Македонија
Велковски: Ќе обезбедиме средства за реновирање на Центарот за лица со посебни потреби во Штип
Техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски денеска во рамки на секојдневните теренски посети во градовите низ Македонија, оствари средба со вработените во Центарот за социјални работи и ги посети Дневниот центар за лица со попреченост и Здружението на пензионери од Штип, на кои што средби од страна на присутните беа истакнати наталожените проблеми во текот на изминатите години.
„На средбата со вработените од Центарот за социјална заштита разговаравме за сите предизвици кои што ги имаат во доменот на социјалната заштита и направивме увид во дневниот центар којшто за жал многу години наназад не е реновиран. Ги разгледавме сите барања и недостатоци на коишто не само вработените посочуваат, туку и јас лично се уверив при посетата и после 8 мај да имаме брзи решенија за овие проблеми со кои се соочуваат пред се граѓаните на Општина Штип“, вели Велковски, којшто се заложи дека во иднина ќе се обезбедат средства за комплетно реновирање на Центарот за лица со посебни потреби во Штип.
Пензионерите за првпат по 1945 година излегоа на протести во градовите низ Македонија и го дигнаа својот глас за она што им следи како луѓе коишто ги ставиле темелите на оваа држава, смета Велковски порачувајќи им на пензионерите од Штип дека поради нивниот допринос за Македонија денеска помладите генерации вклучително и тој самиот, можат да живеат и делуваат во Македонија.
„Несистемските мерки коишто на пензионерите им даваат статистичко порамнување на пензиите, се средства со коишто еден пензионер не може да го помине месецот знаејќи колку се покачени цените на производите. Со 750 денари да отидете во еден маркет е едно кило телешко месо. 2 минути работа е, да купите едно кило месо и веќе ќе го нема тоа покачување од 5,3%. Во програмата којашто беше промовирана во неделата предвидовме линеарно покачување на пензиите за пензионерите, но исто така имаме предвидено дел и за пензионерските домови коишто голем дел треба да се реконструираат или да се стават во функција. Затоа сме и на терен, да ги детектираме работите пред да дојде 8 мај за да можеме да дадеме реална поддршка и на локалните самоуправи и да обезбедиме подобри услови за сите граѓани“, додава тој.
За време на посетата во Штип, Велковски оствари средба и со невладината организација која ги штити правата на вработените во текстилната индустрија, „Гласен Текстилец“ од Штип и со родителите на децата од дневниот центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

