Македонија
Постојан приход на родителите е решение на проблемот со децата питачи, омбудсманот алармира дека сегашните мерки не даваат резултат
Досегашните мерки за згрижување на децата од улица и работата со нив не го даваат посакуваниот резултат, вели Васка Бајрамовска-Мустафа од канцеларијата на омбудсманот на Меѓународниот ден на деца од улица. Деца што питааат на улица сѐ уште има иако надлежните органи преземаат мерки за намалување на нивниот број.
„Праксата покажува дека ефектите од згрижувањето на децата, начините на работа со нив очигледно не ги даваат посакуваните резултати. Податоците што ги обезбедивме преку центрите за социјална работа, преку Заводот за социјални дејности, од интервјуата со самите родители, со самите деца згрижени во дневните центри за деца во социјален ризик, деца на улица, укажуваат на тоа дека сѐ уште причините за појавата на деца на улица не се сфаќаат сериозно“, вели Бајрамовска-Мустафа.
Таа вели дека сегашната состојба со децата на улица треба да се сфати како аларм за посериозен пристап на институциите кон решавањето на проблемот оти децата на улица многу лесно може да завршат како жртви на трговија со деца.
„Сметаме дека сегашниот протокол, доколку се оди по утврденото како норма, како правило, може да даде сериозни резултати, но фактот дека ние секојдневно сме сведоци на деца што не питаат сами, туку со своите родители, питаат со други лица, кои се, а можеби и не се нивни блиски, укажува на потребата од многу посериозен ангажман на надлежните центри за социјална работа, а во чија надлежност се овие семејства во социјален ризик. Да работат со нив, да ги мапираат евентуалните можни злоупотреби, да ги превенираат можните злоупотреби на овие деца бидејќи и пред десетина години и сега го кажуваме истото – ваквите деца во социјален ризик, кои животот го поминуваат на улица, наместо детството да го поминат во училишните клупи со своите врсници, се многу лесно подводливи, многу лесно може да бидат жртви на секакви злоупотреби, на секакви манипулации, вклучително може да бидат и жртви на трговија со деца“, смета Бајрамовска-Мустафа.
Досегашното искуство со децата на улица и работата со нивните родители, според Бајрамовска-Мустафа, укажало и на решението на проблемот. Сите деца што питаат потекнуваат од семејства што живеат во супстандардни услови, без вода, без струја, и за многумина социјалната помош е единствен извор на приход, па од тука решение на проблемот би било вработување, образование и обезбедување постојан приход за родителите, кои би обезбедиле нормален развој на децата.
„Најсоодветно решение, според институцијата Народен правобранител, е да може да се работи со овие деца и со родителите еднакво. Она што нашето истражување покажува дека недостига е лошата материјална состојба, тешката економска состојба во која живеат овие семејства, е една од причините што тие излегуваат на улица. Затоа, една од нашите препораки во истражувањето е да се обезбеди постојан приход на овие семејства затоа што егзистенцијата со социјална помош очигледно не ги дава потребните резултати. На една од посетите кога го направивме истражувањето во летниот период во дневниот центар разговарајќи со еден од родителите чие дете беше изложено на питање, одеше да пита со своите врсници, запрашан зошто сега неговото дете не оди да пита, одговорот беше: ‘сега јас работам, нема потреба да излезе и да пита’. Ова укажува каде треба да се работи со овие семејства и факт е дека треба континуирано да се подигнува и свеста на родителите, меѓутоа и, генерално, на заедницата за тоа дека питањето или давањето пари не е решение на проблемот. Треба посериозно да се зафатиме со решавањето на овој проблем. Како што го решивме проблемот со неевидентираните лица, така и децата на улица да го имаат крајното решение, кое ќе биде во нивен најдобар интерес“, вели Бајрамовска-Мустафа.
Трите центри за деца од улица згрижуваат најмногу 70-80 деца оти максималниот капацитет им е ограничен на 24. Два од нив се во Шуто Оризари, а еден во Кисела Вода. Бајрамовска-Мустафа вели дека овие три центри не се доволни и советува секоја локална самоуправа, каде што има деца на улица, да отвори центри за нивно згрижување и сериозно да се посвети на работата и со децата и со родителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Кисела Вода и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија информираат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од улиците Кујунџиска и Битпазарска, објектите лоцирани околу националната галерија Чифте Амам, како и дел од корисниците од старата чаршија. (општина Чаир)
– во периодот од 10.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани околу ДИМ Маркет, како и дел од корисниците од улицата Речиште. (општина Кисела Вода)
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни возила
Поради протест блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни моторни возила.
Како што известуваат од Макам-Транс, превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 26.01.2026 година започнаа протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни моторни возила од државите кој ќе трае до надминување на проблемот за евиденција на престој на возачите во Шенген зоната.
Граничните премини кои се блокирани се: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Затворени се граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на нашата држава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај.
Патничкиот сообраќај за патници несметано ќе се врши на секој граничен премин, велат од Макам-Транс.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода дел од Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради давање водоводен приклучок од ф – 200 мм на улицата Титотвелешка б.б без вода ќе останат корисниците од населба Маџар Маало, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.30 часот па се до завршување на работата.

