Свет
Во Јапонија пет лица починале од суплементи
Во неделата, од почетокот на повлекувањето на серијата јапонски медицински додатоци, пет лица починаа, а повеќе од 100 лица досега се хоспитализирани, јавува „Асошиетед прес“ (АП).
Компанијата Kobayashi Pharmaceuticals од Осака се најде на удар на критики бидејќи не излезе веднаш во јавноста со проблемите што беа познати внатре во компанијата уште во јануари и првото јавно соопштение за тоа го објави дури на 22 март, пренесува медиумот.
Претставници на компанијата рекоа дека 114 лица биле лекувани во болниците по земањето на производите, вклучително и Benikoji choleste help, која има цел да го намали холестеролот и содржи состојка наречена бени-коџи, еден вид црвена мувла.
На почетокот на неделата две лица починаа по земањето на овој производ. Некои луѓе развиле проблеми со бубрезите, но точната причина сè уште се истражува во соработка со владините лаборатории, рече производителот.
„Длабоко се извинуваме“, им изјави денеска претседателот Акихиро Кобајаши на новинарите, пишува АП.
Тој изрази каење за загинатите и заболените, како и за нивните семејства.
Тој исто така се извини за проблемите предизвикани на целата индустрија за здрава храна и лекарската фела додавајќи дека компанијата работи на спречување дополнителни штети и подобрување на управувањето со кризи.
Производите на компанијата се отповикани – како и десетици други производи што содржат бени-коџи вклучувајќи мисо-паста, крекери и прелив со оцет.
Јапонското Министерство за здравство на својата официјална веб-страница објави список на сите повлечени производи вклучувајќи ги и оние каде што бени-коџи се користеше за бојадисување храна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Британскиот парламентарен комитет: Не сме подготвени да се браниме од инвазија
Одборот за одбрана на Долниот дом на британскиот парламент заклучи дека лабуристичката влада многу бавно напредува во исполнувањето на своите обврски во областа на одбраната од обновени закани од Русија и Кина, објави денес британскиот „Телеграф“.
Во извештајот на Комитетот се наведува дека Лондон не ги исполнува своите обврски од член 3 од договорот на НАТО за „одржување и развој на индивидуални и колективни капацитети за спротивставување на вооружен напад“.
Комитетот, исто така, предупреди дека Велика Британија речиси и да нема интегрирани системи за противвоздушна и противракетна одбрана, како и дека нема план за одбрана на својата територија и прекуокеанските територии.
Фото: принтскрин
Европа
Фицо: Сакаме НАТО да ја зајакне воздушната одбрана во Словачка
Словачка сака НАТО да ја зајакне воздушната одбрана во земјата што е дел од нејзиното источно крило, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо по состанокот со генералниот секретар на воениот сојуз.
За време на разговорите во Братислава со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Фицо, исто така, ги бранеше плановите на Словачка да одлучи за темпото и структурата на трошоците за одбрана во наредните години, додека повеќето членки на НАТО ги зголемуваат таквите инвестиции.
Словачка се спротивстави на политиката на Европската Унија да ѝ помогне на Украина да се одбрани од руска инвазија во 2022 година, а Фицо на состанокот со Руте повтори дека неговата влада нема директно да испраќа смртоносно оружје во Киев, но ќе дозволи комерцијални договори.
„За време на разговорот, тој, исто така, побара од генералниот секретар да ја зајакне воздушната одбрана во Словачка“, се вели во соопштението на словачката влада по синоќешниот состанок, без да даде дополнителни детали.
Словачка во последните години се обидува да ги зајакне своите капацитети за воздушна одбрана, набавувајќи системи за воздушна одбрана од Израел и купувајќи нови борбени авиони Ф-16. Тоа е една од земјите-членки на ЕУ на источниот брег што во септември се согласи да изгради „ѕид од беспилотни летала“ со напредна технологија за детекција.
фото: принтскрин
Регион
(Видео) Ограбена златарница во БиХ: еден крадец пронајден мртов, бил фрлен од автомобил
Висниска драма се одвиваше утрово во центарот на Калесија, во близина на Тузла, каде што беше ограбена златарница. Еден од разбојниците беше пронајден мртов, а според неофицијални информации, неговото тело било фрлено од автомобилот од другите крадци додека бегале, како што потврди Кликс.ба.
Кратко потоа, полицијата го пронашла и запалениот автомобил користен во грабежот.
Сè започнало утрово околу 7:35 часот, кога во Оперативниот центар на Полициската управа на МУП на Тузланскиот кантон е пријавен грабеж со употреба на огнено оружје, пишува Кликс.
„На местото на настанот се испратени сите расположиви патроли на Полициската станица Калесија, Полициската станица Калесија ОКП, тимовите за брза интервенција на Специјалната полициска единица за поддршка, а полициските патроли на Полициската станица Сапна, Полициската станица Живинице и полицајци од Полициската станица Зворник се на терен (во поширокото подрачје), со оглед на тоа што сторителите се оддалечиле од местото на настанот“, соопшти Министерството за внатрешни на кантонот Тузла.
Во потрагата по разбојниците се вклучени и членови на Граничната полиција на БиХ и Министерството за внатрешни на Република Српска, со што е започната една од најобемните полициски операции во областа.
Целиот инцидент се случил во исклучително прометен дел од Калесија, во непосредна близина на основно и средно училиште, како и бројни ресторани и продавници. Пукањето предизвикало голема вознемиреност кај граѓаните, особено кај родителите и учениците кои во тој момент се упатувале кон училиштето.
Полицијата целосно го блокирала поширокото подрачје на центарот на градот, а истрагата е во тек. Министерството за внатрешни работи на кантонот Тузла соопшти дека засега, додека не заврши истрагата, не можат да потврдат дали имало пукање врз полицајци.
фото: принтскрин

