Македонија
(Видео) Пановски по обвинувањето дека украл 29 клупи: За жал, Арсовска не е потпишана за да се видиме на суд, се крие зад Градот
Изборите треба да се искористат да се изберат нов градоначалник на Скопје и нов совет оти вака не оди, вели професорот и член на Советот на Скопје, Никола Пановски, кој беше обвинет дека украл 29 клупи оти јавно праша каде се. За спорните клупи на кејот на Вардар на потегот од Градскиот парк до мостот кај хотелот „Александар палас“, кои ги нема, Пановски вели дека имало точка на дневен ред на седница во февруари, но информација не добиле, па бидејќи нема комуникација со градоначалничката, нема седница за советнички прашања, тој одлучил да сподели на „Фејсбук“ дека клупите се исчезнати. Неговата објава на „Фејсбук“ иницира Град Скопје да испрати соопштение до медиумите, во кое тврди дека клупите се украдени и кражбата е пријавена, како и низа обвинувања за него, меѓу кои и сомневање дека учествувал во крадењето на клупите.
„Во објавата напишав каде се клупите. Ништо повеќе. И го дадов како пример дека ние за обични работи, кои лесно може да се проверат, апсолутно не добивме информација. Што останува за нешто друго. Претходно, напишав и објава за неодржување на седниците за советнички прашања. Е, тоа однесување, Градот Скопје, а според ракописот – тоа е градоначалничката, го смета за срамно. За жал, не е потпишана за да се видиме на суд, па таму да објаснува, туку се крие зад Градот. Градот се 600.000 луѓе. Тоа е срамно што се прави, срамно е да не се одговара и да се пишуваат такви работи и уште ме упатува во МВР да сум прашал кај некојси кадар на ЛДП. Тој не е кадар на ЛДП, тој си работи во МВР одамна, тој е професионалец и член на ЛДП. Него да сум го прашал, а ако не сум го прашал, сум учествувал бидејќи сум знаел детали како се украдени клупите. Да сум знаел, ги фотографирав. Бев таму со велосипедот и видов како се откорнати“, вели Пановски.
Тој наведува дека градоначалничката е скарана со советниците од ВМРО-ДПМНЕ и во ист кош ги става сите советници иако тој е во групата што ги гласаат предлозите што доаѓаат од Град Скопје за разлика од другите, кои тврди дека требало да се убедуваат за да изгласаат, дури и примање донација. Пановски вели дека со објавата на „Фејсбук“ сакал да укаже на состојбата во која се наоѓа Градот.
„Сакав да им кажам на граѓаните до каде е работата. Сите треба веднаш да побараме оставка бидејќи градот се распаѓа и да се искористат изборите да се избере нов градоначалник и нов совет. Да не се направи притисок на граѓаните бидејќи вака не оди. Замислете, се расправаме еден час да се прими донација“, рече Пановски.
Иако предлага да се избира нов градоначалник, тој не е оптимист дека работите може да се сменат и вели дека на скопјани им останува да тераат уште една и пол година како досега – на своја штета.
Комуналната инспекција на Град Скопје на 12.2.2024 година при извршен инспекциски надзор на кејот на реката Вардар на локацијата што ја посочуваше откри и констатира дека недостига урбана опрема – клупи.
„Макфакс“ побара објаснување од Град Скопје за сомневањата што ги имаат поради кои го обвинија Пановски дека учествувал во кражбата на клупите. Објаснување за сомневањата не дадоа, но велат дека кражбата на клупите ја пријавиле на 12 февруари.
„Комуналната инспекција на Град Скопје на 12.2.2024 година при извршен инспекциски надзор на кејот на реката Вардар откри и констатира дека недостига урбана опрема – клупи. За настанот уште веднаш е известена ПС Карпош, а со допис на 22.2.2024 година повторно е побарано од ПС Карпош да се постапи по пријавата. До овој момент сè уште немаме одговор од надлежната полициска станица“, велат од Град Скопје.
Од таму не одговорија и на прашањето зошто за украдените клупи известија дури по објавата на Пановски, а не кажаа ниту дали на местата на украдените клупи ќе постават нови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.

