Македонија
Извршителката Јакимовска во полициска станица во Кичево нападна полицаец откога претходно го изгреба новинарот Фуркан Салиу

Извршителката Весна Јакимовска, вчера, откога го изгреба новинарот Фуркан Салиу, во полициската станица во Кичево нападна полицаец. Министерството за внатрешни работи денес извести дека извршителката ги уништила и записниците што полицијата ги направила за настанот.
„Вчера, во 23.20 часот, полициски службеници од ОВР Кичево ја лишиле од слобода В. Ј. (60) од Скопје. Таа, претходно, на улицата Трајче Стрезоски во Кичево физички го нападнала Ф. С. (33) од Скопје и ја оштетила неговата службена опрема, а потоа во службените простории на ОВР Кичево, каде што била повикана на разговор, физички го нападнала полицискиот службеник и го уништила изготвениот службен материјал. По целосно документирање на настанот, против неа ќе биде поднесена соодветна пријава“, пишува во денешниот билтен на МВР.
Фуркан Салиу вчера за „Макфакс“ изјави дека извршителката го изгребала, физички го нападнала и му го оштетила микрофонот.
„Почнавме да ја прашуваме зошто и како, кога го виде микрофонот, реагира како што реагира, го скина кабелот на микрофонот и бевме принудени да викнеме полиција бидејќи ни ги зеде и микрофоните. Во полицијата таа негира, два микрофона си зедовме, ама за еден негира дека е кај неа и не ни го врати. Додека бевме во полиција, имаше големи притисоци, бараше од полицијата да ми се одземат снимките, но тоа не оди така. Не може полицијата да ми одземе снимки. Мене ме изгреба, физички ме нападна и, како што кажав, го оштети микрофонот“, вели Фуркан Салиу за „Макфакс“.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници го осудија вчерашниот физички напад кон новинарот Фуркан Салиу од страна на извршителката од Кичево, Весна Јакимовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Карпош и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.30 часот, корисниците од улицата Франце Прешерн, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Симеон Кавраков, Петар Ацев и Анастас Митрев, општина Аеродром.
Македонија
Сончево со умерена облачност, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а во северните делови засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура за 3 до 5 степени. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а попладне засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Од денеска до среда во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Потоа ќе преовладува претежно стабилно време, а дневните температури ќе бидат без промени.
Македонија
(Фото) Успешна евакуација на повредено лице со хеликоптер на Армијата

Вчера, во попладневните часови, по добиено барање од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата на Република Северна Македонија, поради сериозноста на повредите и непристапниот терен, изврши итна медицинска евакуација со хеликоптер од вВИНГ, на лице кое паднало во провалија во близина на Ливадичко Езеро, Шар Планина.
Повреденото лице, при падот, се здобило со скршеници на раката, ногата и колкот, како и со обилно крварење, поради што било во критична состојба. На лице место интервенираше екипаж- тим на парамедици, кои и покрај непристапниот терен успешно го извлекоа и имобилизираа повредениот.
„Армијата во координација со ЦУК и здравствените установи изврши успешна медицинска евакуација и го предаде повреденото лице на екипа од итната медицинска помош, по што истото беше транспортирано на понатамошен болнички третман.
Армијата на Република Северна Македонија, заедно со останатите институции во државата продолжува да дејствува во интерес на граѓаните, обезбедувајќи навремена и професионална поддршка“, се наведува во соопштението на Генералштабот на Армијата