Македонија
Јаревски: Со зголемувањето на цените на Катастар до 300% власта уште повеќе сака да ги осиромаши граѓаните

Власта предводена од ДУИ и СДС, секој ден смислува нови начини, како што повеќе да удри по џебот на граѓаните и како уште повеќе да ги осиромаши, рече на денешната прес конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски.
Тој додаде дека по поскапувањата на храната, струјата, парно греењето и разно разни други услуги, дојде редот и на Агенцијата за Катастар, да ги зголеми цените, каде за некои услуги растот на цената достигнува и до 300%.
-Со овие нови поскапувања значи дека за упис на нов стан, во Агенцијата за Катастар, за добивање на имотен лист наместо како досега да чини 1.250 денари, сега граѓаните ќе плаќаат најмалку 3.750 денари и дополнителни 600 денари за нотарски услуги. Во случај да купуваат и гаража, ќе треба да платат за уште еден имотен лист, односно плус 1.250 денари. Исто така сега, имотен лист во фаза на градба ќе чини 5.250 денари, а за услугата бришење на предбележување цената ќе изнесува 2.625 денари, – рече на денешната прес конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски.
Дополнително поскапеа и геодетските елаборати. Основните надоместоци за геодетските елаборати, кај приватните геодети ќе бидат од најниски 5.626 денари до највисоки 16.917 денари. Исто така е зголемена и цената по квадратен метар која ќе се наплаќа дополнително и се движи од 4 до 40 денари, зависно од објектот. Тука не се пресметани трошоците за користење на податоци, од геодетско-катастарскиот информациски систем, како и данокот на додадена вредност, што значи цената ќе се зголеми и за овие два параметри, додаде Јаревски.
Истовремено, трошоците за лиценца, кои ги наплаќа комората, по ново сега, директорот Борис Тунџев, ќе ги наплаќа на сметка на агенција за катастар, што ќе значи дека ќе има паралелни геодетски компании со овие две лиценци, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МОН: Системски го решивме прашањето со набавка и испорака на учебници, испечатени се и доставени до сите училиштата

Четири министри во Владата на СДСМ раководеа со Министерството за образование и наука во период од седум години и не успеаја да обезбедат учебници ниту за основците, ниту за средношколците. Сега кога ситуацијата е надмината, оваа политичка партија чија слаба страна е образованието, се обидува токму во оваа област да собира политички поени, велат од МОН.
„Не им успева, бидејќи учебници има. Целиот тираж кој беше побаран од училиштата е испечатен и испорачан. Сегашното раководство системски го реши овој предизвик од минатото, со ново законско решение во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, како и со интензивен ангажман на надлежните институции, органи и тела.
Испечатени се сите претходно одобрени учебници по сите предмети. За прв пат по цели седум години, обезбедени се и нови учебници по странските јазици во сите одделенија. Целосно нови учебници има во седмо одделение во основното образование и во прва година во гимназиско образование, поради примената на нови наставни програми од оваа учебна година“.
Најавуваат дека обновата на наставните програми и на учебниците ќе продолжи и во следниот период, затоа што, како што велат, тие се основата на квалитетното образование, заедно со наставниците и инфраструктурните услови.
„Помина времето на негрижа кон образовниот систем, учениците, наставниците и родителите. Промените се случуваат, а ефектот ќе се огледа преку новите генерации кои ќе располагаат со поконкурентни знаења и потребните вештини за успех“.
Македонија
18 проценти од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на штетни честички во воздухот: Европската зелена партија со поддршка за ДОМ

Европската зелена партија испрати јасна порака за поддршка на зелената партија ДОМ, истакнувајќи ја итната потреба од одлучни политики за чист воздух и одржливо управување со отпадот во Македонија, соопшти ДОМ.
Во својата објава, Европската зелена партија посочува дека речиси 18% од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на изложеност на штетни честички во воздухот. Лошото управување со отпадот предизвикува пожари и токсичен чад, што ја зголемува загриженоста кај населението.
„Како одговор, граѓаните излегоа на улица, барајќи чист воздух и безбедно управување со отпадот. Властите и локалните претставници мора да дејствуваат за да ги заштитат своите граѓани“, стои во реакцијата на Европската зелена партија.
Од ДОМ велат дека е нагласена поддршката за барањата на оваа партија за национален план за управување со отпад, современи мерни станици за квалитет на воздухот и итен мораториум на дивите депонии.
„Со оваа поддршка, зелената партија ДОМ ја зацврстува својата улога како автентичен глас за зелена иднина на Македонија и како дел од европското семејство на зелени партии. Во пресрет на локалните избори, зелената партија ДОМ заедно со граѓанските и политичките партнери во „Коалицијата за зелена иднина“ ќе продолжи да се бори за здрав воздух, чиста животна средина и фер управување со јавните ресурси – вредности што се темел на европска Македонија“.
Македонија
Утре со ведро и посвежо утро, преку денот сончево

Утре ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, сончево. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Во наредните денови следува период на сончево време со посвежи утра, а дневната температура ќе биде во постепен пораст. Особено топло ќе биде во деновите од викендот и во почетокот на следната седмица.