Македонија
Маричиќ: Mораме да останеме на европскиот курс во полза на сите граѓани на Северна Македонија
Првиот заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, одржа средба со Никола Верола, Генералниот директор за Европа и меѓународна трговска политика во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Италија.
На средбата беше истакнат фактот дека Северна Македонија ја продолжува својата посветеност кон европската интеграција, со значителен напредок по успешната реализација на скрининг процесот, мотивирани од Планот за раст кој е стратегија со намена за забрзување на економско приближување со земјите од ЕУ.
Вицепремиерот истакна дека регионалната соработка на Западниот Балкан е многу важна за успешно стратешко планирање на Планот за раст и спроведување на реформите во државата.
За нас е важно да останеме на Европскиот курс со оглед на моментумот со кој располагаме и кој Европската Унија го нуди како можност – рече Маричиќ.
Генералниот директор Верола укажа на голема поддршка на Италија за прогресот на Северна Македонија на патот кон ЕУ, истакнувајќи ги позитивните сигнали кои Италија ги праќа во ЕУ за државата и за Западниот Балкан, со цел истите да станат дел од Европското семејство. Планот за раст е важна ставка со која граѓаните ќе ги почувствуваат бенефитите од приклучување кон ЕУ и пред полноправното членство во ЕУ.
Двете страни се сложија дека оваа шанса е реалност и остварлива цел за Северна Македонија да стане полноправна членка во ЕУ. На состанокот беше истакната важноста да се искористи моментот, да не се пропушта можноста со оглед на бенефициите кои државата би ги добила штом стане дел од Унијата.
Првиот заменик претседател Маричиќ го потврди значењето на долгогодишната соработка и се заблагодари за поддршката на Италија за суштинското прашање на државата за приклучување во Европската Унија.
На средбата учествуваа и Андреа Касконе, претставник од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Италија, заедно со амбасадорот на Италија во нашата држава, Андреа Силвестри и заменик шефот на мисијата Марио де Роза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граделе во заштитена зона на Шара – кривична за двајца мажи
Двајца мажи се соочуваат со кривична пријава откако, според полицијата, нелегално граделе во зона на Националниот парк „Шар Планина“.
Станува збор за Ф.Ш. (65) од Тетово и И.А. (45) од селото Бродец, кои во текот на 2025 година, во атарот на селото Гајре, изградиле шест бетонски столбови без да обезбедат дозвола за градба од Општина Тетово.
Кривичната е поднесена кривична пријава за „бесправно градење“.
Македонија
Кривична пријава за директор на студентски дом поради несовесно работење
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.Ј. (57) од селото Таринци, општина Карбинци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според пријавата, на 29 и 31 мај 2024 година, Н.Ј., во својство на директор на Државен студентски дом „Браќа Миладиновци” во Штип, постапил спротивно на член 40 од Законот за јавни набавки.
Тој извршил плаќање на фактури во вкупен износ од 84.320 денари за сместување, односно ноќевање за себе и за ученици од студентскиот дом во два хотели во Охрид, без да спроведе соодветна постапка за јавна набавка, соопшти полицијата.
Македонија
Кривична за поранешен градоначалник на Чашка поради сомнеж за злоупотреба
Полицијата поднесе кривична пријава против Г.С. (47) од Велес, поранешен градоначалник на Општина Чашка, и против М.А., раководител на финансиското одделение во истата општина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пријавата, Г.С. во текот на 2021 и 2022 година, во повеќе наврати, свесно и со умисла ја ангажирал второпријавената да извршува работни задачи подолго од нејзиното работно време, иако таа била вработена со скратено работно време, што е спротивно на Законот за работни односи, кој забранува прекувремена работа за лица со скратено работно време.
Од СВР Велес информираат дека М.А., и покрај известувањето од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и донесеното решение за четиричасовно работно време поради здравствени причини, прифатила да биде дополнително ангажирана.
За извршените активности ѝ биле исплатени 50.109 денари, со што, според пријавата, е нанесена штета на буџетот на Општина Чашка.

