Свет
„Не веруваме дека ќе ги пронајдеме живи“: Запрена потрагата по исчезнатите лица по уривањето на мостот во Балтимор
Спасувачките екипи ја прекинаа потрагата по шест лица исчезнати по уривањето на мостот во Балтимор, бидејќи се претпоставува дека се мртви, соопштија локалните власти.
„Се претпоставува дека шесте лица по кои се трагаше по уривањето на мостот во Балтимор не ја преживеаја несреќата“, изјави службеникот на крајбрежната стража Шенон Гилрет, пренесува Гласот на Америка.
„Не веруваме дека ќе ги најдеме живи“, рече Гилрет. Помеѓу шесте лица по кои се трага во реката има работници кои ги поправале дупките на мостот, од Мексико и Гватемала, јавува Си-Ен-Ен.
Медиумот потсетува дека несреќата се случила вчера, кога еден од столбовите на мостот „Френсис Скот Ки“ во Балтимор беше погоден од голем товарен брод, по што се урна дел од мостот. И луѓето и автомобилите паднале во водата од висина од 50 метри.
Две лица се спасени вчера од водата, чија температура во моментот на падот била околу -1 степен.
Американските медиуми јавуваат дека товарниот брод „Дали“ под сингапурско знаме, кој удрил во мостот, бил вклучен во уште еден инцидент во пристаништето Антверпен во Белгија во 2016 година.
Си-Ен-Ен објави дека од 2018 година, бродовите управувани од „Синерџи Марин Груп“, компанијата што управуваше со Дали, биле вклучени во најмалку три фатални инциденти.
Американската крајбрежна стража претресува десетици оштетени контејнери, за кои се верува дека содржат потенцијално опасни материјали, јавува Си-Ен-Ен повикувајќи се на неименувани официјални лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Падна снег, дува силен ветер: делови од Хрватска без струја, автопатот затрупан
Снег паѓа во Горски Котар и Лика и во делот на континентална Хрватска – од Загорје, Меѓумурје до Славонија. Силен ветер дува на Јадранот, во Риека ветерот урива дрвја и телефонски столбови.
Поради снегот, во Горски Котар и Лика во моментот нема слободен патен правец од внатрешноста кон Далмација, Риека и Истра и обратно за камионите со приколки и сите други возила што немаат зимска опрема.
Поради ветерот, на автопатот А7 Рупа – Крижишќе сообраќајот е забранет за автобуси, мотоцикли и возила со камп-приколки.
Свет
Украинскиот парламент ја откажа седницата поради закана од напад
Украинскиот парламент ја откажа седницата поради нова закана од напади.
„Блумберг“ пренесува дека овој потег доаѓа откако Москва вчера лансира експериментална балистичка ракета со среден дострел кон Украина.
Како што најавија надлежните, пленарната седница ќе продолжи следната недела.
Украина објави дека Русија вчера лансирала нов тип балистичка ракета кон градот Днипро како најнова ескалација на непријателствата и алармантен сигнал до западните поддржувачи на Киев.
Рускиот претседател Владимир Путин синоќа изјави дека Русија како одговор на нападите на американските и британските ракети со долг дострел лансирала нова балистичка ракета со среден дострел „Орешник“ на украинска територија, на која, како што рече, современите системи немаат начин да ѝ се спротивстават.
Регион
Силен земјотрес во Грција: се стресе островот Кос
Земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала денеска ја погоди Грција.
Епицентарот на земјотресот бил на 36 километри од градот Кефалос на островот Кос на длабочина од 104 километри.
Засега нема информации за причинета материјална штета.