Македонија
Болеста не се разгорува, но тестирање на голема кашлица да се овозможи во целата држава, препорача Комисијата за заразни болести
Тестирање на голема кашлица на територијата на целата држава, засилени контроли на Државниот санитарен и здравствен инспекторат во градинките за откривање невакцинирани деца и дигитална евиденција за сите вакцинирани, се денешните препораки од Комисијата за заразни болести. Доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комсијата за заразни болести, извести дека до денес се регистрирани вкупно 123 лица заболени од голема кашлица во земјата. Од нив, 120 лица се од Скопје, а спорадично по еден случај има во Тетово, Дебар и во Струмица. Иако сè уште не може да се каже дека состојбата се разгорува на национално ниво, Комсијата денес препорача тестирање на голема кашлица да се прави и надвор од Скопје.
„Да се овозможи тестирање на ниво на целата држава за пертусис, кое ќе биде спроведувано од центрите за јавно здравје, препорача Комсијата. Досега таква можност немаше. Во другите градови се работеше микробиолошко култивирање, кое е поврзано со изолацијата на пертусисот, меѓутоа сега препорачавме да се овозможи и ПЦР-технологија, која ќе биде достапна за другите градови во државата за да може нивните материјали да се обработуваат во локалните центри за јавно здравје“, рече Мехмедовиќ.
Освен тестирањето, Комисијата препорача Државниот санитарен и здравствен иснпекторат да прави засилени контроли во градинките за откривање нецелосно вакцинирани и невакцинирани деца. Таквите деца, според препораките, треба да бидат изолирани и да не им се дозволи влез во градинките за заштита, пред сè, на нивното здравје, но и здравјето на другите.
На денешниот состанок Комисијата за заразни болести добила известување дека на 15 март ќе пристигнат првите дови вакцини за возрасни за заштита од голема кашлица наменети, пред сè, за лица што живеат или работат со деца под две години и за трудници во последниот триместар од бременоста за да се овозможи имунитет за бебето во првите два месеца од раѓањето.
Двосменското работење на вакциналните пунктови продолжува и во следниот период. Од 18.1 до 29.2. 2024 година по препораката на Комисијата за заразни болести, а по наредба на Министерството за здравство, вакциналните пунктови работат во две смени, а аплицирани се вкупно 22.395 дози вакцини.
Комисијата ги повика родителите да ги вакцинираат децата и да го следат календарот за задолжителна вакцинација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стаменкоска – Трајкоска даде отчет за сработеното во првите 100 дена од мандатот
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска – Трајкоска, денес го презентираше отчетот за сработеното во првите 100 дена од нејзиниот мандат. Под слоганот „100 дена, 100 дела“, таа истакна дека општината работи со несмалено темпо, ставајќи го фокусот на резултатите.
„Со реализирани 5 километри нов асфалт, со отворено ново кино и интензивна работа на над 20 крупни капитални проекти, покажавме дека динамиката не запира. Некои од овие зафати се веќе завршени и пуштени во употреба, додека други се во напредна или завршна фаза. Голем дел од овие проекти ги реализираме самостојно, а значаен дел со силната поддршка од Владата. Тоа се заеднички инвестиции со една единствена цел: подобар, побезбеден и пофункционален живот за сите“, рече Стаменкоска – Трајкоска.
Како потврда на оваа динамика, градоначалничката посочи дека развојот се мери со видливи чекори и дека се реконструирани клучни сообраќајници, меѓу кои „Ѓорѓи Димитров“, „527“, а при крај се и зафатите на улиците „Жил Верн“ и „Саса“ со нејзините краци.
Паралелно, додаде таа, се гради фекална канализација во Бабин Дол, а во завршна фаза е изградбата на атмосферска мрежа на ул. „Томе Арсовски“. Во моментот трае изградбата на два паркинга, како и на две од предвидените 10 детски катчиња, едното во село Драчево, другото во Дупки.
Градоначалничката Стаменкоска – Трајкоска посочи дека Кисела Вода воведе нови стандарди во комуналната хигиена.
„За првпат, поставени се 15 специјализирани контејнери за селекција на текстилен отпад пред месните заедници, а во фаза на изработка се уште 15 за пред училиштата. Првиот тон текстилен отпад е веќе складиран. Во рамки на бројните еколошките акции, исчистени се 27 диви депонии, а преку договорената соработка со ЈП Национални шуми, најавено е засадување на 3.000 нови садници“, рече таа.
Во делот на општествениот живот, како историски успех Стаменкоска – Трајкоска го издвои отворањето на кино во село Драчево, прво кино во село после времето на Југославија.
За најмладите, рече таа, приоритет останува целосното укинување на листите на чекање во градинките.
„На прагот сме да отвориме две нови градинки во „11 Октомври Згради“ и „Подстаница“, а во полн ек е изградбата на објектот во „Расадник““, информираше градоначалничката.
Истовремено, додаде Стаменкоска – Трајкоска со владина поддршка се вршат доградби во училиштата „Невена Георгиева Дуња“ и „Кирил Пејчиновиќ“, како и изградба на ново училиште во селото Драчево. Се инвеестира и во спортската инфраструктура преку изградба на сали во училиштата „Круме Кепески“ и „Кузман Јосифовски Питу“, како и во целосната реконструкција на култната сала „Расадник“ преку соработката на Министерството за спорт и општината.
„Покрај изградбата на спортски сали, силен акцент ставивме на едукацијата и инклузијата: наставниците по физичко поминаа специјализирани обуки за работа со деца со попреченост. Дополнително, обезбедивме бесплатни часови по шах за младите, а со оглед на тоа што шахот е воведен како изборен предмет, спроведовме и соодветна стручна обука за наставниот кадар. За прв пат ја воведовме манифестацијата Спортист на годината која планираме да прерасне во традиција“, посочи градоначалниката.
Во делот на социјалната заштита и грижата за најранливите, општината ја прошири мрежата за поддршка со отворање на нов Центар за бесплатни логопедско-дефектолошки третмани во Драчево. Истовремено, во завршна фаза е едукативно-терапевтскиот центар во Црниче, кој ќе биде од клучно значење за децата со дислексија, дисграфија и дискалкулија.
„Ова е само почеток на една амбициозна приказна. Нашата крајна цел е целосна реализација на ветената програма. Ова беа само 100 дена. Ова се само 100 дела од бројните кои следат. Продолжуваме понатаму, заедно. Кисела Вода продолжува да биде општина што работи за вас“, порача градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Во текот на ноќта и утре, врнежи од дожд и снег на планините
Под влијание на циклонска активност, во текот на ноќта и утре ќе има врнежи од дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места , а на планините од снег.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат над 15 l/m² воден талог. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми од 10 до 15 см.
Потоа во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со ниски утрински температури. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во сабота наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. Потоа ќе биде стабилно со пониска утринска температура.
Македонија
Милошоски-Миљаниќ: Заемно унапредување на политичкиот дијалог и соработката
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, оствари работна средба со амбасадорот на Република Црна Гора, Зоран Миљаниќ.
На средбата беа потврдени пријателските македонско-црногорски односи помеѓу двете држави кои се базирани на традиционално пријателство, долгогодишна конструктивна соработка и меѓусебна поддршка. Соговорниците ја истакнаа важноста од понатамошно унапредување на политичкиот дијалог и интензивирање на соработката во области од заемен интерес.
Исто така, беше потенцирана заедничката заложба на земјите кон полноправно членство во Европската Унија, како и подготвеноста за продлабочување на парламентарната соработка и размена на искуства во насока на спроведување на реформските процеси.

