Македонија
Бојмацалиев: Со реформи и дигитална опрема успеавме да имаме повеќе пријавени давачи отколку примачи на мито
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев се обрати на јавна дебата на покана од националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров, на тема „Утврдување интегритет на сите службеници што работат на високоризични работни места на ГП и граничната линија со примена на полиграф како превентивна мерка за спречување можна корупција“, во организација на Националниот координативен центар со логистичка поддршка на Владата на Република Северна Македонија.
„Наша примарна должност е да ги овозможиме сите елементарни услови за работа, да воведуваме норми и стандарди за неспорно легалистичко постапување. Притоа да ги реафирмираме улогата и позицијата на полицискиот службеник како во системот на МВР така и во очите на граѓаните како вистински сервис“, истакна Бојмацалиев. Притоа тој се осврна на реформите и напредокот на МВР во борбата против корупцијата преку дигитализирани процеси на полициското работење и воведување дигитална опрема.
„Најважно беше да создадеме мотивирана и задоволна полиција, која нема да се впушта во коруптивни дејства. За таа цел, ја покачивме платата 35 %, вложивме 17 милиони евра во подобри услови во полициските станици во државата, вложивме 14 милиони евра во униформи и опрема. Секоја година усвојуваме антикорупциска програма со систем на мерки што ќе овозможат справување со корупцијата и идентификување на причините, условите и факторите што ја овозможуваат. По препораките од ГРЕКО, МВР ја измени својата норматива (Законот за внатрешните работи) преку воведување посебен тест на интегритет за сите вработени и забрана за членување во политичка партија. Покрај Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионали стандарди, создадовме и надворешен механизам на контрола на полицијата во рамките на Народниот правобранител, посебно одделение Полициски омбудсман. Паралелно, во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се формира посебно одделение, кое исклучиво ги процесира предметите кои се однесуваат на полициските службеници кои ја злоупотребилe својата позиција“, рече Бојмацалиев надополнувајќи со тоа каква дигитална опрема е ставена во функција на борбата против корупцијата.
„Тука би ги споменал и набавките на дигитални радари, на радари за ноќно снимање, кои првпат се набавија во државата, набавката на дигиталните дрегери за алкотестирање, кои се вмрежени во еден софтвер и од кој не може да ги избришат податоците. Од држава со 7 дрегери и 10 радари, денес имаме 144 дрегери и 128 радари, најсовремени во регионот. Тука се 10-те специјални возила за надзор, вредни 3 милиони евра, во регионалните центри за гранични работи во државата. Тука се и боди-камерите за граничната полиција, донација од нашите стратешки партнери САД, кои се покажаа како исклучителна алатка во овој процес на неселективност при постапувањето. Успеавме да имаме повеќе пријавени давачи отколку примачи на мито“, рече Бојмацалиев на крајот од своето обраќање упатувајќи честитки до националниот координатор за јавните дебати во насока на унапредување на граничната безбедност и уште поефикасна борба против корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.
Македонија
Времето утре – сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 10 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, со коишто разговараше за актуелните предизвици во областа на заштитата на животната средина.
Претставниците на двете организации ги изнесоа своите согледувања и препораки со посебен акцент на еколошката правда, превенцијата од еколошки штети, заштитата на природните ресурси и усогласувањето со европското право.

Според Сиљановска-Давкова заштитата на животната средина треба да биде клучен приоритет, а соработката меѓу институциите, граѓанските организации и стручната јавност е од суштинско значење за креирање одржливи и ефикасни политики. Таа укажа дека вклученоста на овие организации во креирањето на законските решенија треба да биде институционализирана, преку нивно учество во комисиските тела во Собранието и во Владата.
Именувањето на експертот од областа на метеорологијата и климатските промени, проф. д-р Спиридонов, за член на Советот за безбедност, е важен чекор кон интегрирање на научната експертиза во стратешкото одлучување. Ова, според претседателката, би им овозможило на невладините еколошки организации, со своите идеи и предлози да придонесат во работата на ова тело.
Соговорниците се согласија дека загрозувањето на животната средина е сериозен безбедносен ризик и закана за уставно загарантираното право на живот.

Тие ја нагласија потребата од користење на меѓународни искуства и унапредување на регионалната соработка во справувањето со реалните предизвици.
Претседателката и претставниците на МЗМП и ФЛОРОЗОН повикаа на континуирана едукација и поттикнување на младите во градењето партнерски однос со природата како неопходен предуслов за превенција на можни штети со несогледливи последици.

