Македонија
Стоилковски: Дали Филев, директор на СДС од Радовиш, е трговец со дрога, според полицискиот билтен?

Врските на СДС со наркомафијата се многу подлабоки отколку што се обидува СДС да избега од одговори. Веројатно, ќе бега и од одговор дали активистот на СДС од Радовиш, директор на меѓуопштинскиот Центар за социјални работи, пред 10 дена во Штип е фатен и приведен од полиција за недозволена трговија со дрога и оружје?, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Според полицискиот билтен, на 17 февруари полицијата во Штип го привела 36-годишниот А. Ф. поради дрога и најавува соодветен поднесок. Дали зад иницијалите А. Ф. е Александар Филев, директорот од СДС на меѓуопштинскиот Центар за социјални работи – Радовиш? Дали е тоа Александар Филев од СДС Радовиш, учесник и поддржувач на партиските активности на СДС? Дали и случајот регистриран во полициски билтен е таква активност?“, прашува Стоилковски.
Како што додава, СДС ја претвори Македонија во мафијашка територија.
„СДС со Оливер Спасовски предолго ја ставаа полицијата во служба на мафијата, а Македонија ја претворија во поле за неказнети мафијашки пресметки. Никогаш не било полошо, важно е да ги поразиме и да си ја вратиме државата“, завршува Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова прими делегација на Уставниот суд на Хрватска

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со делегацијата на Уставниот суд на Република Хрватска, предводена од претседателот на судот, Мирослав Шепаровиќ, во придружба на претседателот на македонскиот Уставен суд, Дарко Костадиновски.
Соговорниците оценија дека со оваа посета, којашто се реализира по дведецениска пауза, се обновува меѓусебната соработка што треба да продолжи, да се интензивира и продлабочи, заради размена на искуства и учење едни од други.
Како професорка по уставно право, претседателката Сиљановска-Давкова ги нотира и објасни забелешките и недостатоците на нашите уставни решенија за Уставниот суд во споредба со оние за Уставниот суд на Хрватска. Таа изрази заложба за пошироки надлежности во заштитата на човековите слободи и права, изборите и референдумот, но и преиспитување на некои од нив, како и прецизирање и заострување на условите за стекнување статус на уставен судија.
Претседателката укажа дека Уставниот суд треба да делува како четврта власт, односно медијатор меѓу трите власти.
На средбата се дискутираше и за хрватското искуство со Уставниот закон за Уставен суд, како и проблемите врзани за отсуството на законско регулирање на уставно-правните прашања кај нас.
Хрватските уставни судии искажаа подготвеност да помогнат во забрзувањето на македонскиот евроинтегративен процес, истакнувајќи ги бенефитите од членството како за членките, така и за ЕУ.
Заблагодарувајќи се за поддршката, претседателката истакна дека хрватските лекции од процесот на евроинтеграциите може да бидат драгоцени за нас.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на влашката заедница

Во пресрет на 23 мај, Националниот ден на Власите, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со делегацијата на Организациониот одбор за Националниот ден на Власите, предводена од неговиот претседател, Стерјо Папули.
Истакнувајќи дека сме единствената држава во регионот, но и на светот, во чиј устав се наведени Власите и гарантирани нивните права, претставниците на Власите сметаат дека влашката заедница не е социјално загрозена, но изразуваат загриженост за опстанокот на влашкиот јазик, култура и традиција.
Потенцирајќи ја автохтоноста на Власите, претседателката ја истакна важната улога на влашката заедница во создавањето и развојот на македонската држава.
Таа изрази разбирање за заложбите за негување и зачувување на влашкиот идентитет низ образовниот процес и културните активности, како и поддршка на проектот за отворање на Влашка куќа, како место за различни активности на влашки јазик.
На средбата, претставниците на влашката заедница истакнаа дека и натаму, ангажирано ќе работат на развојот на македонското општество како мултиетничко.
Тие сметаат дека Собранието треба час поскоро да ја ратификува Европската конвенција за регионални и малцински јазици.
Според нив, со Изборниот законик треба да се загарантира по едно пратеничко место за помалите етнички заедници.
Со гордост истакнаа дека годинава се одбележуваат 120 години од признавањето од страна на Отоманската империја на правата на Власите, односно на Влашкиот милет на 22 мај 1905 година.
Македонија
Муцунски: Фокус на натамошно јакнење на економската соработка со Германија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје оствари средба со делегација од Ostausschuss der deutschen Wirtschaft – Источниот комитет на германското стопанство.
„Во фокусот на разговорите беше продлабочувањето на економската соработка помеѓу двете земји, со акцент на инвестициските поволности во државата, особено во рамките на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), како и можностите за привлекување нови германски инвестиции.
Министерот Муцунски ја истакна посветеноста на Владата за унапредување на бизнис-климата и создавање поволни услови за работење за домашните и странските компании, со цел економски раст, развој на приватниот сектор и отворање нови работни места“, велат од МНР.
На средбата беа разменети мислења и за актуелните глобални економски предизвици и нивното влијание врз трговските и инвестициските текови. Соговорниците се согласија дека, и покрај глобалните неизвесности, двете земји остануваат силно посветени на натамошно јакнење на билатералната економска соработка потпирајќи се на традиционално добрите политички односи.