Македонија
Да потпишеме договор – кој ќе ги изгуби изборите, повеќе да не се занимава со политика, повика Бектеши убеден дека ДУИ е победник
Министерот за економија, Крешник Бектеши, ги повика политичките парти да потпишат договор – кој ќе ги изгуби претстојните избори, повеќе да не се занимава со политика. Тој е убеден дека неговата партија, Демократската унија за интеграција, е победник и на овие избори.
„Да направиме договор меѓу сите политички партии тој што ќе изгуби веќе да не се занимава со политика. Ние ја фрламе ракавицата, нека повелат сите политички партии, вклучувајќи го и ВМРО и другите партии. Ова не би можело да се случи затоа што овие таканаречени лидери на политички партии, и ова не важи само за македонската опозиција туку и за другите лидери, сите изгубиле избори и тоа не еднаш туку повеќепати. Само господинот Ахмети никогаш не изгубил и никогаш нема да изгуби избори“, рече Бектеши.
За кандидатот за претседател на државата од ДУИ, Бујар Османи, Бектеши вели дека веќе почнале да излегуваат анкети според кои тој влегува во вториот круг, а за парламентарните избори вели дека веќе не зборуваат кој ќе биде победник туку со колкава разлика нивната партија ќе победи во албанскиот блок.
За коалицирање за парламентарните избори Бектеши рече дека е овластен да преговара лидерот на партијата Али Ахмети и тоа веќе го прави.
„Во делот на коалицијата со СДСМ секако дека во моментот кога зборуваме не сме многу блиску за да има таква коалиција, но најважно од се е кога победува ДУИ победуваат граѓаните, а веќе се знае дека ДУИ сигурно ги победува наредните парламентарни избори“, рече Бектеши денес по одбележувањето на Светскиот ден на потрошувачите.
Освен лидерот Ахмети, кој е авторизиран за преговори со политичките партии, Бектеши вели дека во нивната партија има целосна мобилизација на членството за претстојните избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

