Македонија
Демири потпиша декларација со Лекарската комора за поддршка на вакцинацијата: Многу болести се превенирани поради вакцинацијата

Министерот за здравство, Илир Демири, денеска потпиша заедничка декларација со Лекарската комора за поддршка на вакцинацијата, со цел зајакнување на институционалната поддршка на процесот на вакцинација и континуирано спроведување заеднички активностите за нејзина промоција.
Во своето излагање тој истакна дека сме сведоци на објавување лажни вести и дезинформации во секој сегмент од општеството, но дезинформациите, кога е во прашање здравството, може да бидат опасни за животот.
„Оттаму, неопходно е заеднички да работиме на подигнување на нивото на здравствена едукација кај населението имајќи предвид дека многу болести се превенирани токму поради вакцинацијата. Епидемијата на голема кашлица, со која, за жал, се соочуваме во моментот, е поради невакцинирањето на децата, а можеме да ја сузбиеме преку имунизација на нашите деца“, рече Демири.
Тој потсети дека во периодот 2018-2019 година, кога беше регистрирана епидемија на морбили поради опаднат опфат на вакцинацијата од 74 проценти, само во таа година се дадени 41.623 дози вакцини на деца до 14 години и како резултат на тоа е спречено натамошно ширење на епидемијата.
„Во насока на подигнување на свесноста и афирмирање на имунизацијата, Министерството за здравство, во соработка со УН-партнерите, спроведе неколку кампањи за информирање на родителите за важноста од вакцинацијата. Од двете реализирани кампањи ‘Од врата до врата’ над пет илјади деца се вакцинирани или закажани за термини за вакцинација и повеќе од 13 илјади едукативни материјали се поделени како за рутинска така и за ковид-вакцинацијата. Со потпишување на заедничката декларација формираме поширок фронт за поддршка на вакцинацијата, одржување континуитет на активностите и потенцирање на важноста на имунизацијата. Наша заедничка цел е заштита и унапредување на здравјето на граѓаните и само заеднички – со здравствената фела можеме да ја реализираме оваа цел“, рече Демири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Чекање до 45 минути на Табановце и Пелинце, а на Богородица околу 30 минути

Со зголемувањето на летните одмори и интензивните туристички патувања, на македонските гранични премини повторно се бележат големи гужви. Најголемиот притисок се чувствува на ГП Табановце и ГП Пелинце, каде времето на чекање изнесува околу 45 минути, додека на ГП Богородица возачите чекаат околу 30 минути за излез од државата.
На останатите гранични премини засега нема подолги задржувања за влез и излез од земјава, но надлежните предупредуваат дека состојбата може брзо да се промени со оглед на високата фреквенција на сообраќај.
Од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози, но апелираат до возачите на зголемена претпазливост, особено во критичните делници низ планински и речни региони.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ја прилагодат брзината на движење според условите на патот и да ја почитуваат поставената сигнализација. Особено внимание е потребно на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од одрони“, изјавија од АМСМ.
Најмногу возила има од и кон Србија и Грција, а засилено движење се очекува и во текот на викендот, кога се очекува нов бран на заминувања и враќања од одмор.
Македонија
Денес сончево и топло, попладне дожд

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне претежно во северните делови ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Кон крајот на денот ветерот ќе го промени правецот во северен. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и топло, попладне со умерен развој на нестабилна облачност. Во делови од котлината ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен, а кон крајот на денот од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 22, а максималната ќе достигне до 38 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) од утре ќе настапи позначителна промена на временската состојба. Ќе преовладува променливо облачно, нестабилно и посвежо време со услови за повремени локални врнежи од дожд, наместа поројни и проследени со грмежи, особено во вторник.
Дневната температура ќе биде во опаѓање и до средината на следната седмица се очекува да опадне за 8 до 10 степени во споредба со денешната.
Македонија
Мицкоски вечерва на Македонскиот фолклорен фестивал во Пустец, Албанија

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва ќе ја посети Општина Пустец, Албанија. Генералниот секретаријат најави дека премиерот ќе се обрати на Македонскиот фолклорен фестивал Преспа кој се огранизира во Пустец, Албанија.
Фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец со почеток во 18 часот. Ќе настапат фолклорни групи и културно-уметнички друштва од Северна Македонија и Мала Преспа, кои ќе ги претстават богатствата на македонското културно наследство.
Настанот се одржува под мотото „Единство, традиција и гордост на едно место“, а го организираат Општина Пустец, македонското друштво „Преспа“, и институции од Албанија и Македонија, со поддршка од Министерството за економија, култура и иновации на Албанија.