Македонија
„Моите противкандидати се исплашија од дебата која се поизвесно е дека ќе ја нема, тоа е срам за демократијата“, вели Ванковска

Билјана Ванковска, претседателски кандидат на Левица, при денешната средба со граѓаните на Општина Центар и Општина Кисела Вода освен со претставување на изборната програма се задржа и на известувањето од Владата за денот на гласањето, кое како што вели ги дискриминира граѓаните.
„Го добивме известувањето од Владата за денот на гласањето, кој е слободен ден само за јавната администрација. Сметам дека тоа е неправедно, не е фер услов. Практично, сите приватни работодавачи ќе можат да им оневозможат на граѓаните да го напуштат работното место, да излезат да гласаат, зависно од нивните околности“, рече Ванковска.
Сопред Ванковска на овој начин голем број граѓани, особено од Скопје, но кои потекнуваат од градовите во внатрешноста, нема да бидат во можност да го искористат правото на глас.
Ванковска пред жителите на Центар уште еднаш ги повтори своите цврсти ставови за раскинување на трите договори. Истакна и дека во отсуство на јавна дебата на претседателските кандидати, мора да се оди од човек до човек, од улица до улица за да им се доближи понудената програма на граѓаните.
-Јас и Левица ќе направиме се’ што е во наша моќ програмата да биде достапна до секој еден граѓанин. Очигледно е дека моите противкандидати се исплашија од дебата која се поизвесно е дека ќе ја нема. Тоа е срам за демократијата, истакна Ванковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајот на патот Градско – Прилеп во прекин

Поради случена сообраќајна незгода, патот Градско – Прилеп е во целосен прекин, информира АМСМ.
„Поради товарно моторно возило сообраќајот е попречен на експресниот пат Градско према Прилеп (односно према село Дреново), сообраќајот е во целосен прекин и се одвива по стариот пат низ село Росоман“, велат од АМСМ.
Македонија
Почнува реновирањето на Клиниката за гинекологија

Премиерот, Христијан Мицкоски, утре ќе присуствува на почеток на комплетно реновирање и реконструкција на амбулантите, лабораториите и специјалистичките кабинети на Клинички центар „Мајка Тереза“ ЈЗУ УК Гинекологија и акушерство во Скопје.
Од Владата информираат дека реконструкцијата е во износ од 29.000.000 денари со што, како што пишува во соопштението, ќе се создадат услови за поефикасна дијагностика и лекување на пациентите.
Македонија
Утре облачно време, попладне дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер (над 60 km/h) и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 14, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса времето во следните денови ќе биде променливо облачно и топло со сончеви периоди. Наместа ќе биде нестабилно со врнежи од дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град, особено во деновите од викендот.