Топ
(Видео) Полицајци истепале лице вработено како обезбедување во казино во Куманово

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против Д.П., полициски службеник во Полициската станица за гранични проверки и граничен премин Деве Баир, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“ по член 386 од Кривичниот законик и пријава за констатиран прекршок по Законот за прекршоците против јавниот ред и мир против Н.Д., исто така, полициски службеник во Полициската станица за гранични проверки и граничен премин Деве Баир.
На 04.11.2023 во казино во Куманово, пријавениот Д.П. физички нападнал лице вработено како обезбедување во казиното и агресивно се однесувал кон полициски службеници од Полициската станица Куманово, кои извршувале службени дејствија. Н.Д., кој бил заедно со Д.П., го нарушил јавниот ред и мир и агресивно се однесувал кон обезбедувањето.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против двајцата полициски службеници поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина по член 210 од Колективниот договор на МВР. Додека за Д.П. изречена е мерка за отстранување од работното место до донесување на решение во дисциплинската постапка.
При преземање мерки за расчистување на случајот било констатирано дека при интервенцијата, Д.К. и Ф.М., двајцата полициски службеници од Полициската станица Куманово, не ги преземале сите потребни службени дејствија против лице од обезбедувањето во казиното и не изготвиле поднесок против него. И против нив Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност по член 210 од Колективниот договор на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Две средни училишта во Скопје добиле дојави за бомби

Во две средни училишта на територијата на Скопје утрово стигнале дојави за поставени бомби.
Од полицијата информираа дека биле извршени сите потребни проверки и се работело за лажни дојави.
Македонија
Четворица повредени во пожарот во Кочани ќе бидат отпуштени од болницата во Софија

Четворица пациенти, кои се лекуваат во болницата „Пирогов“ во Софија, Бугарија, денеска ќе бидат отпуштени од болница, изјави Маја Аргирова, раководител на Клиниката за изгореници и пластична хирургија. Сите четворица се во добра состојба.
„Дадени се инструкции, во тек е лабораториско следење на нивната клиничка состојба, а во зависност од нивната состојба, ќе се проценува евентуална нова хируршка фаза“, додаде таа.
Во софиската болница на лекување остануваат уште четворица други пациенти.
Во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март загинаа 61, а речиси 200 лица беа повредени. Некои од повредените се пренесени на лекување во други земји. Во Бугарија се хоспитализирани 16 повредени – од нив, осум во болницата „Пирогов“ и по тројца пациенти во болниците во Пловдив и во Варна.
Македонија
(Видео) Филипче во Брисел: Северна Македонија е во бизарна ситуација на таканаречено самонаметнато вето, бидејќи Владата одбива да ги спроведе потребните уставни измени

Процесот на проширување на Европската Унија не е само механичко прилагодување на законите или административно исполнување на критериумите за пристапување, туку и процес од геополитичко значење. Ова го истакна претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во своето обраќање на конференцијата „Започнување на Програмата на С&Д „Вили Брант“ за проширување на ЕУ“, која се одржа во Брисел.
Филипче, во својот говор, нагласи дека во период на динамични геополитички промени, повеќе од било кога е потребна социјалдемократијата како идеологија која нуди приоритет на трансатлантската солидарност, социјалната еднаквост и демографскиот интегритет.
„Никаде оваа визија не е повитална како на Балканот и во Северна Македонија, која претставува раскрсница на европските аспирации и современата геополитичка ранливост. Затоа, потребна е сеопфатна социјалдемократска агенда за процесот на проширување. Процесот на проширување не е само механичко прилагодување на законите или административно исполнување на критериумите за пристапување, тој е прашање на надворешно политичко и геополитичко значење“, рече Филипче.
Во својот говор, Филипче нагласи дека е неопходно ПЕС и групата СД во Европскиот парламент да преземат активна улога во процесот на проширување на Европската Унија. Според Филипче, социјалдемократските партии треба да предложат целосна и амбициозна агенда која ќе го забрза процесот на интеграција, обезбедувајќи демократска стабилност и напредок во регионот.Тој подвлече дека сеашниот застој за проширување не е само техничко или административно прашање, туку има многу пошироки и опасни последици по демократскиот развој на земјите кандидатки.
„Застојот само ги зајакнува авторитарните тенденции и ги зајакнува десничарските и екстремно десничарските политички сили во нивните земји, што оди на штета на демократскиот развој на овие земји. Сега е вистинско време социјалдемократите да го засилат процесот на проширување, во кој предолго беа заложници. Ако Европа и социјалдемократите не го пополнат постоечкиот вакум, тогаш тоа ќе го сторат антидемократските и антиевропските сили“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, додавајќи дека социјалдемократските партии треба активно да ја поддржат и убрзаат агендата за проширување на ЕУ, како и да се залагаат за политики кои ќе го зајакнат демократскиот развој во регионот.
Говорејќи за евроинтеграцискиот процес во Северна Македонија, Филипче истакна дека Владата не е подготвена да го продолжи процесот, што сериозно ја загрозува иднината на државата.
„Се соочуваме со Влада во Северна Македонија која не е подготвена да продолжи со уставните измени, неопходни за започнување на преговарачките поглавја со ЕУ. Македонската влада е пример за немање стратегија, особено во однос на прогресијата на евроинтеграциите. Северна Македонија е во бизарна ситуација на таканаречено самонаметнато вето, бидејќи Владата одбива да ги спроведе потребните уставни измени за да продолжи со пристапниот процес“, изјави Филипче.
Конференцијата „Започнување на Програмата на С&Д ,,Вили Брант” за проширување на ЕУ“, во Брисел, се одржа во организација на прогресивната Алијанса на социјалисти и демократи во Европскиот Парламент.