Свет
Трамп: Лично би го предупредил Путин за терористичкиoт напад
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека лично би го предупредил рускиот претседател Владимир Путин за терористичкиот напад на „Crocus City Hall“ доколку во тоа време бил претседател на САД.
Трамп ова го изјави во интервју со Хеј Хјуит, американски радио водител.
Инсинуирајќи дека Вашингтон „знаел дека ќе се случи напад врз Москва“, Хјуит го праша Трамп дали тој лично ќе му се јави на Путин за да го предупреди, бидејќи изрази сомневање дека сегашниот претседател Џозеф Бајден го сторил тоа.
„Би го повикал. Би му го соопштил тоа“, одговори Трамп.
Во терористичкиот напад на 22 март загинаа најмалку 144 лица, од кои шест деца, а над 500 лица беа повредени. Ова е најсмртоносниот терористички напад на руска територија од почетокот на 2000-тите.
Руските органи за спроведување на законот фатија четворица вооружени лица за кои се верува дека се одговорни за масакрот, како и неколку други осомничени за помагање на терористите.
Москва тврди дека терористите имале подготвен план за преминување на границата со Украина. Додека крилото на Исламската држава (ИСИС-К) со седиште во Авганистан ја презеде одговорноста за нападот, шефот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) Александар Бортников во март, рече дека САД, Велика Британија и Украина можеби биле вмешани.
Вашингтон и Брисел инсистираа дека Киев нема никаква врска со масакрот.
По масакрот во „Crocus City Hall“, Белата куќа објави дека САД споделиле информации со Москва за можен терористички напад. Шефот на руската служба за надворешно разузнавање (СВР) Сергеј Наришкин го потврди ова, но додаде дека „информациите се премногу нејасни и не дозволуваат целосно да ги идентификуваат оние кои учествувале во страшното злосторство“.
Претходно оваа недела, неименуван извор изјави за „Вашингтон пост“ дека САД ја предупредиле Русија за претстојниот терористички напад две недели пред трагедијата.
Според весникот, Москва добила предупредување со „висок степен на специфичност“ дека популарното место може да биде цел на терористи.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова во средата го отфрли тврдењето на американскиот весник, нарекувајќи го целосно лажно, пренесува „РТ Балкан“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Поранешниот шеф на крипто берза пронајден мртов во ќелија, беше осуден на 11.196 години затвор
Триесет и двегодишниот, Фарук Фатих Озер, поранешен извршен директор на неуспешната крипто берза „Тодекс“, беше пронајден мртов во неговата затворска ќелија во западниот турски град Текирдаг вчера, објави државниот радиодифузер ТРТ.
Истрагата е во тек, а службените лица се фокусираат на можноста Озер да извршил самоубиство. Според турските медиуми, неговото тело го откриле затворските чувари за време на утринска проверка.
Турските обвинители наредија целосна истрага, вклучително и испрашување на затворскиот персонал и анализа на безбедносните камери. Телото на Озер беше испратено во Истанбулскиот институт за судска медицина на обдукција за да се утврди точната причина за смртта.
Озер беше уапсен во Албанија на 30 август 2022 година по сензационално бегство што ја шокираше Турција. По него беше издадена меѓународна потерница за измама на стотици илјади инвеститори.
Озер нелегално ја преминал границата и живеел во Елбасан неколку месеци, каде што се обидел да се скрие под лажен идентитет. Уапсен е на една од плажите на југот на земјата, по заедничка операција на албанската полиција и турските власти.
Во обвинението се наведува дека измамил околу 400 луѓе, злоупотребувајќи над 2 милијарди долари средства. Неговиот случај стана еден од најголемите финансиски скандали во турската историја, потресувајќи го пазарот на криптовалути и поттикнувајќи ги турските власти да ги заострат прописите за дигитална трговија.
По неговата екстрадиција во Турција, Озер беше осуден на 11.196 години затвор за организирана измама, перење пари и водење криминална организација. Иако ги негираше обвиненијата, тврдејќи дека падот на крипто берзата е резултат на сајбер напади, а не измама, судот го прогласи за виновен по сите точки од обвинението.
Неговата смрт покрена многу прашања во турската јавност, а некои бараат независна истрага за да се утврди дали станува збор за самоубиство или за намерно отстранување на Озер, поради сознанијата што можеби ги имал за финансиската мрежа што работи преку Тодекс.
Свет
Трамп ѝ се закани на Нигерија со воена акција ако убиствата на христијаните не престанат
Американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на нигериското раководство со можна воена интервенција, доколку, како што рече, владата продолжи да допушта убиства на христијани.
Во објава на платформата „Трут соушал“, Трамп напиша дека САД ќе ја прекинат целата помош за Нигерија ако земјата не преземе мерки за запирање на прогоните.
„Ако нападнеме, тоа ќе биде брзо, сурово и слатко – исто како што терористите ги напаѓаат нашите сакани христијани!“, порача тој.
Ден претходно, Трамп ја стави Нигерија на листата на земји од посебна загриженост поради прекршување на верските слободи, наведувајќи дека христијанството таму е пред егзистенцијална закана.
Нигерискиот претседател Бола Тинубу одговори дека таквата карактеризација не ја одразува реалноста во земјата, која е речиси рамномерно поделена меѓу муслимани и христијани. Според „Франс Прес“, во Нигерија повеќе од 15 години трае џихадистичкото насилство на Боко Харам, при што загинале над 40.000 лица, а два милиона се раселени.
Свет
Зеленски најави бесплатен превоз со воз и фиксни цени на енергијата за граѓаните
Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави воведување програма за бесплатни патувања со воз и замрзнување на цените на енергенсите во текот на зимата.
Зеленски соопшти дека секој граѓанин ќе може бесплатно да патува до 3.000 километри на украинската железница, а целта е државното претпријатие да покаже дека буџетските средства навистина се користат во служба на граѓаните.
Покрај тоа, владата ќе воведе мерки за ублажување на зимските трошоци, слично на ланскaта програма од која корист имаа 14 милиони Украинци.
„Цената на гасот и електричната енергија оваа зима нема да се зголемат“, порача Зеленски.
Цената на киловат-час моментално е нешто под 0,09 евра, а по руските напади на енергетската инфраструктура, делови од земјата сè уште имаат струја само неколку часа дневно.

