Свет
По САД и Британија, и Летонија и Германија со предупредување: Избегнувајте ја Русија, но и масовни собири во Москва во следните 48 часа

Министерствата за надворешни работи на Летонија и Германија се приклучија во предупредувањето на САД за можни терористички напади во Русија, пишува The Moscow Times.
Двете земји упатија препораки до своите граѓани повикувајќи ги да избегнуваат патувања во Руската Федерација и да внимаваат на масовните настани во следните 48 часа.
Министерството за надворешни работи на Летонија издаде предупредување на „Твитер“, во кое ги повика граѓаните да се воздржат од патување во Русија и да избегнуваат масовни собири во Москва поради можни терористички напади.
Германија исто така ги промени своите упатства за своите државјани и оние со двојно државјанство. Извештајот укажува на потенцијалниот ризик од напади со беспилотни летала и терористички напади врз мрежата на јавен превоз, особено во железничкиот сообраќај во Русија.
Предупредувањата од Латвија и Германија следуваа по сличната објава на американската амбасада во Русија.
Во соопштението се наведува дека екстремистите имаат намера да нападнат големи собири на луѓе, вклучително и концерти, во следните 48 часа. Одредени активности не се наведени.
На предупредувањето се приклучи и британското Министерство за надворешни работи, кое ги советува своите граѓани да се воздржат од патување во Русија.
Денеска, 8 Март, Москва ќе биде домаќин на голем концерт со учество на естрадни ѕвезди како и голем број други настани посветени на Меѓународниот ден на жената.
Министерството за надворешни работи на Русија и Кремљ сè уште не ги коментираат изјавите на дипломатските претставништва.
„Евтини партнери“! Доколку имате одредени информации, тие треба да бидат препратени до специјални служби. Се надевам. А ако не, тогаш ова е помагање и соучесништво“, напишала главната уредничка на „Раша тудеј“, Маргарита Симонјан, на својот канал на „Телеграм“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
„Шпионирала за Киев, планирала да труе војници“: Русите уапсија готвачка на Крим

Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија објави дека уапсила 45-годишна Русинка, главен готвач во ресторан во Севастопол, на Крим, под сомнение за шпионажа за Украина и планирање труење на руски војници, објави „Киев пост“.
Неименуваната жена, која е во притвор, е обвинета дека работела за Главната дирекција за разузнавање на Украина (ХУР) во последните две години. ФСБ тврди дека таа ги понудила своите услуги на украинската разузнавачка служба уште во септември 2023 година.
Таа наводно користела WhatsApp за да споделува информации со своите врски за локациите и рутите на рускиот воен персонал и опрема во Севастопол, поранешното главно пристаниште на руската Црноморска флота. ФСБ конкретно тврди дека таа фотографирала бродови на Црноморската флота стационирани во Севастополскиот залив, кои подоцна биле користени од украинските вооружени сили за планирање ракетни напади.
Таа е обвинета и за планирање труење на припадници на руските специјални сили кои го посетувале ресторанот каде што работела.
Кримскиот одред на ФСБ соопшти дека жената е обвинета за „велепредавство“ според член 275 од Рускиот кривичен законик, додавајќи дека истрагата за нејзините „криминални активности“ е во тек. Во соопштението за медиумите на ФСБ се наведува дека ова е уште еден пример за тоа како „украинските специјални служби ја дестабилизираат општествено-политичката ситуација и предизвикуваат економска штета на државата со активно регрутирање сторители на саботажи и терористички напади“.
фото: принтскрин
Регион
(Видео) Општа тепачка на свадба во Србија: гостинка ја удри невестата, возврати младоженецот

Свадбена прослава во Горњи Милановац се претвори во вистинска драма кога избувна масовна тепачка меѓу гостите.
Според порталот 192.рс, инцидентот започнал кога гостинка на свадбата, од причини кои засега се непознати, физички ја нападнала невестата и ја удрила.
Потоа реагирал младоженецот, обидувајќи се да ја заштити својата сопруга, а конфликтот набрзо се проширил и на другите гости.
Според снимката, во салата владеел целосен хаос, додека некои од присутните се обидувале да ја смират ситуацијата.
фото: принтскрин
Регион
Дојава за бомба на имотот на Милорад Додик

Утрово, во Бања Лука е примена пријава за поставена бомба на имотот на Милорад Додик, поранешниот претседател на Република Српска.
Според Радио Сараево, полицијата веднаш излегла на местото на настанот и спроведува контрадиверзиска инспекција на имотот.
Претходно наутро, е примена и пријава за бомба во хотелот „Палас“ во Бања Лука. Министерството за внатрешни работи на РС извршило увид и утврдило дека станува збор за лажна пријава.
фото: принтскрин