Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура
Скопје следниов период станува побогато со нова низа книжевни, музички, театарски и мултимедијални настани.
Почнува „Видик“ – нов фестивал, кој ќе се одржува од 16 мај до 16 јуни, во организација на „Литература.мк“.
Цел месец ќе уживаме во убава и динамична атмосфера во амбиентот на „Литература.мк“, која ќе комбинира литературни промоции, изложби, концерти и театарски изведби и ќе ги задоволи разновидните вкусови и интереси.
Прегледајте ја целата програма и придружете ни се!
ПР
Култура
Македонка Божиновска е лауреат за „Антево слово“ за 2024 година
Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ (Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia), во соработка со Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ (Kontext), годинава седми пат ја доделува наградата за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“ („Антево слово3), специјална награда на фестивалот утврдена во чест на великанот на македонската поезија – Анте Поповски.
Меѓу учесниците, освен поети од Македонија, имаше автори и од Англија, Албанија, Бугарија, Тунис и Кипар, а во поширокиот избор влегоа: Ристо Маџунков, Ана Бунтевска, Дарко Лешоски, Соња Карбева, Милчо Мисоски, Елизабета Дончевка-Лушин, Љубица Шопова, Јулијана Младеновска-Тешија, Елизабета Бандиловска, Маја Апостолова, Ирена Павлова де Одорико и Марија Чокалова.
Жири-комисијата во состав: Митко Гогов (претседател), Виолета Танчева-Златева, Драгана Евтимова, Жорж Поповски (членови) и Геро Ла Векија (надворешен соработник), по пристигнати стотина песни, едногласно одлучи да ѝ ја додели првата награда на Македонка Божиновска за песната „Криенка“.
1. Македонка Божиновска – КРИЕНКА
2. Милена Сиљаноска – АКО ИМАМ УШТЕ ЕДЕН ЧАС СО ТЕБЕ
Александра Спасеска – „ИМАЛО ДЕНОВИ
3. Рекија Фебио (Италија) – ЌЕ ЧЕКОРИШ
Антева Темјана (псевдоним) – ОРЕВОТ
Млад автор:
Васја Мицковски – ЗА ПЛАШЛИВИТЕ
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во својата кратка, но ефектна песна „Криенка“, Македонка Божиновска ни ја открива целата филозофија на човекувањето. Симплифицирана во изразот, со само неколку слики од детството, ни открива панорама на сеќавања, колективна носталгија, но и суштински светоглед, кој ја одразува длабочината на авторското восприемање на реалноста.
Првата строфа е блескава слика на актуелната состојба на современиот човек, неговиот зазор од Другиот и обидот да се скрие во својата лушпа. Но, дури и кога мисли дека нашол добар заслон, сепак сенката го издава и останува видлив и изложен во светот. Издигнувајќи се над другите во животот, освојувајќи високо место во хиерархијата на она што го нарекуваме успех, човекот сфаќа дека и покрај достигнатите височини, останува „најдолу од сите созданија“.
Стихови што говорат за минливоста, за непостојноста, невидливоста и за кревкоста на единката, преиспитувањето на индивидуална позиционираност во системот на животните вредности. И тоа е мигот кога човек би требало да сфати дека секој од нас е само капка во морето на животот и дека вистинскиот успех се мери со нешто друго – со загледувањето во себе и со победа над возгордеаноста и над потребата за издвојување. Само во дослух со своето божествено битие сме вистински заштитени од злините на светот и само од него можеме да црпиме сили за да ги надвиеме нив и да ги прифатиме различностите. А вистинското издигнување е можно само преку сознанието (росната капка), кое е способно да ни го исчисти и избистри духот за вистинско човекување, за слевање со сите созданија на светот.
Култура
Втор концерт на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ во Македонската филхармонија
По распродавањето на првиот концерт на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ по повод 20 години од издавањето на aлбумот „Трета мајка“, закажан е и втор концерт за сите оние што не успеаја да набават влезници, и тоа на 2 јуни, во Македонската филхармонија, со почеток од 20.30 часот, објави организаторот.
На 1 и 2 јуни македонската публика ќе има ексклузивна шанса по навистина долго време, во интимна атмосфера како онаа во Македонската филхармонија, да ужива во изведбата на албумот „Трета мајка“, „Крушево“ и сето друго што го имаат подготвено големите мајстори на гитарата, Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ.
Воедно, ексклузивно во Македонската филхармонија на 1 и 2 јуни ќе имате и ексклузивна шанса да си го купите својот примерок од изданието „Трета мајка“ на винил, потпишано од страна на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ!
Влезниците за вториот концерт ќе бидат пуштени во продажба од среда (15 мај) во 9 наутро онлајн на ticketx и во продажната мрежа на ticketx во Македонија по цена од 1.500 и 1.990 денари.