Македонија
Бојмацалиев од Прифатниот центар „Винојуг“: Илегалната миграција намалена 50 отсто
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во Прифатниот центар „Винојуг“ во Гевгелија присуствуваше на координативниот состанок во организација на раководството на Регионалниот центар „Југ“, со претставници од сите релевантни државни институции, меѓународни организации и невладини организации – присутни фактори во Привремениот транзитен центар како дел од националната компонента во справувањето со мешаните миграциски движења.
Целта на состанокот беше последниот позитивен извештај на Народниот правобранител како резултат на меѓусебното координирано и хармонизирано постапување на овие институции со илегалните мигранти во кампот „Винојуг“ во Гевгелија. Овој позитивен извештај е плод на сите заедничките вложувања и на несебичната поддршка на сите фактори во овој процес, соработка која и понатаму не само што ќе се одржува туку и ќе се продлабочува.
Во последниот позитивен извештај отстранети се сите забелешки, кои беа детектирани во изминатиот период, а заслугата е заедничка.
Во своето обраќање по тој повод дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, рече: „Дозволете ми да истакнам дека она што ја одбележа измината година, во поглед на унапредување на граничното управување беше ратификацијата и операционализацијата на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативните активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража, кој го потпишавме со почитуваната еврокомесарка Јохансон. Договорот за Фронтекс овозможува конкретна поддршка на терен за зачувување на безбедноста на границите. Европската Унија на овој договор гледа и како на конкретен чекор во зачувување на безбедноста на Унијата, бидејќи заштитата на македонските граници од мигрантските текови, нелегалната миграција и од прекуграничниот криминал значи заштита на границите на ЕУ. Со неговото влегување во сила се овозможи, на наше барање, да се распоредат полициски службеници на ФРОНТЕКС на критичните точки на границата, заедно со нашите полициските службеници, што придонесува кон зголемување на нивото на соработка, размена на искуства и знаење, како и можност да се користи целата опрема на Фронтекс”, истакна Бојмацалиев. Притоа, тој сподели статистика во однос на откриени илегални мигранти и баратели на азил реализирани од страна на полициските службеници на ниво на МВР вклучувајќи ги овде сите Регионални центри во земјава компаративно со постигнатите резултати на ниво на Регионалниот центар Југ.
„Според официјалната статистика на МВР, ако во 2023 година беа спречени 13.954 обиди за влез на илегални мигранти на ниво на сите Регионални центри, само на ниво на Регионалниот центар Југ таа бројка изнесуваше 12.265 спречени обиди за влез на илегални мигрант. За период од два месеци во 2024 година на ниво на МВР таа бројка изнесува 1596 спречени обиди за влез, само на РЦ Југ беа спречени 1057 обиди за влез на илегални мигранти. Компаративно на ова во 2022 година на ниво на МВР беа спречени 27.394 илегални обиди за влез , а само на ниво на РЦ Југ таа бројка изнесуваше 23.451.
Овие бројки покажуваат намалување на илегалната миграција за 50% за што најголема заслуга имаат полициските службеници и раководството на РЦ Југ и во оваа прилика им упатувам честитки за постигнатите резултати бидејќи, ова не се само обични бројки, напротив ова се преземени заеднички активности во кои е вложен многу труд, посветеност, а пред се професионалност и многу хуманост за што изразувам особена почит и благодарност и до сите институции, меѓународни организации и чинители вклучени во овој процес”, рече Бојмацалиев.
Бојмацалиев информираше и за баратели на азил во 2024: „Во делот на баратели на азил во 2023 година на ниво на МВР таа бројка изнесуваше 604 лица а во Прифатниот центар Винојуг имавме 202 лица, во истиот период првите два месеци од 2024 година на ниво на МВР изнесува 36 лица а во Прифатниот центар Винојуг имаме 24 лица”, рече Бојмацалиев.
На крајот од своето обраќање Бојмацалиев упати благодарност до Европската Унија за континуираната помош која што ја добива Министерството за внатрешни работи преку регионалните ИПА проекти, со уверување дека и во периодот што следи со исклучителна посветеност ќе се работи кон операционализирање на мастер-планот изработен од Фронтекс, како еден од нашите стратешки приоритети кон доближување кон европските и меѓународните стандарди во оваа област.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

