Црна хроника
Сакал да поткупи службеник на Блаце: притвор за 45-годишен државјанин на Косово

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор против 45-годишен државјанин на Косово, осомничен за кривично дело – Давање поткуп по член 358 став 1 од Кривичниот законик.
Вчера на граничниот премин Долно Блаце, осомничениот му дал 50 евра на полициски службеник за тој да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши. Откако претходно возач на авотбус со косовски национални ознаки бил одбиен за влез во државава бидејќи немал соодветен сертификат за професионален возач на автобус, осомничениот дошол на граничниот премин, се претставил како сопственик на превозната компанија и побарал да разговара со сменоводителот. Кога влегол во канцеларијата на сменоводителот на неговото биро оставил банкнота од 50 евра за да им овозможи влез на возачот и автобусот во државава.
Веднаш бил лишен од слобода, а бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и евентуалните соучесници, како и да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител му предложи на судот да определи притворска мерка со цел да го обезбеди неговото присуство во текот на постапката, соопштија надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Маж од Тетовско вознемирувал малолетничка: ја нападнал нејзината мајка оти сакала да разговара со него

СВР Тетово поднесе кривична пријава против 42-годишник од тетовско село поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „полово вознемирување’’ и „телесна повреда“.
Пријавениот вознемирувал малолетничка и ѝ упатувал недолични зборови, а откако дознала нејзината мајка отишла во неговиот дом да разговaра со него, при што тој ја нападнал со дрвен предмет.
Црна хроника
Бегалец од затворот во Охрид уапсен во Куманово

Ноќеска во 01:30 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода 20-годишниот З.М. од Струга, кој бил баран по централна потерница врз основа на судска наредба поради бегство од затвор.
Тој бил осуден на една година и 10 месеци за сторено кривично дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик, а имал за доиздржување една година од казната.
Лицето е спроведено во Казнено – поправната установа Затвор Охрид за доиздржување на казната.
Топ
Едно лице избодено со нож пред стоковна куќа „Мост“ во Скопје, напаѓачот е уапсен

Едно лице е избодено со нож пред поранешната стоковна куќа „Мост“ во Скопје, а полицијата го уапси напаѓачот.
Според информациите на МВР, вчера вечер во 22:05 часот на плоштад „Скендербег“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода Д.С.(23) од Скопје.
Тој се сомничи дека непосредно пред тоа во близина на Соборен храм „Свети Климент Охридски“ и на бул.„Гоце Делчев“ под Стоковната куќа „Мост“ физички го нападнал Т.К.(33) од с.Долно Соње, општина Сопиште, при што употребил нож и му нанел убодни рани.
Ножот бил пронајден и одземен, а лицето е задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.