Македонија
Таравари: Гостивар го има најдобриот центар во регионот за третман на деца со аутизам
По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на аутизмот, во Гостивар беше организирана трибина на тема „Аутизам, достигнувањата, предизвиците и институциите“. Присутните зборуваа и за третманот на учениците со аутизам во образовните институции во општина Гостивар. Претседателскиот кандидат и градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, истакна дека како локална самоуправа за неколку години во Гостивар се формирани два центри за аутизам, „Blue Puzzle“ и Мултифункционалниот центар, и дека овие центри се ретки во нашиот поширок регион.
Ваљон Емини, лидер на здружението „Blue Puzzle“, рече дека од формирањето на Центарот за аутизам до денес во Гостивар, тој функционира без никакви пречки и целосно деполитизиран. Покрај локалната самоуправа, центарот има институционална поддршка и од Министерството за образование и култура и многу приватни донатории и дека во моментов се лекуваат 40 деца, а сите услуги се бесплатни.
Панелот беше организиран од Секторот за социјална заштита, здравје и детска заштита при општина Гостивар. Имерлије Салиу од ова одделение информираше дека на оваа средба инклузивниот училишен персонал се информира за третманот на учениците со аутизам, законските обврски кон овие ученици и правата на родителите на учениците со аутизам.
Дискусијата беше интерактивна, а дел од панелот беше Афердита Хамза – раководител на Одделението за социјална заштита, здравје и детска заштита при општина Гостивар; Самир Гербле – дефектолог и Зумрета Џемаили – дефектолог и рехабилитатор – логопед.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во 2025 поднесени 213 кривични пријави до ОЈО и ОЈО ГОКК, штета врз Буџетот од 102 милиони денари, соопшти Царинската управа
Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги минатата година поднесе вкупно 213 кривични пријави против 443 физички и 160 правни лица до Основното Јавно Обвинителство и Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Притоа, во 196 случаи е утврдена штета врз Буџетот од 102 милиони денари, соопшти Царнската управа.
Бројот на поднесени кривични пријави, додаваат од таму, е зголемен за повеќе од двојно споредбено со 2024 година, кога бeше поднесена 91 кривична пријава, при што најголем дел од поднесените кривични пријави, дури 80 проценти, беа евидентирани од октомври.
„За неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги се спроведени истраги и поднесени се седум кривични пријави, за криумчарење 40 кривични пријави, за царинска измама 39 кривични пријави, за фалсификување исправа 85 кривични пријави, а за недозволено тргување со оружје поднесени се седум кривични пријави. Поднесени се и кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување, вршење меѓународен јавен превоз без поседување лиценца, како и за избегнување плаќање акциза. Дури 103 од поднесените кривични пријави се поднесени за сторени кривични дела со 232 возила.
Во текот на предистражните дејствија од страна на службата против економски криминал при проверка на докази за потекло, до странски служби испратени се 450 барања, при што во 223 случаи е утврдено дека доказите за потекло се невалидни. Со странски служби извршена е и 71 проверка на увозни фактури. Дополнително од страна на службата за финансиски истраги отворени се 15 финансиски истраги против 19 физички и девет правни лица, при што целта е детекција и конфискација на нелегално стекнат имот, а со тоа и дестабилизација на криминалните групи.
Царинската управа продолжува со спроведување засилени контроли и истраги со цел ефикасна борба против криминалот и заштита на финансиските интереси на државата“.
Македонија
Филипче: Да го продолжиме повикот на Гоце Делчев, Македонија да биде европска држава, а не назад во изолација
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по повод одбележувањето 154 години од раѓањето на македонскиот великан и револуционер Гоце Делчев, порача дека делата на Делчев се потсетник дека Македонија се гради со храброст, солидарност и заедништво.
Во објавата на Фејсбук, Филипче наведува дека Гоце Делчев бил еден од визионерите кои ги поставиле темелите на македонската државотворност, потенцирајќи дека неговата порака за „светот како поле за културен натпревар на народите“ и денес претставува јасен повик Македонија да оди напред кон модерна, просперитетна и европска иднина, а не назад во изолација.
„Во време кога државата повторно се соочува со сериозни предизвици, да не дозволиме националните интереси да бидат заложник на дневна политика“, порачува Филипче.
Според него, аманетот на Делчев треба да се продолжи преку градење напредна, праведна, демократска и економски силна држава, во која младите и сите граѓани ќе гледаат перспектива.
„Нека е вечен споменот на великанот Гоце Делчев“, се наведува во објавата.
Македонија
АВМУ со реакција за заканите кон новинарот Александар Видиновски
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува сериозна загриженост за нападите, омаловажувањата и смртните закани упатени кон новинарот на Канал 5 Телевизија, Александар Видиновски, по неговата објава на социјалните мрежи во врска со непрописно паркирани возила на тротоарот пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
„Овие постапки претставуваат директен напад врз безбедноста на новинарите и сериозно загрозување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана. Новинарите имаат право и обврска да известуваат за прашања од јавен интерес, без да бидат изложени на притисоци, закани или насилство.
Особено загрижуваат смртните закани, кои претставуваат кривично дело и бараат итно и ефикасно постапување од надлежните институции. Очекуваме институциите со должно внимание да ги разгледаат овие случаи и да обезбедат соодветна заштита, со што ќе придонесат кон јасна и доследна практика дека заканите, говорот на омраза и онлајн насилството кон новинарите се недозволиви“, соопшти АВМУ.

