Македонија
Турција има определено рок за да го испорача Палевски, но Лога не го открива: „Тоа сепак останува на нив“
Министерот за правда Кренар Лога информира дека и денеска неофицијално комуницирал со колегите од Турција за екстрадицијата на Љупчо Палевски и била побарана информација од наша страна кога ќе биде неговата испорака.
На новинарско прашање дали од турска страна биле посочени одредени рокови кога Палевски би бил испорачан во нашата држава, Лога одговори:„ Ни дадоа некој рок. Јас не сакам да кажувам такви детали бидејќи таа работа зависи од нив, а не од нас“.
„Неофицијално сме комуницирале и денеска од тука баравме информација кога ќе биде испораката на Палевски“, рече Лога.
Повтори дека при посетата на македонската делегација во Турција им било кажано дека судскиот дел кај нив е завршен и останува само административниот.
„Според нивните правила, првин мора таму да се потпише нивното МНР, па потоа министерот за правда и очекувам дека тоа ќе биде набргу бидејќи такви беа и зборовите од мојот колега од Турција“, информира Лога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски објави видео од изградбата на автопатот Тетово – Гостивар
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, објави видео од градежните активности на автопатот Тетово – Гостивар.
„Интензивно се работи на автопатот Тетово – Гостивар. Силна динамика во комплетирањето на автопатското решение на Коридорот 8. Ја градиме Македонија“, напиша вицепремиерот Николоски на својот фејсбук профил и објави видео од изградбата.
Македонија
Одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар
Во акциска контрола за сузбивање на нелегална продажба на пиротехника се одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар, следува соодветна пријава, соопшти МВР.
Денеска (08.12.2025) полициски службеници, на влезот на Бит Пазар, пронајдоа 7.107 парчиња пиротехнички средства, кои биле поставени на три импровизирани тезги.
Пиротехничките средства се одземени и се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата кои ги продавале, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
„И во наредниот период МВР ќе продолжи со преземање на мерки и активности за спречување на нелегалната трговија со пиротехника. Апелираме до граѓаните доколку забележат лица кои продаваат пиротехнички средства, да пријават во полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192“, се наведува во соопштението.
Македонија
Гужви на границите, Богородица и Меџитлија се блокирани за влез и за излез
Од 11:00 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез. На ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси, информира АМСМ.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет се очекуваат задржувања за влез во државата.
„Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничниот премин Дојран, времето на чекање за излез од државата изнесува 30 минути. На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, информира АМСМ.

