Македонија
По етничка основа и без никаква реална потреба, МОН продолжува со сегрегација на учениците во велешката гимназија, реагираат од училиштето
Министерството за образование и наука продолжува со сегрегација на учениците во велешката гимназија, единствено по етничка основа и без никаква реална потреба, реагираат од велешката гимназија „Кочо Рацин“.
Од таму велат дека спротивно на анализите на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ од Велес за реалните потреби и доставениот предлог-план за упис на ученици во прва година во учебната 2024/2025 година, МОН предлага укинување на една паралелка на наставен македонски јазик, со што директно им го скратува правото на учениците деветтоодделенци кои следат настава на македонски јазик. Ваквиот предлог доаѓа со цел продолжување на минатогодишното кршење на наставниот процес исклучиво по етничка основа за политички цели од политички фактори од албанска националност.
„Имено, на 29.3.2024 година беше објавен конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2024/2025 година во РС Македонија, во кој министерот Јетон Шаќири како потписник на спорниот конкурс предлага отворање втора албанска паралелка за сметка на укинатата македонска, иако податоците говорат дека нема реална потреба за тоа.
Во гимназијата последователно во претходните учебни години се пријавуваат од 25 до 30 ученици за настава на албански наставен јазик, од кои критериумите за упис во прва година (60 поени) ги исполнуваат од 12 до 22 ученици. Во учебната 2020/2021 се запишале 22 ученика, 2021/2022 – 15 ученика, 2022/2023 – 17 ученика, а во учебната 2023/2024 година се запишале 31 ученик, од кои само 20 го исполнуваа условот од 60 поени, а другите се запишаа по указ на министерот, со што се нанесе неправда кон учениците деветтооделенци, кои наставата ја завршија на македонски наставен јазик, конкурираа, но им беше скратено правото на упис со помалку од 60 поени.
Од погоре наведената статистика јасно забележливи е дека нема потреба од втора албанска паралелка, уште помалку од директна интервенција од страна на министерот Шаќири за спуштање на критериумите единствено по етничка основа бидејќи токму овие ученици во текот на годината постигнуваат слаби резултати со евидентирани негативни оцени (ова да се илустрира со оценките на овие 11 ученици наспроти другите 20 од албанската паралека), со што тенденциозно се прави удар и врз реномето на најстарата гимназија во Македонија, која се наоѓа на врвот на образовните институции во земјата“, пишуваат во информацијата од гимназијата.
Во напишаното појаснуваат дека СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ од Велес има вековна педагошка и културно-просветителска традиција во градот, постојано вложувајќи се во младите за градење напредни генерации. Во таа насока, во доставениот предлог-план од наша страна првпат е предвидена една билигвална паралелка, која ќе биде поле за натпревар на најдобрите, без разлика на кој наставен јазик (македонски или албански) ја следеле наставата во основното образование.
„Следствено на ова, сметаме дека во објавениот конкурс е нанесена неправда и е неприфатливо решение поради што наставничкиот совет на гимназијата донесе одлука за исправка и усогласување на конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2024/2025 година во РС Македонија и усогласување со предлог-планот за упис на ученици во учебната 2024/2025 во прва година до МОН преку градоначалникот на општина Велес, односно во прва година во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес да се запишат 204 ученици во 6 паралелки, и тоа:
– 4 паралелки со изведување настава на македонски јазик или 136 ученици со минимум 60 поени;
– 1 билингвална (македонско-англиска) паралелка или 34 ученици со минимум 60 поени;
– 1 паралелка со изведување настава на јазикот на заедницата – албански јазик или 34 ученика со минимум 60 поени“.
Со цел заштита на интересите на учениците, наставниците и велешката јавност, информираат дека гимназијата се обратила писмено до МОН по ова прашање и се надеваат дека ќе преовлада разумот наспроти верската, националната или етничката припадност.
„Со меѓусебно разбирање и усогласување со реалните потреби директно ќе влијаеме на образување и воспитување ученици, идни млади поколенија, кои ќе ја развиваат државата во духот на заедништвото и еднакви можности за сите“, нагласуваат од Гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.
Македонија
(Видео) СДСМ бара оставка од директорката на ГАК по смртта на новороденчето: „Има сомнежи за лекарска грешка“
СДСМ бара оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство по смртта на новороденчето.
„Денеска со огорченост стоиме пред оваа Клиника, ГАК, и бараме одговорност за последниот скандал со смртта на бебе. Овде не умрело само едно бебе кое го имало целиот живот пред себе, овде умрела, вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста. А директорката се обидела да го сокрие случајот. Новородено бебе, со реална шанса за живот, починало на интензивна нега. На родителите им било кажано дека смртта била неизбежна. Дека ништо не можело да се направи“, вели Елена Радеска, од Комисијата за здравство СДСМ.
Според неа, документите од самата Клиника говорат поинаку.
„Внатрешни пријави, изјави на лекари и официјални записници велат дека има сомнежи за лекарска грешка. Началничката на интензивна нега, писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето. Според таа пријава, реинтубацијата траела дури 20 минути. Не секунди. Дваесет минути. Во тие 20 минути, на бебето му биле нанесени повреди по што настанала и смрт. Ништо од ова не им било кажано на родителите. Ниту дека постои сомнеж за сериозна лекарска грешка. За тоа дознале од новинари. Од свиркачи. Не од Клиниката. Не од институциите“, рече Радеска.
Според неа, клучното прашање зошто директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, иако била формално известена за сомнежите и за смрт со можни пропусти во лекувањето, два месеца не известила никого.
„Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството. Бараме итна оставка на директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев. Каква е таа докторка за која Хипократова заклетва е само на хартија? Бараме целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани – без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата“, рече Радеска.
Македонија
Вонреден надзор на Гинекологија по смртта на новороденче
Министерството за здравство нареди вонреден надзор по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и изрази сочувство до родителите.
„Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницира вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат по што ќе следува и стручен надзор. Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со Инспекторатот ќе постапи професионално, стручно и транспарентно со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, велат од Министерството.
Од таму велат дека во овие тешки моменти за семејството замолуваат да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивањето на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Министерството.
Ваквото соопштение доаѓа по веста дека на ГАК на 1 октомври починало новороденче.

