Македонија
(Видео) Муцунски: Фридом хаус ја квалификува Македонија како цикличен хибрид, криминалот и корупцијата се главен проблем

„Според оценките на Фридом хаус дадени и објавени во нивниот последен извештај за „Државите во транзиција 2024“ Република Македонија се наоѓа на листата на нации во транзиција и е оквалификувана како „цикличен хибрид“, односно како систем во кој смената на власта и елитите оневозможува да се донесат клучни структурни промени и реформи“, рече Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во извештајот се констатира и дека слободата на изразување генерално се почитува, но дека медиумскиот пејзаж останува значително фрагментиран, вклучително и по етничка линија. Се напоменува дека новинарите, особено оние кои известуваат за корупција и злоупотреба на власта, продолжуваат да се соочуваат со малтретирање и други предизвици.
Рејтингот за судската рамка и независност е намален од 3,25 на 3,00, рејтингот за корупција е намален од 3,25 на 3,00 и како резултат на тоа, оценката за демократијата на Македонија е намалена од 3,86 на 3,79.
Тоа е во целосна спротиставеност со очекувањата на нашите граѓани, но и со неопходноста од промовирање на антикорупциските механизми и судските реформи, кои се особено важни доколку сакаме да имаме суштински напредок во нашиот процес на пристапување кон ЕУ.
Клучните забелешки за Република Македонија се во насока на тоа дека:
– Судството и понатаму е една од најкритикуваните и најнедоверливи институции во Република Македонија, широко перципирајќи го како неефикасно, неефективно и склоно кон корупција и политичко влијание, вклучувајќи го и лошото работење на Судскиот совет и наводите за непотизам при именувања.
Корупцијата останува најголемиот предизвик на земјата, а антикорупциските напори се соочија со значителни падови во 2023 година поради измените во Кривичниот законик со злоупотреба на европското знаменце, а со кои се намалија казните и застареноста за корупција и доведоа до затворање на активни обвиненија против поранешни и сегашни владини функционери.
– Големиот број на наводи против високи функционери, останува да биде нотирано во извештајот.
Корупцијата исто така останува главна грижа и за јавноста и за другите меѓународни актери, особено за ЕУ и САД, кои постојано ја критикуваат Република Македонија дека не успеа ефикасно да се справи со посочените проблеми. Во наведениот контекст не смееме да заборавиме дека токму меѓународната заедница препознаена преку ЕУ и САД постојано вложува максимални напори да ни помогне со финансирање на разни програми, пренесување на искуства и знаења, но истовремено покажува сериозна решителност за санкционирање, како што беше неодамнешниот случај со објавување на црната листа на САД на која се најдоа голем број на политичари од власта.
Владеењето на правото, ефикасноста на правосудната власт и справувањето со корупцијата се сериозни проблеми кои во голем дел продолжуваат да ја загрижуваат македонската јавност, која веќе стана имуна на скандалите во областа на правосудството и јасно ја забележува немоќта и неподготвеноста на државата и нејзините институции и поединците во нив да се спротивстават на политичките влијанија и на другите предизвици со кои очигледно се соочуваат.
Крајно време е да се променат негативните состојби и тенденции кои за жал особено се изразени во последните неколку години и кои сериозно ја разоруваат основата на нашата правна држава.
Крајно време е на граѓаните да им дадеме надеж дека Република Македонија може и мора подобро со подобро раководење, знаење, со силна волја, решителност и одговорно однесување да внесе нова енергија и ќе ги создадеме сите предуслови да отвориме нови перспективи за да ја претвориме нашата татковина во пристојна европска држава, веќе широко препознатлива по своите богати традиционални и културни вредности“, изјави Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди и температури до 19 степени

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Под влијание на влажни воздушни бранови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во четврток кон крајот на денот, во текот на ноќта и во петок.
Македонија
Тоневски: Пробиштип ќе добие нова населба за млади брачни парови, градски базен и Дом за стари лица

Кандидатот за градоначалник на општина Пробиштип, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека се потребни промени во општината бидејќи нема реализација на ниту еден капитален проект изминатите осум години.
„8 години изгубивме! 8 години без ниту еден капитален проект! Ајде самите се запрашајте, колку проекти се направија овие 8 години, од празна земја до функционален објект? Ниту еден! Заедно со вас граѓаните, ја подготвивме програмата за развој на Пробиштип. Составена од над 160 проекти, со јасни чекори и мерки. Ќе направиме нова индустриска зона за незагадувачка индустрија. Ќе изработиме Водич за инвеститори. Ќе привлечеме нови инвестиции, нови компании“, рече Тоневски.
Тоневски истакна дека Лесново и Пониква ќе станат туристички атракции, а воедно и дека за младите ќе се направи нова населба и општината ќе добие нов базен и Дом за стари лица.
„Лесново и Пониква се нашите туристички бисери. тие ќе станат вистинска туристичка атракција. Во Пониква ќе изградиме детско одморалиште за летни и зимски кампови за нашите ученици. За младите ќе направиме нова населба, со плацови од 1 евро за квадрат и со намалување на комуналиите за младите брачни парови до 35 годишна возраст. Ќе го реконструираме игралиштето во Злетово, ракометното и повеќенаменското игралиште во Пробиштип. Сега, Пробиштип ќе добие нов градски базен. Зградата на поранешниот Интернат ќе ја реконструираме во Дом за стари лица, На секое семејство ќе му помогнеме со субвенции за клими, замена на прозори и енергетски ефикасни фасади“, вели Тоневски.
Македонија
Гаши-Пелегрини: Словачка останува силен поддржувач на европскиот пат на Северна Македонија

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во Собранието оствари средба со претседателот на Словачката Република, Петер Пелегрини, кој престојува во официјална посета на нашата земја.
Во пријателска и конструктивна атмосфера, соговорниците ја потврдија одличната билатерална соработка меѓу двете држави и изразија подготвеност за нејзино дополнително унапредување на сите нивоа.
Претседателот Гаши му посака добредојде на претседателот Пелегрини и истакна дека континуитетот на политичкиот дијалог и долгогодишната поддршка од Словачка во рамките на Европската Унија и НАТО претставуваат значаен поттик за Северна Македонија на нејзиниот европски пат.
Тој се заблагодари за конзистентната и принципиелна поддршка на Словачка за европските интеграции на нашата земја, како и за активната улога на Словачка во рамките на Вишеградската група, која е меѓу најгласните поддржувачи на политиката на проширување на ЕУ.
Во рамките на разговорот, Гаши ја поздрави иницијативата на Словачка за поттикнување на економската ресоцијализација на регионот на Западен Балкан, како и потпишувањето на новиот Меморандум за економска соработка помеѓу министерствата на двете земји, кој ќе создаде нови можности за зголемена трговска размена и инвестиции.
Беше истакнато и значењето на Парламентарниот институт при Собранието на РСМ, кој соработува со сличните институции во Братислава, а словачкиот Парламентарен институт има важна менторска улога во процесот на неговото институционално јакнење.
Претседателот Пелегрини, од своја страна, уште еднаш ја потврди поддршката на Словачката Република кон Северна Македонија, нагласувајќи дека ја смета нашата земја за искрен и пријателски партнер. Тој истакна дека Словачка останува силен поддржувач на европскиот пат на Северна Македонија и, како инвеститор во земјата, ќе продолжи да придонесува за нејзиниот институционален и економски развој. Пелегрини додаде дека ваквите односи сигурно ќе се продлабочуваат во сите сегменти на соработката и во годините што следат.
На крајот, двајцата соговорници се согласија дека парламентарната дипломатија претставува суштински сегмент во развивањето на пријателските односи меѓу двете држави, како и дека постои простор за продлабочување на соработката во културата, образованието и економијата.