Македонија
Стојаноска: Време е овој лажен европски фронт да биде испратен во заборав, затоа сите да го заокружиме бројот 2 за Силјановска Давкова
„Единствена сила која може да ја спречи оваа хаварија е ВМРО-ДПМНЕ. Единствен начин да се спречи ова зло е масовна излезност на претстојните избори и заокружување на бројот 2. Овие избори никој не смее да остане дома. Никој не смее да се уплаши од криминалците и да дозволи да биде поткупен. Овие избори се токму за да ги пикнеме криминалците во затвори, а оттаму да ги извадиме уставобранителите. Овие избори поткупува оној кој има зорт. Овие избори поткупува оној кој ги украл вашите пари. Овие избори заплашува оној кој се плаши. Овие избори уплашени се СДС и ДУИ. Овие избори тие ќе поткупуваат и ќе сеат страв. Овие избори тие ќе предизвикуваат инциденти и ќе објавуваат невистини. Овие избори не им дозволувајте да ве прелажат по трет пат“, рече носителката на ИЕ 6 Дафина Стојаноска на митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница во рамки на претседателските избори.
Таа истакна дека власта имала 7 години можност да се докажат и нешто да сработат.
„Овие избори тие ќе тресат ветувања од ракав, затоа што станаа професионални лажговци. Не им верувајте и не им се плашете. Парите кои ќе ви ги нудат се ваши пари. Потрошија преку 20 милијарди евра, а ништо не изградија. Платија 200 милиони евра казнени поени за неотпочнатиот проект Бехтел и Енка. Се сеќаваме плаќаа милионски суми камата за после 7 години неизградениот нов Клинички центар“, вели Стојаноска.
Таа вели дека за 7 години власта испокраде и испоуништи, колку што за сите останати 25 наназад не се можело.
„Што е најтрагично, истите тие 7 години наназад не’ убедуваа дека сево ова се правело заради влез во Европската Унија. Дури и во оваа кампања ја имаат извалкано со фразите за европски вредности. Не само што го извалкаа нашето свето име Македонија, туку и Европа ја испорезилија. Ни зборуваат за нивните европски вредности и залагања за членство, додека на дело спроведуваат неевропски политики, злоупотребуваа европско знаме во Парламент и нас не’ обвинуваат дека сме анти-европејци“, рече Стојаноска.
Таа посочи дека лажниот европски фронт треба да е погазен од македонскиот народ.
„Заради сево ова, време е овој лажен европски фронт да биде погазен од македонскиот народ и да биде испратен во заборав. Време е Гордана Силјановска Давкова да им покаже дека европска вредност е почитување и применување на законите. Дека европска вредност е спроведување на правдата. Дека европска вредност е почитување на правата и слободите на граѓанинот. Дека европска вредност е квалитетното образование. Дека европска вредност е здравство без криминал. Дека европска вредност е почитувањето и негувањето на македонската традицијата. Дека европска вредност е се’ што тие не беа, не се, не можат да бидат“, истакна Стојаноска.
Таа ги повика сите граѓани на масовна поддршка за Гордана Силјановска Давкова.
„Заради сево ова, ве повикувам сите на масовна и заслужена поддршка за нашата кандидатка за Претседателка на Република Македонија. Да го заокружиме бројот 2, и на 24-ти април, и на 8-ми мај, за да му покажеме на светот дека Македонија не служи за пазарење и поткусурување, туку дека Македонија е земја со богата култура и славна историја, земја со паметни и способни луѓе кои се подготвени и сакаат да ја видат повторно горда“, потенцираше Стојаноска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен ден во зима, денес сонце и температури до 15 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени и по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.

