Македонија
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ ја почнува кампањата против врсничко насилство „Следна станица“
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“, ја почнува тригодишната кампања „Следна станица“, која им цел да го поттикне практикувањето на позитивните вредности кај младите и со тоа да ја превенира појавата на насилство во училиштата.
Кампањата се спроведува со финансиска поддршка од Детската фондација „Песталоци“, во партнерство со Коалицијата на младински организации – СЕГА, Лабораторијата за социјални иновации – „Смарт АП“ и Македонскиот центар за граѓанско образование – МЦГО. Изработените видеоматeријали, постери и објави на креативен начин, ќе им ги претстават на учениците сите позитивни работи што ги овозможува пријателството и ќе им ја укаже важноста од меѓусебното прифаќање, разбирање и почит.
Во рамките на кампањата ќе бидат спроведени низа активности, кои во континуитет ќе вклучуваат ученици од неколку основни и средни училишта. Главни канали на комуникација ќе бидат социјалните медиуми „Инстаграм“, „Фејсбук“, „Тик-ток“ и „Јутјуб“, со цел да се допре до учениците од основните и средните училишта. Традиционалните медиуми ќе се користат за да биде информирана и пошироката јавност.
„Преку кампањата ‘Следна станица’ сакаме да го објасниме нашето патување кон безбедна училишна средина и на тој начин да ги презентираме позитивните вредности најмногу насочени кон учениците. Како и сè во животот, така и конфликтите имаат некаков пат, насока поради која тие се продлабочуваат или прекинуваат. Ние ги презентираме можностите за секој млад човек, ученик, дека крајната дестинација може да биде онаква како што посакува. Не секогаш сè зависи од нас, но преку нашите постапки им даваме пример на другите и со тоа влијаеме кон резултатот. Дополнително, сакаме да ги разбудиме заспаните набљудувачи, да ги освестиме среќните сеирџии, да ги охрабриме уплашените пријатели и другари и сето тоа да го направиме ненасилно меѓутоа активно, смислено со цел и секако заеднички“, Жарко Змијанац, проектен менаџер на ПДАС „Меѓаши“.
Тој посочи дека кампањата „Следна станица“ ќе содржи многу потстаници, како: станица разбирање, станица почит, станица храброст, станица поддршка, станица љубов, станица пријателство и многу други, додавајќи дека преку симболичната презентација на секоја од станиците, со карактеристичните позитивни вредности наброени претходно, ќе се даде правец кон безбедната училишна средина.
„Секој ученик следејќи и негувајќи ги позитивните вредности, односно патувајќи низ нашите станици, дава придонес кон креирањето на една таква безбедна средина. Морам да напоменам дека главните креатори на кампањата се самите ученици, и тоа од повеќе градови и училишта од Македонија, кои заеднички на тридневна работилница ги утврдија главните вредности станици и го снимија и почетниот видеоматеријал со кој почнува кампањата“, посочи Змијанац.
Преку времето што го поминавме со учениците заклучивме дека не само што младите може сами да се изборат за својата безбедна училишна средина туку може и на возрасните да им покажат како треба да постапуваат.
Засега е предвидено кампањата главно да е насочена кон јакнење на свеста кај младите за превенција на меѓуврсничкото насилство, но бидејќи ќе трае во период од речиси три години сигурно ќе бидат опфатени и други блиски теми, наведе Жарко Змијанац.
Комуникациската асистентка Делфина Саздовска потенцира дека главната цел на оваа кампања е промената што може да се постигне со само една одлука, која носи кон позитивно однесување на учениците во насилството.
„Кампањата не се однесува само на содржината, станува збор за поврзување со децата, децата кои се жртви, децата кои се насилници, па и оние што се пасивни учесници. Веруваме дека секој ученик има право да учи и да расте во средина без малтретирање, злоупотреба и дискриминација. Со поттикнување на чувството за заедница, емпатија и разбирање, имаме цел да создадеме позитивен ефект што ја надминува дигиталната област и продира во училишната клупа“, посочи Саздовска.
Таа ги повика учениците од сите основни и средни училишта во земјава колку што е можно поактивно да се вклучат во кампањата и да дадат свој личен придонес во креирањето безбедна училишна средина.
Слоганот на кампањата „Следна станица“ носи силна порака дека треба да се премине од моментнта состојба кон нешто ново, односно кон нова средина, во која сите ученици ќе бидат среќни, ќе другаруваат и ќе се чувствуваат безбедно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

