sun, Енди и Лу порачаа: „Додека вечеравме во ресторан за време на мирен одмор на Миконос, имавме пожесток разговор, каков што повеќето парови понекогаш имаат. Полицијата брзо сфати дека нема причина за интервенција. Излеговме затоа што инсистираа дека сакаат да нè ‘заштитат’.“
„Нашето мислење е дека ситуацијата беше пренадувана од љубопитен минувач. Никој не беше уапсен, ниту беше подигнато обвинение. Среќни сме, заљубени и се радуваме на иднината, а ни е жал што приватна расправија стана јавна работа,“ додадоа тие.
Керол и Тисдејл ја започнаа врската минатата есен, откако Керол се раздели со својата сопруга, реалити ѕвездата Били Маклоу (36).
Забава
Хит серијата „Емили во Париз“ се снима во Венеција

Актерите Лили Колинс, Ешли Парк, Еуџенио Франческини и Пол Форман беа фотографирани на снимањето на новата сезона на хит серијата на „Нетфликс“ – „Емили во Париз“.
Очигледно, за разлика од претходните сезони, снимањето не се одвива во Париз, туку папараците ги фатија во Венеција.
Откако Емили се забавуваше во Париз, а потоа накратко во Рим, новата локација е Венеција. Како што претходно беше потврдено за „Варајати“, петтата сезона од популарната серија се снима во Венеција во текот на август. Досега, снимањето на петтата сезона се случуваше во мај во Рим, а потоа во јуни во Париз.
Новата сезона продолжува кога Емили се сместува во својот стан во Рим за да ја води италијанската канцеларија и да поминува време со Марчело, шармантниот и самоуверен наследник на семејниот бизнис со кашмирски текстил.
Влијанието на „Емили во Париз“ врз популарната култура беше такво што францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за „Варајети“ минатиот октомври изјави дека Франција ќе се бори силно за да ја задржи серијата во земјата. Таа изјава потоа предизвика лежерна расправија помеѓу францускиот претседател и градоначалникот на Рим, Роберто Гвалтиери.
Точниот датум на премиерата сè уште не е објавен, но се очекува петтата сезона да пристигне до крајот на годината.