Топ
Тешка сообраќајна несреќа во Кичево – три млади лица го загубија животот, има и тешко повредени
Утрово во 4.50 часот на улицата Магистрален пат во Кичево се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „пежо“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од С.И.(19) од Кичево и патничко возило „фолксваген голф“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од К.Е.(32) од кичевското село Трапчин Дол.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот К.Е. и неговиот сопатник А.С.(20) од село Трапчин Дол, додека возачот С.И. им подлегнал на повредите на пат кон Комплекот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, велат од СВР Охрид.
Со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид и во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, се здобиле 19-годишната Т.С. од Кичево, В.П.(21) од селото Подвис, кичевско, П.К.(21) од Кичево и еден малолетник од Кичево, сите сопатници во возилото „пежо“.
На местото на несреќата увид извршиле јавен обвинител и полициски екипи. По наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МОН воведува нови стипендии, конкурсите се веќе објавени
По воведувањето на стипендии за стимулирање на средношколци за упис на прв циклус на студии по македонски јазик за тековната академска година, Министерството за образование и наука годинава исто така за прв пат ќе додели и 7 стипендии за втор и 5 стипендии за трет циклус на студиски програми за изучување на македонскиот јазик.
Конкурсите се веќе објавени.
За стипендија за втор циклус на студии чиј износ е 9.000 денари и се доделува 9 месеци во годината, можат да аплицираат државјани на Македонија кои имаат завршено прв циклус на студии со најмалку 8,00 просечен успех, да се запишани на акредитирана студиска програма по македонски јазик на втор циклус за прв пат во академската 2025-2026 година и да не се корисници на стипендија од други даватели.
Кандидатите пак, за стипендија за трет циклус на студии чиј износ е 18.000 денари и се доделува 12 месеци во годината, треба да се државјани на Македонија со завршен втор циклус на студии со најмалку 8,00 просечен успех, да се запишани на акредитирана студиска програма по македонски јазик на трет циклус за прв пат во академската 2025-2026 година, да не се корисници на стипендија од други даватели и да имаат две препораки од универзитетски професори.
Аплицирањето е исклучиво електронски. Студентите кои ги исполнуваат условите, пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk заклучно со 9.1.2026 година.
Македонија
Василевска бара изземање на Апасиев од претседавање со Анкетната комисија за Кочани
Пратеничката од редовите на ВМРО–ДПМНЕ, Иванка Василевска, на денешната седница на анкетната комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот побараа изземање на претседавачот Димитар Апасиев од Левица.
„Колега Апасиев, дозволете ми да ви посочам дека денешното постапување на постојаната анкетна комисија за човекови права е регулирано со Законот за постапување по поднесоци и претставки, каде во членот 10 се забранува да се постапува по претставка, каде веќе има судска постапка за истата работа, а колега Апасиев, вие како правник сте должен да го знаете ова, токму затоа вашето однесување изгледа уште посомнително“, истакна Василевска.
Василевска посочи дека според правните принципи, особено во ваков тежок предмет, и самиот сомнеж е доволна причина за изземање. Таа истакна дека болката и борбата на семејствата бараат непристрасност, а не однапред пресудени ставови за тоа кој и како ќе одговара.
„Пратеникот Апасиев со неговите изјави и ставови го изгуби кредибилитетот да ја води денешната комисија. Поради сето наведено, барам изземање на колегата Апасиев од претседавање со анкетната комисија. Правдата не смее да биде водена од оние кои однапред ја негираат“, рече Василевска.
Апасиев и одговори на Василевска.
„Почитувана колешке, искрено се надаев дека ќе го надминете вашиот вмровски примитивизам, но тој дојде со целото ваше правно и латинско незнаење. Вашето правно незнаење и глума како професор по право не треба да ни го продавате како теоретски аргумент. Она што го прочитавте беше допис на Обвинителот во врска со вашата вмровска анкетна комисија, а не со Постојаната анкетна комисија, која е уставна категорија, гарантирана во членот 76 од Уставот. На вистината, почитувани колешки, не ѝ е потребна поддршката на вмровците за да биде вистина. Гласот на мајките не може да биде замолчен дури ни од овој Парламент“, рече Апасиев.
Додаде дека Комисијата не врши истражни и други судски функции, но согласно Уставот, наодите на Комисијата се основа за поведување постапка за утврдување одговорност на носителите на јавни функции.
„Каква одговорност? Па се разбира дека политичка одговорност, за да немаме министер во актуелната Влада кој со службено возило оди на судење. Е, за тоа е оваа Комисија, за да утврдиме каде потфрливме ние како општество, а потоа и сите ние како пратеници”, рече Апасиев.
Свет
Мерц вели дека Путин сака да го обнови Советскиот Сојуз, Кремљ му одговари
Кремљ денес соопшти дека европските тврдења дека рускиот претседател Владимир Путин сака да го обнови Советскиот Сојуз се погрешни и дека тврдењата дека тој има намера да нападне членка на НАТО се целосна бесмислица.
Путин, кој е роден во СССР, го опиша распадот на таа земја во 2005 година како најголема геополитичка катастрофа на 20 век, бидејќи десетици милиони Руси беа осиромашени, а самата Русија беше загрозена од распад.
Критичарите тврдат дека Русија под Путин се враќа кон апсурди и репресии споредливи со периодот кога Леонид Брежњев беше лидер на СССР. Западните лидери велат дека Путин, ако победи во Украина, еден ден ќе го нападне НАТО.
Путин постојано негира дека има намера да ја нападне алијансата и рече дека таков потег би бил глупав.
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Путин сака да го обнови стариот Советски Сојуз и дека Европа мора да се одбрани од, како што рече, јасните намери на Русија, наведени во официјалните руски доктрини, да го нападне НАТО.
„Тоа не е вистина“, одговори портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на новинарско прашање за тврдењата на Мерц. „Владимир Путин не сака да го обнови СССР затоа што тоа е невозможно, а тој самиот го кажал тоа многу пати“.
„Зборувањето за тоа не е внимателно кон нашите партнери“, рече Песков. „Очигледно, г-дин Мерц не го знае тоа“, додаде тој. „А што се однесува до подготовката на напад врз НАТО, тоа е целосна бесмислица“, рече тој.
фото/депозитфотос

