Македонија
(Видео) Каевски: Голем скандал, лажните анкети на МТВ се нарачани во штабот на ВМРО-ДПМНЕ
Објавуваме голем скандал. Скандал, кој потврдува дека лажните анкети објавени на Националната телевизија МТВ се нарачани од штабот ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за реализација на цела една шема, оперативен план подготвен од Републичкиот изборен штаб на ДПМНЕ, по насока на Извршниот комитет на партијата, соопшти на прес-конференција Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
„Цела една шема за пласирање лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, а објавени на МТВ, но и за други активности како пласирање лажни вести.
Ова се документите кои се доставени до нас.
За различни сегменти задолжени се различни личности.
За лажните анкети и лажните вести, освен одговорните од Центарот за комуникации во ДПМНЕ, задолжен е и Владимир Божиновски. Меѓу задолжените е и Зоран Ставревски но и директорот на МТВ, Марјан Цветковски.
Оперативниот план го содржи она што и реално се случуваше и се уште се случува.
Предвидува креирање на емисија два пати неделно со анализирање на анкети од ИПИС на Владимир Божиновски, какви што веќе се емитуваа на МТВ.
Дефиниран е и составот на гости во емисијата, да бидат аналитичари и тоа 3 опозициски и 1 од власта.
ДПМНЕ има и одговорен и за ширење лажни вести и креираат вести преку „дувла“ кои ги објавуваат опозициски портали“, кажа Каевски.
Според него, за градоначалниците од ДПМНЕ предвидена е „обврска“ кон Владимир Божиновски.
Ова, како што оценува Каевски, е голем скандал кој покажува: „Дека лажните анкети се нереални и служат за манипулација на граѓаните. Дека се уплашени и потврдува дека нема никаква промена во ДПМНЕ“.
Оценува дека пропагандата, злоупотребите на медиумите, ширењето лажни вести и нарачаните лажни анекти, се истите методи на Никола Груевски кои сега ги спроведува Христијан Мицкоски.
Каевски дополни дека за овој скандал одговорност мора да има.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фирма од Чаир монтира небезбедно панорамско тркало во Карпош, обвини Град Скопје
Град Скопје информира дека правното лице Дизниленд реквизити, фирма од Чаир регистрирана пред само еден месец, без соодветни документи и дозволи, без потребна документација која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити во Карпош пред Борис Трајковски.
„Град Скопје, во рамки на своите надлежности изврши надзор, превзема мерки и го казни правното лице, но тој сепак насилно продожува да работи. Ги повикуваме надлежните институции и апелирам да постапат во најкус можен рок, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите останати посетители поради практицирањето на ваквото самоволие“, велат од таму.
Македонија
Вработен во МВР фатен со мито од 12.500 евра
Вработен во Министерството за внатрешни работи е фатен со мито од 12.500 евра, соопшти министерот Панче Тошковски. Како што вели тој, лицето И.М. било вработено како виш аналитичар во СВР Скопје. Осомничениот е лишен од слобода под сомневање за сторени кривични дела измама предвидени по чл. 247 од КЗ.
„Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција се постапуваше по пријава од три оштетени лица и на ден 17.05.2024 година наведеното лице е фатено на лице место во моментот на примопредавање на 12.500 евра, претходно криминалистички обработени кои ги прибавила за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б категорија. Во врска со кривичното дело извршен е претрес во службените простории кои ги користела пријавената при што е пронајдена пообемна сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело во вид на разни документи за кои постои сомневање дека се фалсификувани, разни договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи“, соопшти Тошковски.
При извршен претрес во дом и други простории кои ги користи лицето И.М. лоцирани во Општина Сарај, беше пронајдено и огнено оружје со шест парчиња муниција кое оружје и муниција најверојатно ги поседува без дозвола, за што известено е и Одделението за недозволена трговија со оружје при СВР Скопје заради преземање на дополнителни мерки.
Министерот додава дека МВР и понатаму продолжува со преземање на мерки и активности насочени кон испитување на евентуална поврзаност на наведеното лице со други високи полициски службеници.
Македонија
За осомничениот за убиството на братот и снаата се бара притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за лице осомничено дека сторило кривични дела убиство според член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
Против лицето беше поведена истражна постапка откако на 14 мај, при вршење семејно насилство, во семејниот дом во Стајковци, тој со умисла ги лиши од живот својот брат и снаата.
Осомничениот прво ја нападнал снаата, удирајќи ја повеќе пати со метална шипка по главата, а потоа го пресретнал и братот на кого исто така со шипката му нанел смртоносни повреди.
„По настанот осомничениот беше хоспитализиран. Бидејќи со подобрување на неговата здравствена состојба постои опасност тој да се даде во бегство, јавниот обвинител оцени дека мерката притвор е неопходна за непречено водење на истрагата, па до судијата на претходна постапка достави предлог за определување таква мерка“, велат од Обвинителството.