Македонија
Погребот на Мирко Попов ќе биде утре на Градските гробишта „Бутел“
Утре на 26 март, во 12.30 часот, на скопските гробишта „Бутел“ во Капела 1 ќе му оддадеме почит на прерано починатиот музичар, композитор, текстописец, издавач, диџеј и продуцент Мирко Попов, објави неговата издавачка куѓа „ПМГ Рекордингс“.
Попов е роден во 1972 година во Скопје. Израснат во Градски ѕид, како што и самиот велеше во неговото „кучкар маало“, почнува да купува плочи и ја засакува музиката уште од основното училиште, што логично резултираше со првите роденденски диџеј сетови во раните 80-ти години на 20тиот век. Неколкуте авангардни музички револуции во 80-тите, но и неверојатно високиот квалитет на поп музиката од тоа време помагаат да развие здрава љубопитност, разнолик музички вкус и ориентација кон постојан прогрес, што ќе се одрази пресудно во понатамошните одлуки.
Првиот професионален диџеј букинг го добива во 1992 година и оттогаш не престанува со настапи. Истата година добива простор во култното скопско музичко радио „Канал 103“, што е еден од клучните моменти во неговиот развој како личност и музичар. „Слободното изразување, кое е основна филозофија на оваа радио станица може да направи чуда со човек“, велеше Попов. Од 2008-ма до 2010-та е и главен и одговорен уредник на Канал 103.
Во 1993 е во епицентарот на македонската техно-културна револуција, ставајќи го Скопје на мапата на ова современо движење. Канал 103 е главниот катализатор и на овој модерен восклик на новата генерација. Во тој правец се движи и формирањето на ПМГ Колективот во 1995-та од Мирко Попов (и Александра Малевски), како манифест на акцијата која треба да го победи незадоволството од актуелната состојба. ПМГ во следните години ќе прерасне во водечка авангардна сила на скопските улици, одговорна за широк спектар акции во полето на музиката и урбаната култура. Настаните на ПМГ од 90-те се суштината на скопскиот урбан фолклор од тоа време, а Мирко Попов како диџеј, има можност редовно да настапува низ регионот, но и на некои атрактивни европски клупски дестинации.
Во 1998 ја формира ПМГ Рекордингс, дискографска куќа која има намера да ја регистрира и промовира квалитетната музика на новото време, славејќи ја современата култура и исправајќи историски грешки и неправди нанесени на македонската музика од блиското минато. ПМГ Рекордингс денес е водечка независна дискографска куќа во земјата, со над 300 изданија (тука влегуваат и изданијата на под-лејбловите ПМГЏез, ПМГ Танц Дигитал, Con:Tempo и Мкаедониде).
Последните години на минатиот век ги донесоа и првите (хаус, техно и електро) продукции за него, за во 2003-та сето тоа прерасне во бендот ПМГ Колектив (еклектична комбинација на жив и електронски пристап во слободен стил) каде е автор на музика, текстови, вокалист и оператор на машини за звук. Бендот за кратко време прераснува во еден од водечките домашни бендови од првата деценија на новиот век. ПМГ Колектив има издадено 9 албуми и едно издание на најголемите хитови, и отсвирено повеќе македонски и европски турнеи (повеќе од 500 концерти досега).
Дел е и од култниот електро – џез состав Кантон 6, со кој досега има издадено повеќе е.п. и 3 албуми, како и од опскурниот проект #МакедонидеКру со 6 албуми.
Има издадено Албум и неколку е.п изданија, и реализирано концерти со водечкиот македонски џез состав Сетстат.
Од 2020 година продуцира, издава и настапува и како соло артист под името Mirko Popov Quartet.
Има остварено повеќе улоги во театарски претстави, како и на филм. Потпишано неколку музики за театар и филм. Режирано радио драма.
Tој e сценарист и продуцент на документарниот филм „103-Љубовно Писмо До Алтернативната Култура” и комплетен автор на музичкиот филм „До Небото Замок”. Продуцент, сценарист и автор е на повеќе од 50 музички видеа.
Автор е на книгата „20 Години те Сакам *Монографија за ПМГ колектив”. Автор е на книгата за деца „Розевата Планета” издадена за Чудна Шума на македонски и албански јазик.
Како музички новинар пишува/л текстови во Трн, Реборн, Урбан Магазин, Тротоар, Скопско Метро и др. Објавувал своја проза, поезија и стрипови во Маргина, Лифт, Скопско Метро и др.
Заедно со музичарот Владан Дробицки, идеен творец е на џез фестивалот „Крај Вардарот Џез“, беше иницијатор и уредник на неговиот музички проект, платформата „Силата ЕУ младите“.
Попов е еден од ретките, кој во континуитет се грижеше на површината да испливаат надоаѓачките генерации домашни млади музичари, а одличен доказ за тоа е оваа платформа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме во кабинетот на Сиљановска-Давкова
Во претседателскиот Кабинет, денеска, 270 деца од скопските основни училишта „Вера Јоциќ“, „Лазо Ангеловски“ и „Димитар Македонски“, како и од градинките „Буба Мара“ и „Лилипут дворче“, присуствуваа на церемонијата на свечено менување на државното знаме.
Учениците ја пееја химната, интонирана од македонскиот воен оркестар, придружуван од воениот оркестар на Вооружените сили на Романија, којшто престојува во земјава по повод заедничкиот предновогодишен концерт.
Во придружба на своите наставници, образовни асистенти и едукатори, децата ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме изведена од Баталјонот за почести при македонската армија.
По свечниот чин, децата го разгледаа импозантниот диптих „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“ на академик Глигор Чемерски, како и работната просторија на претседателката.
Во разговорот со Сиљановска-Давкова, децата зборуваа за нивните активности, за подготовките на приредбите во пресрет на новогодишните празници и ги испеаја нивните омилени песничките.
Следеа низа прашања: за претседателската функција и работните обврски, но и за нејзиното детство, основното образование, домашните миленици, омилените книги и музиката.
Претседателката ги посоветува да учат, да спортуваат, да цртаат, да ја чуваат природата и животната средина, да се дружат и да не се навредуваат.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје конечно добива Луна Парк
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес ја најави долгоочекуваната реализација на проектот за новиот Луна Парк, значајна инвестиција што по децении неизвесност конечно ќе го донесе модерниот семеен парк за забава што го заслужува Скопје, информираат од Град Скопје.
Со започнувањето на јавната набавка за проектирање и монтажа, градот, додаваат од таму, влегува во нова фаза на урбана трансформација која ќе понуди современи атракции, целосна пристапност и нови содржини за сите генерации.
„По долги години оддолговлекувања и лажни ветувања, денес започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк.
По децении изминати во кои генерации деца беа лишени од местото што им припаѓа, место за игра, радост и незаборавни моменти, конечно започнуваме со реализација на проект што ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град.
Пред нас е изградба на ултра модерен Луна парк, еден од најдобрите во регионот, изграден според највисоки европски стандарди.
Ќе создадеме простор исполнет со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава. Посебно внимание посветуваме на пристапноста.
Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош“.
Ккако што најавува скопскиот градоначалник на просторот од 84.000 квадратни метри ќе никне место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена.
„Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити ќе создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје.
Почитувани скопјани, како што ветив – најдоброто доаѓа!
Скопјани конечно добиваат Луна парк што ќе биде симбол на нов почеток, на едно модерно, гордо и достоинствено Скопје“.
Македонија
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, соопшти Фетаи
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, со што се потврдува дека е во целосна согласност со европските стандарди и демократските вредности, информираат од кабинетот на заменик-претседателот на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи, во врска со Законот за соодветна и правична застапеност.
Со овој закон, додаваат во соопштението, ќе се обезбеди квалитетна рамнотежа меѓу системот на заслуги и почитувањето на професионалните стандарди, од една страна, и принципот на правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, од друга страна.
„Законот овозможува правична вклученост во вработувањето во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, без да се наруши квалитетот и професионализмот.
Изјаснувањето на етничката припадност е целосно доброволно и не предизвикува никакви негативни последици врз остварувањето на правата на граѓаните, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права и недискриминација. Паралелно со доброволното изјаснување за етничката припадност, законот предвидува и материјални докази од личните карти и други официјални јавни документи, со цел да се спречат можните злоупотреби на само идентификацијата“.
Со ова законско решение, како што појаснуваат од кабинетото на Фетаи се зајакнува институционалниот интегритет, инклузивноста и довербата на граѓаните во системот, преку планирано и деполитизирано управување и примена на европските стандарди за добро владеење.
Делегацијата беше предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, придружуван од професорите по уставно право Тања Каракамишева Јовановска и Јетон Шасивари.

