Македонија
СДСМ: Силјановска е продолжена рака на Мицкоски, оттука се навредите кон Пендаровски и Ковачевски

Силјановска е продолжена рака на Мицкоски, па оттука се навредите, коишто не штеди да ги упати кон Пендаровски и Ковачевски, велат од СДСМ.
„Ниските напади за мизогинија, личните дискредитации, навредите за интелектуални капацитети, со кои не може да се гордее ниту еден политичар, само потврдуваат дека кај Силјановска, Мицоски и ДПМНЕ расте паниката од пораз на изборите, најавен уште кога не успеаја да соберат доволно потписи за поднесување на кандидатурата на Силјановска за претседател“, додаваат од СДСМ.
Како што посочуваат оттаму, Силјановска и Мицкоски немаат што да кажат за програма, план и визија за иднината на државата и на граѓаните, па затоа упатуваат навреди кон Пендаровски и Ковачевски.
„Ништо не е променето во ДПМНЕ, тоа е истата режимска партија, која сее раздор, навреди, омаловажувања и закани, која на граѓаните може да им понуди враќање во минатото и изолација. Граѓаните сакаат напред, сакаат да живеат во европска Македонија, затоа на изборите ќе го дадат својот глас за европска иднина со СДСМ и Стево Пендаровски“, завршуваат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Учество на министерот Муцунски на Делфи Економскиот форум во Грција

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска и утре учествува на 10. издание на „Делфи економски форум“, што оваа година се одржува од 9 до 12 април во истоимениот град во Грција.
Во рамки на форумот, министерот Муцунски ќе се обрати на пленарна сесија на тема: „Дали ЕУ–САД алијансата е надвор од поправка?“
Форумот во Делфи ги обединува политичките, економските, бизнис, академски и други лидери на мислење, со цел заеднички да се адресираат новите предизвици, да се влијае врз националните и регионалните агенди и да се промовираат одржливи и општествено одговорни политики за раст во Европа, поширокиот Источен Медитеран и Грција.
Македонија
„Вреди“: 229 милиони денари за заштита на животната средина

Со цел обезбедување поздрава животна средина и зачувување на биодиверзитетот, подобрување на животната средина, квалитетот на чиста вода, плодна почва и подигање на јавната свест, од „Вреди“ информираат дека Владата и Министерството за животна средина имаат распишано јавен конкурс за доделување средства од Програмата за инвестиции во животната средина, на кој се нудат 229 милиони денари.
Овие средства, како што појаснуваат, ќе бидат наменети за канализација, третман на отпадни води, водоснабдување, истражувачки програми, како и едукација за подигање на еколошката свест.
Ги повикуваат сите општини, невладини организации, образовни и научни институции, како и секој поединец или организација што има идеи и волја да придонесе, да аплицираат.
„Оваа година им даваме посебно значење на иновативните решенија.
Коалицијата „Вреди“ е посветена на зајакнување и промовирање на социо-еколошките политики. Наша цел е преку нашите политики да изградиме земја за живеење за сите граѓани и земја со одржлив развој, бидејќи само така ќе изградиме сигурна иднина за сегашните и идните генерации“, се истакнува во соопштението.
Македонија
Зошто четири недели по трагедијата во Кочани се уште нема проширување на истрагата, прашува СДСМ

Речиси четири недели по огромната трагедија во Кочани, истрагата сè уште нема одговори на едни од најважните прашања: кој сноси одговорност за пожарот во „Пулс“ и кој е виновен за сериозните безбедносни пропусти на денот на трагедијата, прашуваат од СДСМ.
Иако беше најавено, како што велат, до денеска не е направен ниту еден чекор во насока на проширување на истрагата, ниту за пропустите што ја обележаа кобната ноќ, ниту за оние што ѝ претходеле.
„Не е поведена постапка против ниту едно лице од МВР, ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ, иако тие на 16 март, денот на трагедијата, биле на одговорни позиции. Зошто нема проширување на истрагата иако беше најавено? Зошто ниту еден актуелен функционер којшто бил на функција тој ден не е опфатен со истрагата ниту пак е повикан на распит? Не смее да има заштитени. Не смее да продолжи селективно да се води истрагата.
Одговорност мора да има – без разлика на функцијата или позицијата. Ова не е партиско прашање. Ова е прашање на правда, на доверба во институциите и на почит кон жртвите и нивните семејства“, истакнуваат од опозициската партија.
Граѓаните, додаваат од партијата, имаат право да ја знаат вистината.
Според СДСМ, тие одговори мора да донесат конкретна одговорност, и тоа на сите нивоа.
„СДСМ останува цврсто на ставот: мора да има целосна, транспарентна и неселективна истрага. Правдата за Кочани мора да победи. Таа правда мора да биде недвосмислена, видлива и целосна“, потенцираат од партијата.