Култура
Оваа недела Денови на македонската литература на Филолошкиот факултет при УКИМ

Оваа недела Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе ја посвети на македонската литература. Во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура ќе се одржи годинешното издание на манифестацијата Денови на македонската литература со предавања на еминентни професори од земјата и од странство и со настан преку кој се обедини креативниот потенцијал на студентите од повеќе генерации.
Мнифестацијата ќе биде отворена на 3 април 2024 година (среда), во 12 часот, со предавање на проф. д-р Виолета Пирузе-Тасевска, која целиот свој работен век го мина на оваа катедра на Филолошкиот факултет. Предавањето ќе биде на тема „Српскиот и македонскиот книжевен романтизам“, а ќе се одржи во Библиотеката за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет.
На отворањето пред присутните ќе се обратат деканот на Филолошкиот факултет, проф. д-р Владимир Мартиновски, и раководителот на Катедрата, проф. д-р Трајче Стамески.
Истиот ден, со почеток во 18 часот, во амфитеатарот 3 на Филолошкиот факултет ќе се одржи студентска вечер на македонската книжевност и култура „Непрочитано писмо“. Токму преку програмата на овој настан студенти од повеќе генерации го обединија својот креативен потенцијал и подготвија програма со која преку рецитал, драматизација, музички точки и видеопроекции ќе се претстави дел од развојот на македонската книжевност и култура, со антологиски дела по нивен избор.
Вториот ден од манифестацијата, 4 април 2024 година (четврток), ќе биде посветен на професори што предаваат македонска книжевност на странски универзитети. Нивните предавања во рамките на манифестацијата ќе се одржат виртуелно преку платформата „Зум“.
Истиот ден, во 10 часот, предавање ќе одржи проф. д-р Жељко Милановиќ од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад. Предавањето ќе биде на тема „Како се предава македонската книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад?“. Потоа, во 11 часот, предавање ќе одржи проф. д-р Намита Субиото од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, на тема „Рецепцијата на расказот ’Вампир’ од Петре М. Андреевски во Словенија: од превод до адаптација во музичко-раскажувачки перформанс“.
Гостинските предавања на професорите по македонска книжевност од странските универзитети се планира да бидат и натамошна постојана практика во рамките на настаните што на Филолошкиот факултет се организираат со влог на Катедрата за македонска книжевност и култура.
Сите настани од програмата на манифестацијата Денови на македонската литература се од отворен карактер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Затворен 13. „Џифони Македонија“ – избрани најдобрите филмови на фестивалот

Шведскиот филм „Престолонаследникот и враќањето на Тиранинот“ од Торд Даниелсон е најдобар кај јуниорите (шесто до деветто одделение), а рускиот „Од почеток“ од Полина Кондратева е најдобар за кадетите и сениорите (прва до четврта година средно) на 13. „Џифони Македонија“, што заврши синоќа.
Вообичаено, по изгледаните филмови во повеќе категории, жирито на фестивалот кое се состои од сите негови учесници, гласаат за наградите на фестивалот.
Кај јуниорите, најдобар краток ученички филм е прогласен „Безвредна борба“ (Combat de merda) од Нико Ферари и Таина Арагонес (Шпанија). Најдобар краток филм е „Метеора“ на Микеле Бучи од Италија.
Во категоријата на кадети и сениори најдобар ученички филм е „„Доста е!“ од Јоханес Брандвајнер и Ана Хилтгартнер (Австрија). Најмногу гласови за категоријата краток филм освои „Андромеда“ од Ана Меликјан (Русија). Најдобар анимиран краток филм е прогласен „17 часот“ од Флака Коколи (С. Македонија / Косово).
Неда Стојановиќ, Јана Петрушевска и Бисера Чоневска се првите учеснички на „Џифони Македонија“, избрани за наредното издание на „Џифони експериенс“ во 2026 година.
На последната вечер што се одржа во киното „Фросина“, видовме што креирале учесниците на фестивалот во изминатите денови, на нивните работилници. Мјузикл, фотоизложба, кратки филмови… го видовме раскошниот талент на нашите џифонци, предводени од нивните ментори. Фестивалот се одржа под мотото „Да се стане човек“.
Давиде Русо, директорот за институционална соработка на „Џифони експериенс“ му се заблагодари на тимот на „Џифони Македонија“ за добрата работа.
– Ги поздравувам италијанските учесници и поздрав до Дарко Башески, едниот дел е дрвено пиперче што се верува дека носи среќа, а другиот дел е симбол на градот Џифони. Благодарение на финансиската поддршка од Италијанското Министерство за култура, а од оваа година и италијанската агенција за млади, го организираме фестивалот и подобро – рече Русо.
Ви благодарам за целата поддршка и за големата мотивација. Џифони фестивалот е голем извор за мотивација и инспирација. Тие џифонци што ја посетуваат Италија го знаат тоа, истакна Дарко Башески, директор на фестивалот „Џифони Македонија“ во поздравниот говор.
Во изминатите шест дена Скопје беше домаќин на 400 учесници од Македонија, како и 30-ина од Италија, Швајцарија, Данска, Романија, Србија, Косово и Црна Гора. Младите учесници од другите земји се сместени во фамилиите на нивните врсници од Скопје.
Култура
„Танец“ ја заокружи својата балканска турнеја

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, триумфално ја заврши својата Балканска турнеја, оставајќи зад себе трага од воодушевена публика и силни емоции.
Со наслов „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, турнејата го потврди статусот на „Танец“ како ненадминат амбасадор на македонската култура.
Оваа турнеја не беше само серија настапи, туку и културна мисија. Таа успеа да ја премости географската оддалеченост, да поврзе генерации и да ја претстави виталноста и убавината на македонскиот фолклор.
Концертите во Валпово (Хрватска), Крањ (Словенија), Виена (Австрија) и Лакташи (Босна и Херцеговина) „Танец“ ја воодушеви публиката со енергични кореографии и раскошни носии, пренесувајќи ја богатата македонска култура и традиција. Експлозијата на бои и звуци, од нежните звуци на тамбурите до моќните удари на тапаните, создадоа магична атмосфера што ги спои гледачите и изведувачите во еден ритам.
Турнејата претставуваше повеќе од обични концерти-тоа беше културна мисија која ги поврза Балканот и Европа. Играорците, пејачите и оркестарот маестрално пренесоа порака за виталност, убавина и културно богатство кое заслужува светско внимание. Секој настап беше доказ дека традицијата не е само минато, туку жива, пулсирачка сила.
Со овој голем триумф, Ансамблот „Танец“ ја зацврсти својата позиција како еден од најзначајните чувари и промотори на културното наследство на Македонија.
„Срцето на Македонија чука во ритамот на нашите ора и песни. Каде и да одиме, носиме дел од таа душа и таа топлина“.
Култура
Диригентката Дијана Имери-Илкоска била дискриминирана од поранешниот директор Котевски

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дека диригентката Дијана Имери Илкоска била жртва на директна дискриминација во областа на работата и работните односи од страна на Александар Котевски, поранешен в.д. директор на НУ Филхармонија.
Случајот датира од почетокот на годинава, кога работниот однос на Илкоска не бил трансформиран од определено на неопределено време иако ги исполнувала условите. Само неколку дена подоцна, таа добила забрана за влез во институцијата, а нејзиниот уметнички профил бил избришан од официјалната веб-страница на Филхармонија.
Во своето мислење, КСЗД утврдила дека Котевски не дал оправдување за прекинот на постапката за трансформација на договорот, ниту за измената на ставот дека постои потреба од вработување на неопределено време. Дополнително, ограничувањето на влезот на Илкоска во институцијата било спроведено без легитимна цел, а бришењето на нејзиниот профил не може да се сведе на техничка грешка, бидејќи било направено токму по нејзината јавна реакција.
Комисијата заклучува дека преземените дејствија биле директно насочени кон Илкоска, ставајќи ја во понеповолна положба во однос на колегите, што претставува дискриминација согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.
КСЗД препорача Котевски во рок од 30 дена јавно да ѝ се извини на диригентката. Доколку не постапи по оваа препорака, Комисијата најавува барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.