Македонија
Велковски за ширењето на големата кашлица: Инспекциските контроли во Скопје немаат утврдено неправилности и прекршувања од страна на детските градинки
Техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, денеска оствари средба со директорите на детските градинки од цела Македонија, на која се разговараше за сите затекнати проблеми во детските градинки во државата и реалните можности за нивно решавање во периодот на техничката Влада и по изборите на 8 мај.
„Во изминатите четири недели откако сум во Министерството за труд и социјална политика добиваме секојдневно жалби и поплаки во однос на многу прашања и проблеми што ги засегаат детските градинки. Сè уште 5.000 дечиња се на листите за чекање во детски градинки, а тоа укажува дека просторните услови сè уште се недоволни во најголем дел од општините во Македонија. Овде го имаме проблемот и со согласноста за кадар, која, за жал, во изминатите години не била добиена за да може да се пополнат сите испразнети места од пензионирање, заминување од работа и слично. Разговаравме и за проблемот за над 1.000 луѓе што сè уште чекаат во фиоките на Министерството како баратели за стекнување лиценца за негуватели, воспитувачи и друг стручен кадар“, вели министерот Велковски.
На средбата со директорите на градинките се разговараше и за зајакнување на превентивните мерки што ги преземаат Министерството и самите градинки во насока на спречување н ширењето на големата кашлица потенцирајќи ја потребата од почитување и примена на воспоставените мерки како во Скопје, така и во другите градови во државата. Досега спроведените инспекциски контроли на територијата на град Скопје немаат утврдено неправилности и прекршувања од страна на детските градинки во главниот град.
„На наша иницијатива, моја со тимот, минатата недела испративме известувања до градинките за да го почитуваат она што значи правна легислатива да не бидат запишувани дечиња што немаат вакцинален картон. Инспекторите се на терен, прават постојани контроли и имаме записници според кои до сега не се изречени мерки по однос на прекршување на делот примени дечиња во градинките без вакцинален картон. Во сите проверки што се направени од страна на инспекторите во Скопје, бидејќи овде е и жариштето, секаде каде што се отидени, инспекторите ги проверуваат досиејата и до сега не се најдени забелешки“, дополнува министерот Велковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

