Спорт
Винисиус повторно мета на расистички навреди

Шпанската лига ќе пријави расистички скандирања упатени кон играчот на Реал Мадрид Винисиус Жуниор пред натпреварот на Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите против Интер.
Винисиус, на социјалните мрежи сподели видео на кое се слушаат навивачите на Атлетико како скокаат и извикуваат „Шимпанзо Винисиус“, пред стадионот „Сивитас Метрополитано“.
Бразилскиот фудбалер побара реакција од институциите, а на социјалната мрежа „Х“ напиша: „Се надевам дека веќе размислувавте за нивната казна“.
На таа објава тој ги означи профилите на Европската фудбалска унија (УЕФА) и Лигата на шампионите.
„Тоа е тажна реалност бидејќи се случува и на натпревари на кои не присуствувам“, додаде Винисиус.
Шпанската лига соопшти дека ќе ги пријави инцидентите до обвинителството за злосторства од омраза и дека ќе преземе мерки и покрај тоа што скандирањата се случуваат на натпревар кој не е во нејзина организација и надвор од стадионот.
Ла Лига изјави дека е целосно посветена фудбалот да биде место без омраза и немилосрдно ќе продолжи да ги гони сите дела на расизам, хомофобија, насилство и омраза, без оглед на конкуренцијата.
Имаше и наводи за скандирање против Винисиус пред натпреварот во вторникот од Лигата на шампионите меѓу Барселона и Наполи.
„Кадена Сер“, објави видео на кое навивачите на Барселона извикуваат „Смрт за Винисиус“ пред нивната победа од 3:1 против Наполи. Слични скандирања се слушаат и на другите дерби натпревари меѓу двата клуба.
Винисиус е мета на расистички навреди откако дојде во Шпанија пред шест години. Навивачите често го навредуваат поради бојата на кожата, го нарекуваат мајмун, а минатата година симпатизерите на Атлетико закачија кукла со неговиот лик на еден мост во Мадрид, пред дербито во Копа дел Реј.
На 26 март Шпанија и Бразил ќе одиграат пријателски натпревар на стадионот на Реал како дел од заедничката борба против расизмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Хојлунд е на чекор до преселба на „Сан Сиро“

Манчестер јунајтед се согласи да го позајми Расмус Хојлунд на Милан, но договорот сè уште не е дефинитивно склучен.
Данскиот напаѓач стана вишок на „Олд Трафорд“, откако во клубот дојдоа Матеуш Куња и Бенјамин Шешко. Милан веднаш покажа сериозен интерес за Хојлунд.
Според „Газета дело Спорт“, се очекува челниците на Јунајтед да му соопштат на официјален состанок, на Хојлунд, дека е вишок во тимот, а потоа треба да се пресели на „Сан Сиро“.
Манчестер е подготвен да го испрати на позајмица, а двата клуба сè уште не го дефинирале моделот по кој Хојлунд би се преселил во италијанскиот гигант.
Сигурно е дека по завршувањето на сезоната, Милан ќе мора да го откупи неговиот договор од Манчестер јунајтед. Според медиумите станува збор за сума од околу 35 милиони евра.
Фото/ Принскрин
Спорт
Столбот на одбраната на Челзи се здоби со тешка повреда

Дефанзивецот на Челзи, Ливај Колвил, претрпе повреда на предните вкрстени лигаменти, потврди клубот од „Стенфорд Бриџ“.
Човекот кој минатата сезона се етаблираше како најпостојан стопер на „сините“ и столб во походот кон трофејот во Конференциската лига, сега ќе мора да направи долга пауза.
Колвил се повредил на првиот тренинг во понеделникот, а вчера бил опериран.
Предвидувањата велат дека тој би можел да биде надвор од терените помеѓу шест и 12 месеци, во зависност од брзината на закрепнувањето.
Менаџерот Енцо Мареска ги има на располагање Весли Фофана, Тревор Чалоба, Ренато Веига, Аксел Дисаси, Беноа Бадијашил, Тосин Адарабиохо и Арон Анселмино.
Тимот од „Стемфорд Бриџ“ ќе ја започне новата сезона во Премиер лигата на 17 август, кога ќе го пречека Кристал Палас.
Спорт
Мората се враќа во Серија А

По Јувентус и Милан, Алваро Мората ќе игра во Серија А и за Комо. Галатасарај попушти и се согласи да ја раскине позајмицата на искусниот напаѓач, кој минатата зима пристигна од Милан на една година.
Според информациите што доаѓаат од Италија и Шпанија, Турците ќе добијат 5.000.000 евра од Комо, додека Милан ќе добие 1.000.000 за позајмицата.
Милан наредното лето ќе заработи уште 9.000.000 евра, бидејќи Комо ќе мора да го откупи договорот на Мората.
Ова значи дека Комо ќе потроши вкупно 15.000.000 евра за обештетување за 32-годишниот напаѓач.
Комо се исклучително активни во овој преоден рок, досега клубот на засилувања потроши над 100.000.000.
Foto/ EPA/OLAF KRAAK