Македонија
Грковска-Коцевски: Транспарентноста е клучна за да се подобри перцепцијата на граѓаните за работењето на обвинителството
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, одржа работна средба со новоизбраниот државен јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Грковска упати честитки до Коцевски за неговиот избор на челната позиција во Обвинителството и му посака успех во вршењето на функцијата и во исполнувањето на очекувањата на граѓаните и меѓународните партнери.
Државниот обвинител истакна дека основни начела во неговата програма за работа се зголемување на транспарентноста, ажурноста и ефикасноста на обвинителските органи, со цел да се зголеми довербата на граѓаните во институцијата. Двајцата соговорници се согласија дека транспарентноста е клучна за да се подобри перцепцијата на граѓаните за работењето на обвинителството, а истовремено на тој начин се подобрува и отчетноста и ефективноста во секојдневната работа.
На средбата се разговараше и за останатите приоритети, кои ги истакна државниот обвинител Коцевски, меѓу кои и за финансиската самостојност на обвинителството, промоцијата на култура на интегритет кај обвинителите и забрзувањето на процесот на дигитализација. Со оглед дека еден од најголемите проблеми со кои се соочува Јавното обвинителство е недостигот на кадровска екипираност, на средбата стана збор за потребните измени во законски и подзаконски акти, кои би помогнале во надминување на овој предизвик, како и за издвојување на проектираните средства за обвинителството со наредниот буџетски ребаланс.
Тие разговараа и за иницијативата на вицепремиерката за донесување на измени во Законот за рестриктивни мерки. Јавниот обвинител Коцевски најави дека ќе заземе проактивен однос во врска со користењето на меѓународната правна помош, како механизам кој овозможува да се направат проверки во странски држави на околности и наводи содржани во т.н. црни листи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Воздухот што го дишеме е секој ден се поопасен за животот“: „Стоп за Усје“ повторно излегува на улица
Од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, со најава дека во среда на 21.01.2026 во 18 часот, повторно излегуваат на улица затоа што, како што велат, воздухот што го дишеме е секој ден се поопасен за животот.
Според најавата датумот на протестот е во
„Листата на барања кои ги прочитавме на првата граѓанска блокада на 26.12.2025, ги доставивме до сите надлежни институции. Но, бидејќи Никој од нив не одговори Ништо, ниту пак не повикаа на разговор, повторно излегуваме на блокада, за да им покажеме дека ќе бидеме упорни се додека не ги исполнат нашите барања!
Или ќе излеземе сите – или ќе не снема еден по еден ! Излези, затоа што Воздухот нема да се исчисти сам!“
Со оваа порака, велат дека упатуваат јавен повик за мирна граѓанска блокада против загадувањето од индустрискиот капацитет Усје, како израз на револт и долгогодишна загриженост за здравјето на сите жители, а особено на децата.
„Усје сè уште одбива да се постават мерни станици кои ние граѓаните ќе ги следиме нон-стоп 24/7. Сè дотогаш нема да им веруваме на сите што тврдат дека Усје не загадува.
Оваа блокада произлегува од итното барање на граѓаните- Здравјето пред профитот!.
Бидејќи институциите не реагираат – ние граѓаните ќе мора повторно да го кренеме својот глас на блокадата.“
Локацијата на протестот, според најавеното ќе биде на раскрсницата на булеварот „Борис Трајковски“ и булеварот „Србија“ (правец кон Усје)
Македонија
Анел Фидоски нов шеф на скопското јавно обвинителство
На денешната седница на Советот на јавни обвинители, Анел Фидоски е избран за нов шеф на Основното јавно обвинителство Скопје.
Тој доби поддршка од седум членови на Советот, додека досегашниот раководител Гаврил Бубевски, кој конкурираше за нов мандат, освои пет гласа.
За функцијата беа пријавени пет кандидати. Освен Фидоски и Бубевски, кандидати беа и Тања Трајчевска, Дејан Петрески и Спасенка Андонова.
Македонија
Герасимовски: Светиот крст донесе благослов и желби за благосостојба на сите граѓани во Општина Центар
Денеска во просториите на Општина Центар се одржа срдечна средба со нашиот сограѓанин Дарко Митровиќ, кој вчера, на големиот христијански празник Богојавление – Водици, имаше чест и среќа да го извади светиот крст од водите на реката Вардар, информира градоначалникот на општината Горан Герасимовски.
„Дарко дојде во посета на општината носејќи го со себе светиот крст, со што симболично го пренесе благословот до сите служби и граѓани. Оваа посета беше посветена на заедничките желби за здравје, среќа и општа благосостојба на сите кои живеат и работат во Центар.
Ми претставуваше искрено задоволство што лично му честитав на Дарко за неговиот подвиг. Тој денеска дојде со светиот крст како симбол на надеж и духовен мир, со искрена желба за среќа и просперитет на сите негови сограѓани. Општина Центар секогаш ќе ги негува традициите што нè обединуваат и носат позитивна енергија во нашето секојдневие“, изјави градоначалникот Герасимовски.
Дарко беше најсреќниот меѓу 160-те учесници на централната манифестација кај мостот „Слобода“.

