Македонија
Адвокатот на газдата на „Беса транс“: Лажна исправа ниту е изработена, ниту е употребена, ниту постои, убеден сум дека пресудата не може да опстои
Асмир Алиспахиќ, адвокатот на сопственикот на „Беса транс“, во чиј автобус лани во Бугарија изгореа 45 патници, меѓу кои 12 деца, смета дека не може да опстои пресудата со која Беким Хаџиу доби една година и осум месеци затвор, глоба од 800.000 денари и четиригодишна забрана за превезување патници, која судот утрово му ја изрече за фалсификување исправа. Алиспахиќ вели дека судот не го покажал лажниот документ ниту, пак, покажал вешт наод и мислење поради што е убеден дека пресудата не може да опстои и најави жалба.
„За да се исполни битието на ова кривично дело фалсификување исправа, не само што е потребен материјален доказ, а тоа е вешт наод и мислење, напротив, треба да се исполнат и субјективните дејства што наводно ги презеле и правното лице и Беким Хаџиу. Во конкретната ситуација тоа отсуствува од причина што таа лажна исправа ниту е изработена ниту е употребена, а ниту постои. И сведоците и претставниците од Царинската управа и од Министерството за транспорт и врски потврдија дека правното лице во целост ги исполнувало условите за патување во домашни рамки, а и надвор од нашата држава. Од тука се поставува прашањето зошто воопшто се влегува и се поднесува вакво обвинение кога не може да се исполни битието на кривичното дело, на она што го потенцира и судијата, а тоа е кривично дело фалсификување исправа. Основниот елемент за ова кривично дело е постоење изработена лажна исправа употребена како вистинска. Во конкретната ситуација ниту е изработена, ниту е употребена, а ниту постои. Јас сум убеден, како правник и како адвокат на Бедри Хаџиу, дека оваа пресуда не може да опстане онака како што е изречена во конкретната ситуација“, рече адвокатот Алиспахиќ по денешната пресуда.
Одбраната уште од самиот почеток, како што нагласи адвокатот Алиспахиќ, смета дека ова кривично дело не е воопшто поврзано со несреќата во Република Бугарија, туку е исклучиво кривично дело во делот на работењето на правното лице ‘Беса транс’.
„Ако направиме една компарација во делот на другите изречени судски одлуки и судски пресуди од ваков вид, иако казната е предвидена од една до пет години, како казна затвор, сметам дека во конкретната ситуација е превисоко одмерена. Не само во делот на постоењето кривично дело. Теоријата на одбраната ја знаете од самиот почеток и таа ќе биде презентирана пред повисоките судови“, најави адвокатот Алиспахиќ.
Кривичниот суд утрово за фалсификувана лиценца му изрече казна затвор од една година и осум месеци на сопственикот на „Беса транс“, а на правното лице му одреди глоба во висина од 800.000 денари и четиригодишна забрана за добивање лиценца за патен превоз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски се фотографираше на одбележувањето посветено на ликот и делото на Даме Груев
Со полагање цвеќе и пригодна комеморација, денес во беровското село Русиново беше одбележана 119-годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер Даме Груев, еден од клучните идеолози на борбата за слободна Македонија.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес присуствуваше на одбележувањето посветено на ликот и делото на Даме Груев, кој на 23 декември 1906 година загина во борба со османлиските сили на планината Петлец, во близина на Русиново.
Во рамки на настанот, на селските гробишта беше одржана панихида, по што Мицкоски и останатите присутни положија цвеќе пред спомен-обележјето на револуционерот.
Одбележувањето продолжи со традиционален марш кон месноста Петлец, местото каде што Груев го положи својот живот за идејата за слободна и независна Македонија.
Настанот се реализираше во организација на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Берово, со присуство на бројни граѓани, партиски претставници и почитувачи на македонската револуционерна историја.
Македонија
Ја претепал вонбрачната партнерка со трпезариска столица, па ја силувал откако тешко ја повредил
Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 56-годишник осомничен за кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 7 во врска со став 3 од Кривичниот законик.
Како што соопшти ЈОРСМ, осомничениот, на 18 декември попладне, во заедничкиот дом на улицата „Васко Карангелевски“ во Битола, физички ја нападнал неговата вонбрачна партнерка.
-Ја удирал по телото, лицето и главата, па дури зел трпезариска столица и ја удрил и со неа. Потоа ја тргал и ја носел во правец кон терасата, заканувајќи и се дека ќе ја фрли. Од ударите жената се здобила со телесни повреди. И наредил да се соблече за да имаат сексуални односи, но оштетената не се согласила, па насилно ја соблекол и ја принудил на други полови дејствија, стои во соопштението на ЈОРСМ.
Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Оттаму додаваат дека притоа особено се ценела опасноста од бегство и можноста осомничениот да продолжи да врши дела на семејно насилство кон жената со која живеат во ист дом.
Македонија
Почина Драган Б. Костиќ, човекот кој важеше за најпрепознатливиот радио глас
Денес на 75 години, почина Драган Б. Костиќ, човекот кој важеше за најпрепознатливиот радио глас кај нас.
Откако неодамна Перо Камиказа откри дека тој ја бие животната битка, сега, неговиот син Бане Костиќ, откри дека познатиот новинар и радио-водител, не успеал да се избори со болеста.
„Со длабока тага ги известуваме роднините, пријателите и познаниците дека утринава почина Драган Костиќ, сопруг, татко и дедо, на 75-годишна возраст.
Последна почит ќе се одржи утре, недела, 21 декември од 12:30 – 13:30 во капелата на гробиштата Бутел.
Семејството изразува искрена и длабока благодарност до целиот тим и раководство на Државната неврохируршка клиника во Скопје, особено до д-р Благоја Шунтов, за грижата, посветеноста и хуманоста. Нека му е вечна слава и спомен. Патувај мирно Диско Селекторе“, напиша тој на Фејсбук.

