Македонија
Ковачки: Кога ВМРО-ДПМНЕ нешто ќе вети, ќе стави на хартија, ВМРО-ДПМНЕ тоа го реализира

За развој на општините во нашата програма е предвидено 250 милиони евра секоја година од централниот буџет до општините. За општина Лозово имаме 1 милион и 200 илјади евра кои значат нови инфраструктурни проекти само во Лозово, истакна на денешниот митинг во Лозово носителот на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 3, Драган Ковачки.
„Сите овие проекти што се ставени во програмата верувајте дека тие ќе бидат реализирани. Зошто? Затоа што кога ВМРО-ДПМНЕ нешто ќе вети, ќе стави на хартија, ВМРО-ДПМНЕ тоа го реализира. Тоа не е желботека, туку ставено е во програма затоа што тоа го дознавме од вас граѓаните кога имавме акции на терен, затоа што ВМРО секогаш е на терен“ потенцираше Ковачки.
Тој исто така додаде дека луѓето од актуелната власт не ги интересираат граѓаните, туку ден повеќе на власт, па затоа потребна е сила поддршка на 24 април за Гордана Силјановска Давкова и 8 мај за пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ со цел работите да почнат да се менуваат на подобро.
„Ќе ве потсетам. Кога последно биле овде овие од власта на СДС и на ДУИ? Кога последен пат бил Пендаровски? Кога последен пат бил Ковачевски. Дали воопшто биле тука во Лозово? Дали ве прашале како ви е како живеете? Со што се соочувате и какви проблеми имате? Очигледно не, затоа што нив не ги интересираат граѓаните, туку нив ги интересира ко да останат еден ден плус на власт и тоа мора да го промениме“, потенцираше Ковачки и додаде:
„Вие сте тие кои давате и вие сте тие кои земате мандат. Ние очекуваме тој мандат на 24 април, односно задутре таа поддршка да ни ја дадете. Да и ја дадете на Гордана Силјановска Давкова на 24 април, а после и на 8 мај да ја дадете и на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ. Ни треба масовна поддршка и масовна излезност за да можеме да ја реализираме програмата и за да можеме сѐ што сме ставиле во програмата да реализираме“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Судот го одложи судењето, Штекли добил епилептичен напад

Судењето за случајот „Штекли“, во кој повеќе лица се обвинети за организирана продажба на дрога, е одложено за 9 октомври. Одлагањето следува по епилептичен напад на првообвинетиот Раде Трајковски – Штекли, пред почетокот на рочиштето. По укажана лекарска помош, тој одбил да прими терапија.
Судијата Илија Трпков ја донесе одлуката за одложување, истакнувајќи дека ќе се почитуваат правата и здравствената состојба на обвинетите, но и дека секој обид за одолговлекување ќе биде санкциониран.
Адвокатот на Штекли, Сашко Дуковски, пред судот изјави дека епилептичен напад на лице со дијагностицирана епилепсија не може да се третира како нарушување на редот во судницата. Тој посочи дека обвинетиот ниту еднаш не го нарушил редот на расправата и дека нападот се случил непосредно пред почетокот на главното рочиште. Дуковски додаде дека одбраната нема интерес да го одолговлекува процесот. Додаде дека обвинетиот вчера бил прегледан и дадена му е терапија од психијатар, со оглед на суицидални идеи.
Во предметот обвинети се вкупно 10 лица, за организирана продажба на кокаин и марихуана, по речиси едногодишна истрага.
Македонија
Сабри Азири: Бујар Османи поминал повеќе од 10 години на власт, но ниту еден ден за Чаир

Сабри Азири, портпарол на изборниот штаб на кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата „Влен“, Изет Меџити, на прес-конференција зборуваше за политичката кариера на Бујар Османи и отсуството на резултати за граѓаните на Чаир.
Според Азири, Бујар Османи поминал 3.672 дена на високи државни функции, и тоа како министер за здравство (27 јули 2008 – 28 јули 2011) → 1.096 дена, вицепремиер за европски прашања (31 мај 2017 – 30 август 2020) → 1.187 дена, министер за надворешни работи (30 август 2020 – 23 јуни 2024) → 1.389 дена, претседавач со ОБСЕ (1 јануари 2023 – 31 декември 2023) → 365 дена.
Вкупно, 10 години и 22 дена на министерски и извршни позиции, пресмета Влен.
Сепак, во текот на сето тоа време, Азири рече дека Османи ниту еден ден не посветил на чаирчани.
Тој посочи неколку факти кои, според него, ја покажуваат хипокризијата на Османи: Нула дена за чаирчани – два дена со Сергеј Лавров во Скопје. Нула дена за чаирчани – една недела со Никола Груевски во Будимпешта. Нула вработувања за чаирчани – додека сопругата е вработена во АЕК, сестрата во М-НАВ, а бизнисот на братот на Османи напредува.
„Ова е реалниот биланс на Бујар Османи по повеќе од една деценија на власт. Затоа, денес тој нема образ да им ја побара довербата на граѓаните на Чаир“, заклучи Азири.
Македонија
Поранешниот директор на струмички „Комуналец“ пријавен за злоупотреби и бесправна градба

Полицијата во Струмица до Основното јавно обвинителствоподнесе кривична пријава против З.Г. (56) од Струмица – поранешен директор на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ Струмица, против јавното претпријатие, против Г.Б. (52) од Струмица и против правно лице од Струмица поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“ по член 244-а во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Јавното претпријатие, застапувано од З.Г. и правното лице, застапувано од Г.Б., со заеднички дејствија изградиле објект од втора категорија, кој се користел како деловен објект, без издадено одобрение за градење од општина Струмица.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против поранешниот директор и поради постоење на основи на сомнение за сторени две кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Во првиот случај, пријавениот З.Г. склучувал договори за закуп на простор пред објект – настрешница со правно лице од Струмица, која била бесправно изградена на зелена површина. Договорите биле склучувани со непосредна спогодба иако станувало збор за простор за кој согласно Законот за комуналните такси е потребна согласност од општината и наплата на комунална такса. На тој начин била нанесена штета на буџетот на општина Струмица, а ЈПКД „Комуналец“ Струмица остварило финансиска корист во вкупен износ од 847.126 денари.
Во вториот случај, во периодот од 2020 до 2023 година, З.Г. од истото правно лице вршел набавка на храна и угостителски услуги без спроведување на постапка за јавна набавка согласно Законот за јавни набавки, со изговор дека храната била за работници кои работеле прекувремено. Во фактурите нема детално објаснување за набавките, ниту поткрепувачка документација за тоа кои лица користеле оброк и дали работеле ноќе или прекувремено, а претпријатието немало план за работа во смени. Со ваквите дејствија била причинета штета на претпријатието во износ од 307.800 денари.