Македонија
ДПМНЕ не собралa потписи за Силјановска, немаат поддршка од граѓаните, вели Кузеска
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/01/Kuzeska.jpeg)
ДПМНЕ нема собрано валидни, законски потписи за нивната кандидатка за претседател Гордана Силјановска Давкова. Кандидатурата во ДИК за Силјановска ДПМНЕ ги поднела со потписи на пратеници, а не со потписи од граѓани. Очигледно, ДПМНЕ како што ги лажира анкетите, сакала да ги лажира и потписите, па кога разбрале дека ќе се проверува легалноста на секој даден потпис не ги поднеле, вели Богданка Кузевска, портпаролка на СДСМ.
„Ова е можеби за прв пат ДПМНЕ да нема собрано потписи зад својот кандидат, но тоа и не е толку важно. Клучното е дека ниту ДПМНЕ ниту Гордана Силјановска ја немаат поддршката од граѓаните. Граѓаните не сакаат враќање назад и изолација, не се спремни да поддржат антиевропски политичари. На граѓаните не им треба претседател кој ќе биде продолжена рака на Белата палата, партиски послушник, на граѓаните не им треба реприза на Иванов. На граѓаните не им треба уште една катастрофа по примерот на Скопје“, вели Кузеска.
Според неа, ниту ДПМНЕ ниту Силјановска не можат да донесат промени на подобро.
„Затоа граѓаните на изборите ќе изберат европска иднина со СДСМ и Стево Пендаровски“, завршува Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Муцунски на НАТО Работен појадок во пресрет на Самитот во Вашингтон
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Nato-pojadok-1-mucunski.jpeg)
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес беше домаќин на НАТО работен појадок, на кој присуствуваа амбасадорите на земјите членки на НАТО, како и Украина, Јапонија и ЕУ.
Настанот се одржа во пресрет на НАТО Самитот во Вашингтон каде ќе биде одбележана 75-годишнината од формирањето на Алијансата.
Работниот појадок беше можност да се потврдат клучните приоритети на Алијансата, кои треба да одговорат на заедничките предизвици. Воедно, на него беше истакната важноста за заедничко демонстрирање единството и заедничките напори за зајакнување на капацитетите и можностите за колективната безбедност.
Министерот Муцунски ги презентираше ставовите на земјата во однос на стратешките одлуки што треба да се донесат на самитот. Заеднички беше потврдена заложбата за обезбедување на колективната одбрана и подготвеност за одговор на предизвиците кои доаѓаат од сите правци. Притоа беше нагласено постигнувањето повеќе од 2% од БПД на земјава за трошоци во одбраната.
„Благодарни сме што НАТО го препознава Западниот Балкан како Регион од стратешка важност за Алијансата. Цврсто веруваме дека продолжувањето на блиската координација и заедничките активности на НАТО и ЕУ во регионот е од суштинско значење, првенствено преку забрзување на процесите на европска и евроатлантска интеграција. Ова е од суштинско значење за зацврстувањето на стабилноста и затворањето на вакуумот кој е подобен за дестабилизирачки влијанија од трети страни“, истакна министерот Муцунски.
Состојбите во Украина, во контекст на европската безбедносна архитектура беа во посебен фокус на појадокот. Можноста на самитот, земјите членки на НАТО заедно со украинските власти да разговараат за нивните краткорочни и долгорочни потреби, ќе овозможи донесување на важни одлуки кои ќе го детерминираат идниот тек на состојбите и иднината на оваа земја.
На него беше истакната важноста од учеството на партнерите од регионот на Индо-Пацификот, во формат АП4, заедно со високи претставници на ЕУ, и можноста за размена на мислења со нив во насока како да се продлабочи соработката, вклучително и заедничките напори за одржување на мирот и стабилноста во двата далечни, но поврзани региони, со зачувување на правилата засновани на меѓународниот поредок и заштита на нашите заеднички вредности.
Македонија
В година со уште позаострени мерки против препишување, 3,25 била просечната оценка на државната матура
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/1-7.jpg)
Просечната оценка која ја постигнаа средношколците на државната матура годинава е 3,25. Споредбено со минатите години, постои намалување (3,65 во 2023 година, 3,78 во 2022 година и 3,61 во 2021 година) кое, според Државниот испитен центар како надлежна институција за спроведување на процесот било резултат на преземените заострените мерки при полагањето.
Од МОН објаснија дека вкупно 14.834 пријавени кандидати, на 1 јуни го полагале задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, додека на 8 јуни се полагаше изборниот предмет, а тестирањето се спроведе во холовите и спортските сали на училиштата, заради поголема прегледност и контрола на набљудувачите над учениците.
Резултатот, како што информираше директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска, се: откриени 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, додека 4 ученици биле фатени како препишуваат решенија по претходно добиени одговори на поставените прашања. При оценувањето на тестовите, оценувачите детектирале 175 ученици кои препишувале на тестовите, како и 22 плагијати. На 268 ученици на кои им била изречена мерката поништување на испитот ќе можат повторно да полагаат во августовскиот испитен рок.
Според Михајловска, најголем број на прекршување на правилата за полагање на Државната матура се констатирани во СЕПУГС „Арсени Јовков“ – Скопје вкупно 32, потоа во СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Скопје каде се изречени 18 мерки, во СОУ „8 Септември“ – Тетово има 14 изречени мерки, по 13 мерки за прекршување на правилата на тестирањето се изречени во СОУ „Методија Митевски – Брицо“ – Скопје и ЦСНО „28 Ноевмри“ – Дебар. Во СУГС „Цветан Димов“ – Скопје биле изречени 12 мерки за остранување од процесот на полагање на Државната матура.
Честитајќи им на учениците кои успешно ја завршија матурата и го потврдија стекнатото знаење во средното образование, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека согласно законските прописи во земјава, па и во многу други држави, дипломата е предуслов за упис на факултет.
За следната година најави две новини кои ќе помогнат за подобра организација на полагањето на државната матура и како што рече, тоа ќе биде обид да нема препишувања и други противзаконски, неетички и неморални дејства и на учениците и на тестаторите и набљудувачи.
„Ќе инсистирам полагањето на Државната матура да се реализира во амфитеатрите и други простории на јавните факултети каде има блокатори и друга технологија која ќе оневозможи користење на комуникациски уреди за време на полагањето, затоа што најчесто, поединечни и масовни препишувања се случуваат преку примена на мобилни телефони и други уреди на кои има инсталирани апликации за комуницирање“, истакна Јаневска.
Втората мерка се однесува на измена на правилниците за полагање државна матура, од аспект на подигнување на одговорностите на лицата кои се вклучени во процесот.
„Мора да постојат санкции за набљудувачите, тестаторите и за сите они ги делат просториите со учениците што полагаат, а прават пропусти и жаргонски кажано – замижуваат пред некоректни активности од страна на учениците“, додаде министерката.
Скопје
Герасимовски: Продолжуваме со „Цел Центар на точак“, пријавете се за субвенции за нов велосипед
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/WhatsApp-Image-2024-07-05-at-11.07.31_34a15925.jpg)
Општина Центар денеска го објави Јавниот повик за доделување субвенции за купување нов велосипед, електричен велосипед и електричен тротинет, во рамки на проектот „Цел Центар на точак“. Финансиската поддршка изнесува 30 проценти од сумата на купениот велосипед, но во износ најмногу до 3.000 денари .
„Секој полнолетен жител на Општина Центар може да се пријави на овој Јавен повик. Морам да нагласам дека велосипедите и електричните тротинети треба да се купени по 1.6.2024. Потребно е само да ја доставите потребната документација. Проектот „Цел Центар на точак“ со години наназад се покажа како успешен. Центарци имаат навистина огромен интерес, а во исто време проектот придонесува кон здрава и чиста животна средина”, порача градоначалникот Герасимовски.
За доделување на финасиската помош потребно е да се достави пополнето барање за субвенционирање, копија од лична карта и трансакциска сметка, како и фискална сметка во оригинал за купен нов велосипед, е-велосипед или е-тротинет.
Барањето за субвенција е достапно во Архивата на Општина Центар-Скопје (барака бр.6) и на веб страната на Општина Центар-Скопје www.centar.gov.mk.)
Комплетната документација заедно со барањето се доставува во архивата на Општина Центар- Скопје, барака бр.6, од 09:00 часот до 15:00 часот, почнувајќи од денот на објавување на јавниот повик.
Субвенционирањето трае се до исцрпување на средствата.
Правото на субвенција е еднократно.