Култура
Костадиновска-Стојчевска: „Правината се танчи, ама не се кинит“ – нов мурал во Прилеп во рамки на “Цртај на македонски”
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска на промоцијата на новиот мурал на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, порача дека младите преку уметноста оддаваат почит кон личностите кои имаат непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја.
− „Цртај на македонски“ со креативни уметнички идеи го заштитува и го промовира македонскиот јазик. Насликан е уште еден мурал преку кој младите уметници оддаваат почит кон личностите со непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја − рече Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека во изминатите три години младите со своите креативни идеи на автентичен начин ги популаризираат македонскиот јазик и нашата уникатна народна мудрост.
Муралот е дел од конкурсот на Министерството за култура, „Цртај на македонски“, а го изработи визуелната уметница Ивана Самандова, во организација на „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“. Муралот, на кој е насликан цитатот „Правината се танчи, ама не се кинит“ од македонскиот културен деец, собирач на умотворби и фолклорист Марко Цепенков, е дел од поддржаниот проект на Самандова, „Јазикот коски нема, ама коски кршит“.
– Преку конкурсот „Цртај на македонски“ во изминатите три години ги поттикнавме младите на креативност. Отворивме нови можности за поддршка и презентација на нивниот талент – рече министерката за култура и додаде дека за три години преку овој конкурс се доделени пет милиони денари за реализација на над 60 дела.
„Министерството за култура останува посветено кон младите автори за чие творештво секогаш имаме посебна почит и обврска да го прикажеме на публиката“, истакна Костадиновска-Стојчевска денеска на промоцијата на новиот мурал на предната фасада на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Хорот и оркестарот на скопското училиште „Кузман“ освои шест награди во Јесоло, Италија
Туристичкото место Јесоло во Италија ги отвори вратите за 500 учесници од 12 држави од светот, меѓу кои и избраниците на професорката по музика Вера Ангеловска од ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Кисела Вода. На Светскиот куп во фолклор учесниците настапија во разни дисциплини. Македонските претставници се одлучија за вокално-инструментален ансамбл со хорот и оркестарот, како и соло настапи на пет вокали солисти и еден соло инструмент – гитара.
Старата македонска песна „Учи ме, мајко, карај ме“ беше изборот на Ангеловска за хорот и оркестарот.
Оваа музичка дружина, која брои 49 члена, од кои 39 вокали, осум флејтисти и двајца гитаристи, ја стресе бината. Под диригентската палка на Верче кузмановци блеснаа на отворената сцена, а за комплетен впечаток се погрижи прекрасната кореографија со автентични македонски предмети, како и рецитирањето строфа од македонската љубовна песна „Дениција“.
„Публиката задоволна, жирито исто така. ‘Кузман’ и овој пат ги освои срцата на присутните. Освоеното второ место, пехарот, медалите и дипломите ќе останат да сведочат за овој огромен успех на ООУ ‘Кузман Јосифовски – Питу’. Паричниот ваучер ќе биде само мотив повеќе да се продолжи со работа до следното претставување голем музички настан. Во оваа конкуренција немаше освоено прво место “, велат од училиштето.
За дефилето пред завршната вечер, Македонија беше избрана од страна на организаторот да ја предводи долгата редица натпреварувачи на улиците на Јесоло, па ечеа македонски песни и се вееја македонски знамиња.
Солистите освоија едно прво место, две втори и две трети места, како и една пофалница.
Македонските претставници велат дека добиле и ексклузивна покана за прием кај градоначалникот на Јесоло, Кристофер де Зоти, кој ги поздравил и им посакал уште поголем успех во иднина на музичките таленти од Македонија.
Култура
Промоција на стихозбирката „Моето алтер его“ од Елеонора Николовска
Во НУ Центар за култура – Крива Паланка, вечерва (28 мај), со почеток во 19 часот, ќе биде промовирана стихозбирката „Моето алтер его“ од поетесата Елеонора Николовска, во рамките на манифестацијата „Крива Паланка – град на културата 2024“.
Станува збор за збирка од 47 лирски песни со посебно изразена живост, преку кои Николовска порачува: „Никој нема совршен живот, но сите имаме совршени моменти“.
Рецензентка на збирката е Силвана Крстовска, а промоторка Ирена Белешковска. Стихови ќе чита поетесата Емилија Колевска, а куриозитет за публиката ќе биде настапот на младата талентирана Нина Николовска, државен првак во соло пеење.
Илустрациите на поетската збирка се креирани од Ана Срока, преку колаж на цветни мотиви што ги разигруваат страниците полни со емоции.
Елеонора Николовска е родена во Крива Паланка. Дипломира на Филолошкиот факултет, а подоцна магистрира менаџмент на човечки ресурси.
Авторка е на збирката поезија „Чекајќи го животот да се случи“, (2021) и збирката раскази „Расказите раскажуваат“ (2023).
Нејзините поетски творби, раскази, сатирични песни, афоризми и други творби се објавени во над 70 збирки, зборници, списанија, антологии на македонската и балканска книжевна сцена.
Култура
Патувачката изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ се враќа во Штип
По успешните претставувања на изложбата од Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ пред прибирливата публика во Софија и пред публиката од разни возрасти во Виница, „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ се враќа во своето почетно место – Штип.
Со отворањето во „Галерија 22“ на НУ Центар за култура „Ацо Шопов“ во Штип, на 28 мај 2024, со почеток од 12 часот, делата од дипломираните и актуелни студенти ќе ја заокружат целта на проектот – афирмација на штипската Ликовна академија во земјата и регионот.
Со проектот се случи првото претставување на квалитетите на високообразовната установа надвор од државата и градот Штип. Проектот создаде пријателства и поврза институции од областа на културата и образованието. Се разменија искуства и се говореше за квалитетот на образованието и ликовната уметност.
Изложбата во Штип ќе биде отворена од страна на деканот на Ликовната академија, проф. д-р Петар Намичев, во присуство на професорите – ликовни уметници, како и во присуство на авторите на изложените дела.
Учесници на изложбата се: Вангел Крстиновски, Бојана Тошевска, Мики Иванов, Миа Ефремова, Крсте Тарабунов, Ивана Ивановска, Дејан Витанов и Александра Јеротиевиќ-Андреева.
Жанровски најзастапена е мртвата природа, а исто така може да се видат и лицата на некои од авторите преку жанрот автопортрет, како и дела што биле дел од специфични задачи од опфатените предмети во Ликовната академија.
Д-р Иво Пецов како куратор на изложбата се погрижи да бидат избрани карактеристичните дела од ареалот на штипската Ликовна академија во согласност со целите на нејзината програма – да образува кадри од областа на класичното сликарство. Изложбата прави своевиден пресек на досегашната работа на Академијата, а изложените дела се од периодот 2019 – 2023 година.
Во образовната програма „Класично сликарство“ студентите од оваа изложба работеле под менторство на разни наставници, и тоа: Викторија Егорова и Игор Егоров од Русија, Лариса Бондаренко и Владимир Недајборшч од Украина, како и македонските професори: Јордан Ефремов, Слободан Милошески, Ванѓа Димитријева-Кузманоска и Јана Јакимовска.
Посетителите на галеријата во НУ Центар за култура „Ацо Шопов“ во Штип ќе имаат можност да ја разгледаат до 10 јуни 2024 година.