Свет
Нетанјаху закрепнува од операцијата на кила: „Неговата состојба е совршена“
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху закрепнува во болницата „Хадаса Ајн Керем“ во Ерусалим откога доцна синоќа беше опериран со кила, објави денеска „Тајмс оф Израел“.
Болницата соопшти дека операцијата била успешна и дека Нетанјаху се разбудил од анестезија и разговара со семејството, пишува весникот.
„Состојбата му е совршена“, изјави професорот Алон Пикарски, шеф на општата хирургија.
Во соопштението на болницата се наведува дека кардиологот бил дел од медицинскиот тим на премиерот за време на операцијата. Минатата година на Нетанјаху му беше вграден пејсмејкер за да спречи срцеви аритмии.
На израелскиот премиер во саботата му била дијагностицирана хернија за време на рутински преглед.
Додека Нетанјаху беше на операција, премиерската функција привремено ја презеде министерот за правда Јарив Левин, кој е и негов заменик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
СЗО: Нема поврзаност меѓу вакцините и аутизмот
Светската здравствена организација (СЗО) објави нова анализа со која повторно потврдува дека не постои причинско-последична врска меѓу вакцините и аутизмот, спротивно на тврдењата што кружат во јавноста. Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека аутизмот не е несакан ефект од вакцините.
Анализата на Советодавниот одбор за безбедност на вакцините опфатила 31 научна студија спроведена во повеќе земји во период од 15 години, вклучувајќи вакцини што содржат алуминиум и тиомерсал. СЗО наведува дека ова е четврта ваква ревизија по оние од 2002, 2004 и 2012 година, и сите дошле до ист заклучок – вакцините не предизвикуваат аутизам.
Од СЗО потсетуваат дека тврдењата за поврзаност потекнуваат од студија од 1998 година која подоцна била повлечена поради фалсификувани податоци. Организацијата нагласува дека вакцините остануваат едни од најважните медицински достигнувања и дека значително придонеле за намалување на смртноста кај децата.
Свет
„Си-Ен-Ен“ објави: Американската ФДА разгледува воведување највисоко предупредување за вакцините против ковид-19
Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) планира да воведе т.н. „блек бокс“ предупредување, највисоко ниво на безбедносно предупредување, за вакцините против ковид-19, објави Си-Ен-Ен.
Станува збор за предупредување кое се користи за истакнување на сериозни ризици, животозагрозувачки и трајни несакани ефекти, кои мора да се земат предвид во однос на придобивките од вакцината. Планот сè уште не е конечен и не е јасно дали ќе се однесува само на мРНА вакцините или на сите вакцини против ковид-19, ниту дали ќе ги опфати сите возрасни групи.
Американското Министерство за здравство и социјални услуги (ХХС) не го потврди планот, наведувајќи дека без официјална објава од ФДА, станува збор за шпекулации.
Според научни проценки што ги пренесува Си-Ен-Ен, вакцините против ковид-19 во првата година од примената спречиле околу 20 милиони смртни случаи во светот. Податоците на американскиот ЦДЦ покажуваат дека вакцинираните деца во сезоната 2024/2025 имале значително помал ризик од итни лекарски интервенции поради ковид-19.
ФДА претходно побара проширување на предупредувањата за ризик од миокардитис и перикардитис, ретки воспаленија на срцето, кои најчесто се јавувале кај млади мажи по мРНА вакцините. Според ЦДЦ, повеќето случаи завршиле со закрепнување, без смртни исходи.
Повеќе експерти предупредија дека воведување на „блек бокс“ предупредување без јавно достапни докази може да ја наруши довербата во вакцините. Од ФДА и HHS ги отфрлија тврдењата дека процесот е политички мотивиран.
Конечната одлука на ФДА се очекува до крајот на годината, но плановите сè уште може да се променат.
Фото: Депозитфотос
Свет
Будимпешта обвинува: Со одлуката за рускиот имот завршува владеењето на правото во ЕУ
Унгарија упати остри критики за гласањето во Брисел за замрзнатиот руски имот, оценувајќи дека со тоа се кршат темелните европски договори и принципот на едногласност. Од Будимпешта порачаа дека ваквата одлука значи крај на владеењето на правото во Европската Унија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалната мрежа „Икс“ напиша дека „Брисел денес го преминува Рубикон“, наведувајќи дека со писменото гласање се укинува барањето за едногласност при одлучувањето за замрзнатите руски средства. Според него, со оваа одлука европските лидери се ставаат над правилата и завршува владеењето на правото во ЕУ.
Орбан ја обвини Европската комисија дека ги крши европските договори за да продолжи, како што рече, војната во Украина, оценувајќи дека во Унијата наместо владеење на правото настанува „владеење на бирократи“.

