Македонија
Николоски со порака до Ангов: Престани да правиш притисоци и да нудиш поткуп, тоа е казниво
„Веќе се бројат деновите до првиот круг на претседателските избори и сум сигурен дека уште првиот круг ќе донесе огромна победа за ВМРО-ДПМНЕ, за Гордана Силјановска Давкова и ќе е влез за голема победа на осми мај на претседателските и парламентарните избори“, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа на ИЕ4 од митингот во Дојран.
„Сакам да започнам со една локална тема, во четвртата изборна единица малце се општините каде што ВМРО-ДПМНЕ нема градоначалник, една од тие е Дојран и сум убеден дека следната година ќе имаме градоначалник и тука и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја води општината“, нагласи тој.
Николоски додаде дека има неколку пораки до актуелниот градоначалник при што посочи дека во Дојран пропаѓаат убаво уредените плажи и патеката околу езерото, во Дојран езерото зависи само од Господ и од природата, затоа што не функционира или нередовно функционира системот кој што треба да го одржува езерото. Не е одговорно од градоначалникот што воопшто не посветува внимание на овие работи.
„Пред некој ден бевме на другата страна, во селото Николиќ и ни рекоа тука во близина имавме преубаво уредена плажа за жал сега ја нема затоа што никој не се грижи за неа. И ни велат покрај земјоделие можеме убаво да живееме од туризам но градоначалникот тоа не ни го овозможува“, рече Николоски.
„Би му порачал дека треба многу, многу поодговорно да се грижи за општествениот, државниот имот затоа што тоа е имот на сите нас и тука се трошат пари од сите вас, од граѓаните на Дојран, но и на сите кои што сакаат да помогнат“, порача Николоски.
Тој посочи дека втората порака до градоначалникот на Дојран е да го предупреди дека согласно Изборниот законик и Кривичниот законик се сметаат за тешки кривични дела, делата против изборите. Николоски додаде дека слуша дека градоначалникот тргнал притисоци да прави и поткуп да нуди.
„Да му кажам дека тие кривични дела не застаруваат, за нив се одговара, казните се големи. За некои се од пет години нагоре, а за некои се и од десет години нагоре. Така што пет пати да отвори очи пред било што да прави, да престане да прави притисоци и да престане да нуди поткуп“, нагласи Николоски.
„Третата работа која што сакам да ја порачам е дека многу внимателно ја следиме неговата работа. Иако општината на прв поглед изгледа мала заради езерото е исклучително атрактивна. Има бројни сомнежи за злоупотреба на службена положба. А, пред се во делот на урбанизмот, и тоа го следиме многу внимателно. И сето тоа ќе биде внимателно истражено затоа што никој не смее да се богати на ваш грб, никој не смее да се богати на грб на граѓаните“, порача тој.
Николоски укажа дека се надева дека градоначалникот на Дојран ќе ги слушне трите пораки.
Тој додаде дека изборот е јасен, Македонија е време да стане повторно горда, а тоа ќе биде со Гордана Силјановска Давкова како претседател на државата и ВМРО-ДПМНЕ да ја формира владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.
Македонија
(Видео) „Молкот на власта за скандалот со 5 тони дрога е потврда дека се штитат виновните“, вели Огњеновиќ
„Втор ден по ред власта молчи за картелскиот скандал со заплена на 5 тони дрога од Македонија во соседна Србија. Молкот е потврда дека власта се обидува да го заташка скандалот и да ги заштити виновниците. Како тоа поминале 5 тони дрога преку македонската граница а нема одговорност од никој“, прашува Петар Огњеновиќ, член Извршниот одбор на СДСМ.
„Нели има „сејф сити“ камери, скенери и контроли на граничните премини. И никој ништо не видел, не чул, додека дрога од 5 тони така лесно се пренела?
Без поддршка, заштита и логистика од структури во власта, во МВР, во Царина, криминал од вакви размери не е можен.
Прашање е уште колку вакви пратки дрога редовно поминувале, колку уште тони дрога се пренесени преку македонските граници. И уште колку тони дрога се уште се шверцува.
Овој картелски скандал покажува до каде одат пипците на криминалот и корупцијата на власта.
СДСМ со денови алармира за директна поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија, а овој случај е уште една потврда за тоа. Секојдневието на македонските граѓани е како во мафијашки филм.
Криминални тендери, шверц на 5 тони дрога, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници од 65.000 евра. За картелскиот скандал со 5 тони дрога мора да има одговорност. Обвинителството мора конечно да се разбуди и да отвори истрага.
Кој се во Македонија е вмешан во шверцот на дрога? Колку дрога е помината преку границите? Каде завршуваат огромните пари од шверцот на дрога и што се финансира со овие пари? Кој ќе одговара“, праша на прес-конференцијата, Петар Огњеновиќ, член Извршниот одбор на СДСМ.
Македонија
Иницијатива на Лајка: „Биди мојот Валентајн за еден ден” – прошетка и љубов за бездомни кучиња
Во месецот посветен на љубовта, ЈП Лајка започнува посебна иницијатива за љубителите на животни – „Биди мојот Валентајн за еден ден”. Со оваа акција, јавноста има можност да подари љубов и внимание на бездомни кучиња кои со месеци, а некои и со години, не излегле надвор од ѕидовите на прифатилиштето, известуваат од Лајка.

„Иницијативата им овозможува на граѓаните да изберат куче и да поминат еден цел ден со него надвор од прифатилиштето – на прошетка, во парк, на кафе, или дури и во локален пет-шоп. Целта е да им се овозможи на кучињата социјализација, збогатување на денот и да се покаже колку љубов може да направи разлика, дури и за само еден ден.
Со оваа иницијатива сакаме да ја покажеме убавината на социјализацијата и да создадеме емотивни врски помеѓу луѓето и нашите кучиња. Секое куче заслужува своја мала радост и да почувствува љубов.

Сите заинтересирани можат да се пријават на нашите телефонски броеви или преку нашите социјални мрежи.
Иницијативата е отворена за сите над 18 години, а учесниците ќе добијат инструкции за безбедно дружење со кучињата“, соопштуваат од Лајка.

