Македонија
Мицкоски: Ахмети, Груби, Османи и останатите стотици разбојници од ДУИ од државата направија сопствен вилает

-Она кое што сакам да го прашам овде во Босилово е дали сме подготвени да ја направиме Македонија повторна горда, праша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешното свое обраќање пред граѓаните во општина Босилово во рамките на претседателската кампања.
Мицкоски потенцираше дека на овие избори се одлучува дали Македонија ќе биде онаква каква што сакаат граѓаните да ја видат или пак онаква каква што Али Ахмети му сугерираше на Димитар Ковачевски со три клучни збора „Како до сега“?
-На овие избори одлучуваме дали Македонија ќе биде онаква каква што мојата, вашата, нашата генерација сакаше да ја види или пак ќе биде Македонија онаква каква што Али Ахмети му сугерираше на Димитар Ковачевски со три клучни збора, а тоа се како до сега? Овие избори кои што следат се Македонија горда, Македонија повторно твоја или пак како до сега во која СДС се ништо повеќе од еден обичен измеќар на ДУИ, а државата, нашата Македонија ја водат Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи и останатите стотици разбојници од ДУИ кои од Македонија направија сопствен вилает, рече Мицкоски.
Во врска со принципот „Како до сега“ претседателот Мицкоски додаде:
-Каков е принципот на „Македонија како до сега“? Македонија подразбира да продолжи Артан Груби да си ги мести тендерите, а членовите на негoвотo семејство да купуваат скапоцени, милионски имоти во центарот на поголемите градови низ Македонија, вклучително и главниот град. „Македонија како до сега“ според методологија на Али Ахмети и Ковачевски е Македонија во која Бујар Османи како министер за надворешни работи патува низ светот и го распродава македонскиот идентитет, небаре го наследил од неговиот дедо. „Македонија како до сега“ е методологија во која Али Ахмети ужива во својата хациенда во Зајас небаре е некој блискоисточен мултимилионски шеик и оттаму ја крои судбината на Македонија.
На крај Мицкоски порача дека на овие избори граѓаните ќе одлучат дали ова трио ќе продолжи да ја уништува Македонија или пак ќе гласа за Македонија да биде повторно горда.
-Затоа секој еден кои што ќе излезе на овие избори одлучува дали ова трио ќе продолжи како до сега да ја уништува Македонија или пак ќе гласа за Македонија да биде повторно горда онаква каква што сакаме да ја видиме, Македонија да биде повторно ваша? На 24 Април бирате помеѓу Стево Пендаровски и професорката Гордана Силјановска Давкова, кажа Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Енергетската транзиција мора да оди рака под рака со еколошката правда и јавниот интерес

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска се обрати на свеченото отворање на MEF Energy Forum 2025 –регионален форум посветен на енергетската транзиција и климатските предизвици во Западен Балкан.
Во својот воведен говор, министерот Меџити порача дека „енергетската иднина на регионот не смее да се гради на штета на животната средина, здравјето на граѓаните и социјалната правда.“
„Западен Балкан нема луксуз да избира меѓу економски развој и еколошка одржливост. Двете мора да одат заедно – или нема да одиме никаде,“ рече Меџити пред учесниците на форумот.
Тој исто така посочи дека Министерството за животна средина и просторно планирање, веќе работи на усогласување на националната еколошка и енергетска рамка со Европскиот зелен договор и глобалните цели од Парискиот договор. Но, истовремено и предупреди дека имплементацијата мора да биде: брза, фер и транспарентна бидејќи како што кажа тој последиците од климатските промени веќе ги чувствуваме, а транзицијата не смее да ги остави најранливите заедници зад себе.
На крајот од своето обраќање, министерот упати повик за регионално здружување, инвестирање во чисти технологии и конкретни резултати наместо декларативни заложби:
„Не можеме да зборуваме за енергетска сигурност ако истовремено ги труеме реките, воздухот и земјата. Не ни требаат само добри намери, туку и храбри политики. Граѓаните очекуваат резултати, а оваа тема бара акција час поскоро“
MEF Energy Forum 2025 се одржува во Скопје под организација на ZIP Institute, со поддршка од Владата на Република Северна Македонија и повеќе меѓународни партнери.
Македонија
Злоупотреба на правото на вето, идентитетски условувања и историски ревизионизам – Сиљановска-Давкова во Тирана за проширувањето на ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Тирана и посочи дека во услови на драматични геополитички промени, со сè помалку мултилатерализам и сè повеќе мултиполарност, со војна на тлото на Европа – интеграцијата е неодложен геополитички и безбедносен императив за Европската Унија.
Таа нагласи дека е особено важна одговорноста на земјите членки од регионот коишто треба да бидат двигатели на проширувањето, а не извор на блокади што го поткопуваат кредибилитетот на Унијата.
Укажувајќи дека треба да се унапреди регионалната соработка и да се фокусираме на клучните проблеми – од одливот на мозоци до климатските промени, претседателката рече дека регионот мора проактивно да се поддржува за да не бидеме сведени на геополитичка и геоекономска периферија.
Сиљановска-Давкова додаде дека ни треба подобрена инфраструктурна, енергетска и дигитална поврзаност со цел регионот да биде поконкурентен на поширокиот европски и глобален пазар.
Упатувајќи благодарност за регионалната солидарност изразена преку несебичната нега на повредените во трагичниот пожар во Кочани, таа истакна дека со отворањето на здравствените установи за повредените македонски граѓани, како и со активирањето на европскиот механизам за цивилна заштита, се манифестираше искрено пријателство, соседска грижа и хуманост во еден од најтрагичните современи настани за државава.
Таа посочи дека патот на европската иднина води преку соработката и солидарноста, но истакна дека тој пат не е без пречки: сериозна препрека произлегува од старите предрасуди во некои европски центри кои сè уште гледаат на Балканот како на нестабилна периферија, составена од држави заглавени во конфликти, самоблокади и меѓусебни саботажи.
Истакнувајќи дека уште посериозна препрека е билатерализацијата на интегративниот процес од самите балкански соседи, преку злоупотреба на правото на вето, идентитетски условувања и историски ревизионизам, таа оцени: овие постапки не само што го забавуваат процесот на евроинтеграцијата, туку и ги засилуваат стереотипите дека Балканот не е подготвен за Европа.
Нагласувајќи дека кандидатите за членство, наместо солидарност и фер процес, сѐ почесто се соочуваат со опструкции поради билатерални прашања, претседателката оцени дека наместо европеизација на Балканот – сведоци сме на опасен тренд на балканизација на Европската Унија и истакна дека ова мора да се смени и тоа за доброто на сите.
Македонија
Панел дискусија на Лекарската комора: Системот за специјализации треба да се реформира

Лекарската комора, денес, организираше панел-дискусија на тема „Меѓународни искуства во постдипломската едукација на доктори“, на која се дискутираше за програмите и начинот на организација за специјализациите во нашата земја правејќи и споредба со начинот на кој овие процеси се организираат во Германија, Хрватска и Србија.
Од презентираните информации и дискусијата се идентификуваше потреба системот за специјализации во нашата земја да биде реформиран за да продуцираат здравствен кадар кој ќе овозможи оптимално функционирање на здравствените установи и ќе обезбеди квалитетна здравствена заштита на населението.
„Поминаа 15 години откако високообразовниот систем се усогласи со Болоњскиот процес, значителен период кој нѝ овозможи доволно време да ја процениме неговата имплементација и постигнатите резултати. За сеопфатно да ги оцениме нашите искуства во споредба со сегашните потреби и на колегите и на пациентите, тесно соработувавме со лекарските комори од другите држави. Овој заеднички напор ќе овозможи детална анализа и споредба на нашите тековни програми за специјализација“, истакна претседателката на Комората, проф. д-р Калина Гривчева Старделова.
Таа појасни дека системот на специјализации што сега постои во нашата земја одговара повеќе за терцијарните здравствени установи, бидејќи создава тесно специјализиран медицински кадар кој може да обезбеди консултација со друга специјалност доколку се појави потреба. Но кога се во прашање болниците од секундарно ниво, тогаш е потребно специјалистите да не се премногу тесно специјализирани за да можат да одговорат на поголем број здравствени услуги што се потребни за пациентите.
„Начинот на кој сега се организирани специјализациите, ги попречува докторите во секојдневната работа. Имавме реакции од колегите педијатри, дека ако докторот е супспецијалист по детска пулмологија, тогаш може да работи само во оваа тесна специјалност и да препишува лекови само за таа специјалност, а не и за пошироката специјалист – педијатрија“, вели проф. д-р Гривчева Старделова.
Во однос на задржување на младиот кадар, претседателката на Комората посочи дека овие доктори треба да бидат вработени веднаш по завршување на медицинскиот факултет, да им се даде можност да се едуцираат и да бидат достојно платени.
Проф. д-р Марија Вавлукис, продекан за настава на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го презентираше актуелниот систем на организација на специјализациите во нашата земја.
Во дискусијата што се отвори се посочи дека во рамките на реформата на специјализациите, треба да се донесе и 10-годишен план за потребите од здравствен кадар и новите специјализации да бидат распишувани според потребите идентификувани во овој документ. Политизацијата на здравство, исто така беше апострофирана како сериозен проблем.
Д-р Иван Рагуж од Хрватската лекарска комора посочи дека тие веќе неколку години водат кампања за да се реформираат специјализациите.
„Се залагаме за промени бидејќи младите доктори не се задоволни од начинот на кој се сега организирани. Бараме да постои национална програма за планирање на специјализации, тие централно да се финансираат, а не преку болниците, да има регистар на институции каде се обучуваат специјализантите, да се контролира квалитетот и да се врши евалуација на прогресот. Формирана е работна група во Министерството за здравство во која имаме и членови на Комората“, истакна д-р Рагуж.
Претставникот на Лекарската комора на Србија, д-р Милан Диниќ, појасни дека иако во неговата земја започнала имплементација на Болоњскиот систем во организација на специјализациите, поради несоодветните резултатите од примената, во 2021 година се вратил стариот систем што се применувал до 2010 година.
За разлика од кај нас, каде за специјализациите надлежно е Министерството за здравство и медицинските факултети, во Германија, како што појаснија претставниците на Германската лекарска комора проф. д-р Хенрик Херман и д-р Јоханес Гехле, оваа улога ја имаат регионалните лекарски комори, кои развиваат наставни програми и прописи за обука на специјалисти. Прописите за специјалистичка обука се усвојуваат од страна на Собранието на Германската лекарска комора, претставничкото тело на сите лекари во Германија.
Од целосната дебата ќе бидат утврдени заклучоци што ќе бидат испратени до Министерството за здравство, медицинските факултети и другите засегнати страни.