Македонија
Ковачевски го повика Милошоски да не го блокира законот за рестриктивни мерки откога на црната листа на САД се најдоа Јакимовски и Јанева
Одлуката да ги стават на црната листа градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, и поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, САД ја носат врз основа на информации со кои располагаат, смета експремиерот Димитар Ковачевски. Тој денес јавно го повика патеникот Антонијо Милошоски да не го блокира предложениот закон за рестриктивни мерки, со кој лицата од црните листи на земјите што ни се стратешки партнери ќе може да бидат процесирани преку домашното законодавство.
„Се работи за одлука што ја носат американските институции врз основа на информации со кои тие располагаат. Со оглед на тоа што САД се наш стратешки партнер, исто како и Европската Унија и Обединетите нации, Владата подготви закон за рестриктивни мерки. Поднесен е до Собранието. Ги повикуваме пратеникот Антонијо Милошски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ да не го блокираат законот и да го пуштат во собраниска процедура. Очигледно е дека тој од некаква причина го блокира тој закон да не биде ставен на комисиска расправа и да не биде донесен. Доколку не планираат да го стават, тогаш треба да кажат од кои причини тој закон не сакаат да биде донесен во Собранието“, рече Ковачевски.
Неговата партија вчера и преку соопштение до медиумите го повика Милошоски, кој е претседател на Комисијата за надворешна политика во Собранието, да го стави на дневен ред предложениот закон и да го поддржат за да биде изгласан.
СДСМ јавно побара поддршка за предложениот закон за рестриктивни мерки откога Стејт департментот вчера соопшти дека на црната листа се ставени Јакимовски и Јанева. Јакимовски оти како градоначалник бил вмешан во коруптивни дејства, користење на положбата за мешање и попречување на урбаното планирање, набавки во негова корист и во корист на неговите соработници, а Јанева оти е вмешана во коруптивни дела, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и службена моќ за лична корист.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Утре сончево време со температура до 15 степени
Утре во утринските часови ќе има појава на магла по котлините. Во текот на денот ќе биде претежно сончево и тивко, освен во југоисточните делови каде ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на слаба магла. Во текот на денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 11 степени.
До крајот на неделата нашата држава ќе биде под влијание на висок воздушен притисок кој ќе услови стабилно и релативно топло време. По одделни котлини во претпладневните и ноќните часови ќе има појава на магла.
Македонија
(Фото) Колони возила чекаат влез во Македонија преку „Дојран“, „Богородица“ е затворен
Колони возила чекаат на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Ники“ (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси, информира АМСМ.
Според најновата информација од АМСМ, сообраќајот на ГП „Богородица“ (ГП Евзони) од 15 часот е нормализиран во двата правци.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.

„Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничниот премин Дојран, времето на чекање за излез од државата изнесува 30 минути. На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, информира АМСМ.

