Свет
Туск: Европа е во предвоена состојба, следните две години ќе решат сè
Полскиот премиер Доналд Туск оцени дека ситуацијата во Европа е најлоша од крајот на Втората светска војна и апелира до Европејците да сфатат дека војната не е концепт од минатото, туку дека живеат во предвоена состојба, во која секое сценарио е можно и дека во следните две години сè ќе се реши.
„Не сакам никого да исплашам, но војната повеќе не е концепт од минатото. Реално е, почна пред две години. Знам како звучи за луѓето од помладата генерација, но мораме ментално да прифатиме дека доаѓа нова ера. Предвоена ера. Не претерувам“, изјави Туск во интервју за неколку европски медиуми, меѓу кои и полскиот весник „Газета Виборча“.
Тој рече дека шпанскиот премиер Педро Санчез побарал на самитот на Европската Унија зборот војна повеќе да не се користи во документите на ЕУ бидејќи луѓето не сакаат да се плашат на тој начин, а во Шпанија тоа им звучи апстрактно.
„Она што предизвикува најголем немир денес е тоа што буквално секое сценарио е можно. Ваква ситуација не сме имале од 1945 година. Јас одговорив дека во мојот дел од Европа војната повеќе не е апстрактна и дека наша обврска не е да разговараме, туку да дејствуваме и да се подготвуваме за одбрана“, рече Туск.
Полскиот премиер во интервју за „Газета Виборча“ апелира да го отфрли размислувањето „што ако“ бидејќи главната задача на Западот е да ја брани Украина да остане независна држава со територијален интегритет.
„Иднината на Украина е главно во наши раце. Не се работи само за Полска и ЕУ, туку за целиот Запад. Од нас зависи дали Украина ќе успее да ги избегне песимистичките сценарија. Денес, ситуацијата е многу потешка отколку пред една година, но многу подобра отколку на почетокот на војната кога војниците на Путин стоеја на периферијата на Киев“, изјави полскиот премиер, пренесува „Бета“.
Без разлика кој ќе биде во Белата куќа во следниот мандат, Туск смета дека Европа мора поактивно да ги негува трансатлантските врски и дека е погрешно да се мисли дека е лојална само ако се откаже од воените амбиции или, напротив, дека поради политиката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и антиамериканските чувства во некои европски земји, тие треба целосно да го прекинат сојузот со САД.
„Потребен ни е силен сојуз со САД и во исто време мора да бидеме независни и самодоволни кога станува збор за одбраната. Наша задача е да ги негуваме односите без разлика кој ќе биде претседател на САД. Нема причина Европејците да не го почитуваат основниот принцип и да не издвојуваат најмалку два отсто од БДП за одбрана“, рече Туск.
Полскиот премиер рече дека разбира оти Шпанија или Италија не сакаат да издвојуваат четири отсто од БДП годишно, по примерот на неговата земја.
„Но, два отсто од БДП едноставно мора. Не разбирам како некој може да го оспори тоа. Треба да издвоиме што е можно повеќе за набавка на оружје и муниција за Украина бидејќи живееме во најкритичниот момент од крајот на Втората светска војна. Следните две години ќе одлучат сè. Ако Украина биде поразена, никој во Европа нема да може да се чувствува безбеден“, рече Туск.
Полскиот премиер предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин ја обвинува Украина за терористички напад на концертот во Красногорск и дека, како што наведе, тоа го прави без никакви докази.
„Од историјата знаеме дека Путин користи ваков тип на трагедии за свои цели. Се сеќаваме што се случи по нападот на театарот во Дубровка или училиштето во Беслан. Путин веќе почна да ја обвинува Украина иако не покажа никакви докази. Очигледно е дека треба да оправда уште побрутални напади врз цивилни објекти во Украина“, изјави Туск во интервју за европските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Роб Јетен е најмладиот и прв геј премиер во историјата на Холандија
Роб Јетен (38) денеска официјално стана најмладиот и прв геј премиер во историјата на Холандија, откако кралот Вилем-Александар ја потврди неговата малцинска влада, јавува Хина.
Лидерот на прогресивната и проевропска партија Д66 ја однесе партијата до изненадувачка изборна победа во октомври, ветувајќи крај на политиката на поделби.
Владата ја сочинуваат Д66, демохристијаните (ЦДА) и десниот ВВД, но располага со само 66 од 150 пратеници во парламентот, што значи дека за секој закон ќе ѝ биде потребна поддршка од опозицијата.
Опозициските партии веќе ги критикуваа плановите за зголемување на одбранбениот буџет на 3,5 отсто од БДП до 2035 година, што треба да се финансира со кратења во социјалата и здравството и со нови даноци.
Владата најавува ограничување на надоместоците за невработеност, повисоки здравствени придонеси и побрзо зголемување на старосната граница за пензионирање. Најавен е и построг пристап кон азилот и миграцијата.
Јетен изјави дека има простор за подобрување на плановите пред усвојувањето на конечниот буџет.
Свет
Сикорски: Унгарија покажува шокантен недостаток на солидарност кон Украина
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски денес ја обвини Унгарија дека покажува шокантен недостаток на солидарност кон Украина и дека верува оти унгарската влада создава клима на непријателство кон Киев за да ја искористи во изборната кампања.
„Очекував многу поголемо чувство на солидарност од Унгарија кон Украина. Но, наместо тоа, со помош на државната пропаганда, владејачката партија успеа да создаде клима на непријателство кон жртвата на агресија. А сега се обидува да ја искористи на општите избори. Тоа е доста шокантно“, изјави Сикорски пред новинарите во Брисел, пренесува Ројтерс.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изјави претходно денес, пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, дека континуираниот отпор на Унгарија јасно ставил до знаење дека на состанокот нема да се постигне консензус за предложениот нов пакет санкции против Русија.
Европа
Дали ЕУ експресно добива нова членка? Политико: Референдум уште на лето
Исланд ја разгледува можноста за одржување гласање за рестартирање на преговорите за членство во ЕУ уште во август, според два извори запознаени со подготовките за пристапување на земјата.
Оваа вест доаѓа во време кога проширувањето на ЕУ се чини дека повторно добива на интензитет, додека Брисел работи на план што би можел да ѝ донесе на Украина делумно членство уште следната година, а Црна Гора, како водечки кандидат, минатиот месец затвори уште едно преговарачко поглавје, пишува Политико.
Владејачката коалиција во Рејкјавик вети дека ќе одржи референдум за продолжување на преговорите за пристапување, кои претходната влада ги замрзна во 2013 година, до 2027 година.
Сепак, временската рамка се чини дека се забрзува поради геополитичките превирања, одлуката на Вашингтон да воведе царини за Исланд и заканата на американскиот претседател Доналд Трамп да го анектира Гренланд.
Се очекува исландскиот парламент да го објави датумот на гласањето во следните неколку недели, според изворите, кои зборуваа под услов на анонимност. Овој потег следеше по серија посети на европски политичари на Исланд и исландски претставници на Брисел.
Доколку Исланѓаните гласаат „за“, тие би можеле да се приклучат кон ЕУ пред која било друга земја-кандидатка, рече еден од испитаниците.
„Дебатата за проширувањето се менува“, изјави за Политико комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, која се сретна со исландската министерка за надворешни работи, Торгердур Катрин Гунарсдотир, минатиот месец во Брисел.
„Сè повеќе станува збор за безбедност, припадност и зачувување на нашата способност да дејствуваме во свет каде што се натпреваруваат различни сфери на влијание. Тоа е прашање за сите Европејци.“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се сретна со исландската премиерка, Криструн Фростадотир, во Брисел минатиот месец и рече дека нивното партнерство „нуди стабилност и предвидливост во нестабилен свет“.
Фон дер Лајен, која го посети Исланд минатиот јули, ја пофали земјата за зајакнување на соработката со ЕУ за време на состанокот на Нордискиот совет во Стокхолм минатата есен и планира нова посета на арктичкиот регион во март.

