Македонија
Бојмацалиев: 2017/2023 Одделот за криминалистичка полиција заплени дрога во вредност 426 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, го посети Одделот за криминалистичка полиција, каде што оствари средба со раководството на оваа организациска единица, со цел да се сумираат резултатите од изминатиот период. Бојмацалиев беше брифиран за работата на Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи и Секторот за општ и насилен криминал во рамки на овој Оддел. Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, согласно своите надлежности, активно преземаше мерки и активности, согласно утврдените цели и приоритети, како и врз основа на веќе воспоставените оперативни акции, криминалистички контроли и криминалистички обработки, а во насока на сузбивање улично дилерство на сите видови наркотични и синтетички дроги, сузбивање на организирање и вршење транспорт на поголеми количини дроги, сузбивање криминални групи, кои се занимаваат со недозволена трговија и продажба на наркотични и опојни дроги, откривање и уништување насади со растенија канабис, како и откривање импровизирани тајни лаборатории за внатрешно одгледување на растенија канабис и лаборатории за производство на синтетички дроги.
На средбата од страна на раководството на Одделот за криминалистичка полиција беше истакнато: „Во рамките на оперативната акција од 14.9.2020 до 29.2.2024 година, од страна на Единицата за НТ со дрога, Сектор за НТ со дрога, оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција координирани се, а во поголем дел и учествувано во извршени вкупно 1.640 претреси на дом, објекти и помошни простории, 1.781 прегледи на лица/возила и 22 пребарувања на терен, а поради сомнение за сторено кривично дело по чл.215 од КЗ лишени од слобода се 5.815 лица. Притоа, разбиени се 19 криминални групи, пресечени се 29 меѓународни транспорти на марихуана, по два на хероин и кокаин и еден на хашиш. Поднесени се вкупно 1.566 кривични пријави поврзани со недозволена трговија со дрога, извршени од 1.807 сторители.
„Во делот на недозволената трговија со оружје, откриените кривични дела во оваа област, начелно се карактеризираат со нелегално држење и поседување на едно парче оружје, муниција или експлозивни материјали од страна на поединци, а недозволената трговија и поседувањето на нелегалното оружје, во голем дел е поврзана со вршење на други видови на кривични дела, најчесто од областа на насилниот и имотниот криминал, како и недозволената трговија со дрога. Единицата координирано со различни организациони единици при СВР во периодот од 2021 до 2023 година учествуваше во случаи каде што се лишени од слобода вкупно 64 лица при што одземени се 84 различни видови на огнено оружје и 5050 куршуми различен калибар“, беше истакнато од раководството на крим-полиција.
Бојамацалиев беше брифиран и за работата на Секторот за општ и насилен криминал.
„Од страна на Единицата за борба против корупција во периодот од 2019-2023 година има воспоставено шест меѓу секторски криминалистички обработки и има поднесено вкупно 96 Известувања. Единицата во координација со Управата за јавни приходи изврши контрола во 17 градови и 67 објекти кои приредуваат игри на среќа и забавни игри, при што од страна на УЈП по основ на данок за игри на среќа во државниот буџет се наплатени околу 100.000.000 денари. Од страна на Единица за Економски криминал при Секторот за општ и насилен криминал при Одделот за криминалистичка полиција во периодот од 2019-2023 година има 33 координирани акции, при што наплатени се 10.500.000 денари по разни основи”, беше истакнато на брифингот од страна на раководството на Одделот.
Исто така, за одбележување е делот на меѓународната соработка на Одделот, кој има воспоставена одлична соработка со Службите за борба против дрога не само со земјите од соседството и регионот, туку и со голем број земји членки на ЕУ, како Австрија, Белгија, Германија, Италија, Франција и други.
Од страна на дополнителниот заменик министер Бојмацалиев беше констатирано дека ова се најдобрите резултати во борбата против недозволената трговија со дрога во последните 30 години, како што истакна Бојмацалиев со вкупно запленети наркотични средства од 2017-2023 во вредност од 426 милиони евра, притоа во три наврати уништени над 12 тони дрога. Во оваа прилика Бојмацалиев упати честитки до раководството на Одделот за криминалистичка полиција за реализираните високи резултати во полициското работење, со уверување дека ќе продолжат со несмален интензитет и во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

